„Сега имам малку поинаква одговорност кон мојата музика“, вели младата македонска пејачка Елена Васова, годинашната добитничка на регионалната награда „Милан Младеновиќ“.
Ова признание, доделено по седми пат за најдобра песна од поранешна Југославија, ѝ беше врачено на 21 септември, на денот на раѓањето на легендарниот фронтмен на „Екатарина Велика“, а во суперфиналето влегоа и Таад Пол, „Гризете“, „Оксајо“ и „Дигитронс“.
Васова вели дека наградата ѝ е поттик да чекори посигурно, баш поради самата тежина што ја носи. Во разговор за „Блумберг Адрија“, таа раскажува дека силен впечаток ѝ оставил и главниот настан, кој трета година по ред се организира во Макарска, во рамките на фестивалот „Модро и зелено“.
„Неверојатна организација, треба да се земе за пример. Ме плени убавината на овој град, не може човек да остане рамнодушен“, вели таа.
Васова ја доби наградата за песната „Љубов“, која сама ја напиша, а ја продуцираше заедно со Ненад Стефановски, кој ги правеше миксот и мастерингот. Гитара свири Ади Имери, клавијатури Петар Лукиќ, бас-гитара Мартин Џорлев, а хармоника Милош Спасов.
„Одлучив да напишам приказна со која верувам дека многумина се поистоветуваат и ги најдов правите луѓе да ми помогнат да ја раскажеме. Сѐ што пишувам е дел од мене“, ни откри таа за создавањето на победничкиот рефрен.
Васова е втора македонска пејачка што го доби ова признание, повторувајќи го успехот на Дина Јашари, која во 2022 година триумфира со темата „Дома“. Критичарите сметаат дека ова е знак за нов бран авторки што го менуваат звукот на овие простори, а и нашата соговорничка има такво чувство.
„Нѐ има доста и верувам дека можеме да направиме пресврт, нешто повеќе за нашата култура“, вели таа. Наградата се состои од плакета и 3.000 евра, средства што планира да ги вложи во нов материјал. Исто така, таа има можност да настапи на неколку регионални музички фестивали, како „Арсенал фест“ во Крагуевац.
Васова смета дека парите и комерцијалниот успех не можат да ѝ ја загрозат искреноста. „Никако, сѐ додека сме искрени и истрајни, нашето време ќе си дојде“, порачува таа. Интересен е нејзиниот став за влијанието на трендовите и на стримингот врз креативната слобода на независните музичари.
„Не постои притисок од алгоритмите доколку не им дадеме значење. Платформите може да ги искористиме во наша полза, можеби ние ќе бидеме тие што ќе започнат некаков тек. И нема ништо страшно во тоа да следиме одреден тренд, во ред е да ни се допаѓа нешто“, објаснува таа.
Васова, која веќе е во процес на создавање нова музика, да твори, како што вели, никогаш и не престанала.
„Знае да се јави понекој нов ‘воис мемо’, особено периодов ми надојде бран на инспирација. Албум и EP ми се главниот фокус“, открива таа.
Елена Васова. Фото: Ања Калин
Школуван глас со богата биографија
Елена Васова е родена во Скопје во 2000 година. Таа е дипломирана вокално-инструментална изведувачка на отсекот соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Иако песната „Љубов“, за која ја освои наградата „Милан Младеновиќ“, е нејзин втор официјално издаден сингл, таа има импресивно музичко искуство.
Својот уметнички пат го почнува во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, на отсекот за виолина, но не престанува да го негува пеењето, при што станува членка во детскиот хор „Пиколо“, а паралелно и во детскиот хор при ОУ „Св. Кирил и Методиј“, каде што настапува и како солистка.
Во 2014 година, по добивањето улога во јапонската опера „Ноќниот жерав“ од јапонскиот композитор Икума Дан, во продукција на Токиската опера и Македонската национална опера, Васова го продолжува своето образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, изучувајќи го оперското пеење во класата на проф. Светлана Донковска.
Во текот на средното образование таа е учесничка на државни и меѓународни натпревари, каде што освојува награди, а паралелно станува членка на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, каде што настапува и како солистка на повеќе турнеи и натпревари низ Полска, Русија, Шведска, Ирска, Италија, Шпанија и Франција. Како солистка настапува и на „Коста Трпков“, „Руска романсијада“, „Скопско лето“ и „Охридско лето“, придружувана од Македонската филхармонија. Повеќе од пет години е активна членка и во професионалниот мешан хор „Про арс“.
Васова паралелно соработува со солисти и бендови од светот на популарната музика. Има препеано неколку песни искористени за реклами, вклучувајќи ја и познатата „Сребрени улици“ од Маја Оџаклиевска. Со нејзината авторска музика има настапувано на фестивали како „Земјотрес“ и „Млади за млади“, а има учествувано и во реализацијата на студиски снимки за високобуџетни филмски проекти, едукативни програми, музика за компјутерски игри и музички албуми од различни жанрови во студиото ФАМЕС.
Наследството на Милан Младеновиќ
Милан Младеновиќ (1958–1994) беше фронтмен на легендарниот бенд „Екатарина Велика“ (ЕКВ), една од најзначајните рок-групи од југословенските простори. Тој претходно свиреше во составите „Лимуново дрво“, „Шарло Акробата“ и „Катарина II“, но токму преку ЕКВ стана симбол на генерацијата што бараше смисла и слобода во турбулентните осумдесетти и рани деведесетти години од минатиот век. Неговите песни како „Пар година за нас“, „Очи боје меда “, „Круг“ и „Ти си сав мој бол“ денес се сметаат за класика на регионалната рок-сцена. Беше познат по својот препознатлив глас, поетските текстови и харизматичниот сценски настап.
Младеновиќ почина млад, на 36-годишна возраст, од рак на панкреасот, оставајќи зад себе богато музичко наследство и статус на култна личност. Во негова чест е востановена наградата „Милан Младеновиќ“, која од 2019 година се доделува за најдобра песна создадена на просторите на поранешна Југославија, според критериумите што и самиот Милан ги негуваше - автентичност, уметнички интегритет и емотивна сила.
Годинава пристигнаа 158 пријави, а жирито во состав: Иван Лаиќ (Хрватска), Давор Лукас (Хрватска), Милорад Мики Ристиќ (Србија), Горан Трајкоски (Македонија) и Бојана Вунтуришевиќ (Србија), одбра 12 финалисти.
Добитник на наградата во 2019 година беше Артан Лили за песната „D.E.P.R.A.“ Следната година жирито ја избра песната „Дај ми све“, во изведба на групата „Драм“. „Ана енд Д чејнџис“ беа добитници во 2021 година за песната „Ту“, а во 2022 година лауреатка беше нашата Дина Јашари. Во 2023 година лауреати беа членовите на бендот „Љубичице“ за песната „Док чекамо пад“, додека во 2024 година тоа беше групата „Немечек“ за песната „Мирила“.
Зад организацијата на наградата, како и другите активности што имаат цел авторското и личното наследство на Милан Младеновиќ да се зачува како целина и да се насочи кон културни и хуманитарни цели, стои невладината фондација „Милан Младеновиќ“ (Zadužbina Milana Mladenovića), основана според волјата што во својот тестамент ја остави мајката на Милан, Даница Младеновиќ.