text size
„Нетфликс“ не расте со темпото што го посакува раководството, па стриминг-гигантот бара нови начини да го зголеми времето што корисниците го поминуваат на платформата и да привлече повеќе приходи од реклами.
„Генерално, не растеме толку брзо колку што сакам и работиме тоа да го забрзаме“, изјави коизвршниот директор на „Нетфликс“, Тед Сарандос, на конференцијата „Блумберг скринтајм“ во Лос Анџелес.
Ангажманот на корисниците во последниот период пораснал за два процента, иако приходите во секој регион се зголемиле со двоцифрена стапка. Компанијата затоа се обидува да ја прошири понудата надвор од своето традиционално јадро - филмовите и телевизиските серии.
Прочитај повеќе
„Нетфликс“ плаќа 200 милиони долари за пренос на СП за жени во 2027 година
„Нетфликс“ ги засилува инвестициите во спортските преноси со договор вреден 200 милиони долари за Светското првенство во фудбал за жени, кое во 2027 година ќе се игра во Бразил.
29.07.2026
Скандалот со мамење го направи шахот совршен за Холивуд
„Нетфликс“ и „A24“ ја искористија расправијата меѓу Ханс Ниман и Магнус Карлсен - контроверзија што ги открива стравовите зад онлајн бумот на шахот.
04.07.2026
„Нетфликс“ ја купи фирмата за вештачка интелигенција на Бен Афлек за 600 милиони долари
Во 2022 година, без никаква публицитет, Афлек ја основа „Интерпозитив“ (InterPositive), компанија со само 16 вработени, со поддршка на инвестицискиот фонд „Ред Бирд Капитал“ (RedBird Capital Partners).
17.03.2026
„Нетфликс“ ја напушти трката за „Ворнер Брос“, „Парамаунт“ го купува студиото за 111 милијарди долари
По повеќемесечна жестока битка во Холивуд, „Нетфликс“ се откажа од наддавањето. „Парамаунт“ е победникот во трката за „Ворнер Брос“, го купува за 111 милијарди долари.
27.02.2026
Околу пет проценти од буџетот на „Нетфликс“ од 20 милијарди долари за содржини сега се насочуваат кон програма во живо. Компанијата во последните години влезе и во спортски преноси, настани, видеопоткасти и содржини од некои од најголемите креатори на Јутјуб. Со тоа директно се засилува конкуренцијата со платформата во сопственост на „Гугл“, особено во борбата за гледачи и таленти.
Целта е корисниците, од кои „Нетфликс“ има околу 325 милиони, да поминуваат повеќе време на платформата и да генерираат поголеми приходи од рекламирање.
Покрај ширењето на дигиталната понуда, „Нетфликс“ планира и поголемо присуство во кината. Сарандос најави дека „Нарнија“ следната година ќе добие киноиздание, како и „Чарли и фабриката за чоколади“ подоцна во годината. Се очекува и продолжението на „К-поп демон хантерс“ да добие „многу широко издание“. Само минатата година „Нетфликс“ прикажал повеќе од 30 филма во кината.
Овој пресврт доаѓа во период кога акциите на „Нетфликс“ годинава паднаа за околу 24 проценти. Компанијата истовремено прогнозира забавување на растот на приходите и профитот, додека трошоците за содржини продолжуваат да растат.
Сарандос го бранеше и обидот „Нетфликс“ да го преземе „Ворнер брос дискавери“, иако на крајот договорот го доби „Парамаунт скајденс“, со повисока понуда.
„Нетфликс“ првично се согласи да ги купи филмските и телевизиските студија на „Ворнер брос“ и стриминг-сервисот „Ејќ-би-о макс“ во договор со вредност на претпријатието од околу 83 милијарди долари. Компанијата во февруари одлучи да не ја следи повисоката понуда на „Парамаунт“.
Сарандос вели дека „Нетфликс“ ја достигнал највисоката цена за која сметал дека може да обезбеди поврат за акционерите.
„Планот беше солиден. На нашето ниво, тоа беше највисоката цена за која сметав дека можеме да им вратиме вредност на акционерите со тоа средство. Над тоа, сметав дека би влегле во негативна зона, дури и со нашата големина“, рече тој.
Според него, „Нетфликс“ во моментов не бара друга голема аквизиција што би го заменила договорот со „Ворнер брос“, туку очекува растот главно да продолжи органски.
Коизвршниот директор ги отфрли и стравувањата дека познати режисери и креатори го напуштаат „Нетфликс“ во корист на конкурентски студија. Тој рече дека заминувањата се поврзани со индивидуални околности, а не со поширока промена во односите на компанијата со креаторите.
Браќата Дафер, автори на „Чудни нешта“ (Stranger Things), сакале да се посветат на големи филмски проекти наменети за кино, додека обврските на Шон Леви кон „Војна на ѕвездите“ го направија „Волт Дизни“ природен избор. Сарандос исто така очекува „Нетфликс“ да продолжи да соработува со режисерот Дејвид Финчер, и покрај завршувањето на неговиот договор со компанијата.
„Нетфликс“ истовремено ги зголемува инвестициите во вештачка интелигенција. Во март компанијата ја купи „Интер позитив“, компанија за технологија за филмско производство со вештачка интелигенција (ВИ), основана од актерот и режисер Бен Афлек, за 587 милиони долари.
Сарандос претходно изјави дека генеративната вештачка интелигенција била употребена на околу 300 наслови, главно во постпродукција. Технологијата се користи за различни задачи - од визуелна подготовка и визуелни ефекти до сложени кадри и секвенци.
Според Сарандос, вештачката интелигенција може да го скрати времето на производство и да ги намали трошоците, а истовремено да го подобри квалитетот.
За „Нетфликс“, битката за раст повеќе не се води само со нови серии и филмови. Компанијата истовремено се шири во спортот и програмата во живо, го зголемува присуството во кината, бара повеќе приходи од реклами и инвестира во технологии што би можеле да го променат начинот на кој се создаваат филмовите и сериите.