Нето богатството на основачот на „Дипсик“ (DeepSeek), Лианг Венфенг, е повеќе од двојно зголемено по последната рунда на прибирање капитал на неговата компанија, со што кинескиот претприемач стана најбогатиот основач на компанија која развива модели на вештачка интелигенција (ВИ) во светот.
Богатството на Лианг сега се проценува на 36 милијарди долари, во однос на околу 16,7 милијарди долари претходно, според Bloomberg Billionaires Index. Со тоа тој значително ги надмина коосновачите на „Антропик“ (Anthropic PBC), Дарио Амодеи, и Грег Брокман од „Опен еј-ај“ (OpenAI).
Во споредбата, „Блумберг“ ги опфати компаниите чија основна дејност и најголем дел од приходите директно потекнуваат од ВИ модели. Од листата се исклучени диверзифицирани конгломерати како „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) и „Тенсент“ (Tencent Holdings Ltd.), како и други компании од синџирот на снабдување на ВИ индустријата, како што се дата-центри и производители на полупроводници.
Најголемиот дел од богатството на Лианг потекнува од неговиот сопственички удел во „Дипсик“. Големата побарувачка од инвеститорите ја зголеми вредноста на компанијата околу петпати во однос на почетната проценка од 10 милијарди долари од април. Откако стартапот во јуни 2026 година собра 7,4 милијарди долари, со проценета вредност на компанијата од 50 милијарди долари и лична инвестиција на Лианг од три милијарди долари, се проценува дека неговиот удел е намален на приближно 78 проценти, според Bloomberg Billionaires Index.
„Дипсик“ не одговори на барањето за коментар.
Милијардери од областа на ВИ моделите | Bloomberg
Лианг е роден во 1985 година во Џанџијанг, во јужната кинеска провинција Гуангдонг, каде што неговиот татко бил наставник во основно училиште. Студирал електронско инженерство на престижниот Универзитет Џеџијанг во Хангџоу, каде што стекнал и магистерска диплома по информациски и комуникациски технологии.
Лианг го основал „Дипсик“ во 2023 година како издвоена компанија од одделот за ВИ на хеџ-фондот Zhejiang High-Flyer Asset Management, кој го започнал со двајца поранешни колеги од универзитетот. Тројцата започнале со тргување уште како студенти за време на глобалната финансиска криза.
Во раната фаза искористил голем профит од тргувањето за да набави напредни графички чипови пред САД да ги заострат извозните ограничувања. Благодарение на тие рани инвестиции, „Дипсик“ ја обезбедил компјутерската инфраструктура потребна за развој на своите револуционерни модели без потпирање на традиционалниот ризичен капитал.
„Дипсик“ на почетокот на 2025 година ја изненади светската технолошка индустрија со објавувањето модел чии перформанси беа споредливи со американските конкуренти како „Опен еј-ај“, но со значително пониски трошоци. Стартапот продолжува по тој пат и неодамна го претстави најновиот модел В4 (V4), нагласувајќи ја неговата компатибилност со чиповите на домашниот технолошки гигант „Хуавеј“ (Huawei Technologies Co).
Со години технолошкото богатство во Кина го симболизираа интернет-претприемачи како Џек Ма од „Алибаба“. Тој период сега му отстапува место на развојот на вештачката интелигенција со државна поддршка. Приливот на државен и корпоративен капитал означува премин на „Дипсик“ од приватен софтверски експеримент во стратешка национална компанија.
Она по што Лианг се издвојува од своите колеги од Силициумската долина е исклучително големиот сопственички удел што го задржал. Во САД, изградбата на компанија за развој на напредни ВИ модели вредна 50 милијарди долари обично подразбира откажување од голем дел од сопственоста во корист на технолошки гиганти и фондови за ризичен капитал. Наспроти тоа, задржувањето на речиси 78 проценти од уделот му донело на Лианг невообичаено високо ниво на лично богатство и контрола над компанијата.
Иако американските гиганти како „Опен еј-ај“ и „Антропик“ достигнуваат проценети вредности што се приближуваат до еден билион долари, нивната сопственост е распределена меѓу поголем број инвеститори и коосновачи.