„Мајкрософт“ (Microsoft) и „Опен еј-ај“ (OpenAI) истражуваат дали група поврзана со развојот на стартапот „Дипсик“ (DeepSeek) стекнала технолошки тајни на „Опен еј-ај“, изјавија неименувани извори запознаени со ситуацијата.
Експертите за безбедност на „Мајкрософт“ уште минатата есен идентификувале поединци за кои веруваат дека се поврзани со „Дипсик“ и кои презеле големо количество податоци на „Опен еј-ај“ користејќи го нејзиното апликативно програмско правило (API), тврдат извори што побараа да останат анонимни бидејќи случајот е доверлив. Софтверските програмери инаку можат да платат лиценца за користење API за да ги интегрираат моделите на вештачка интелигенција на „Опен еј-ај“ во сопствени апликации.
„Мајкрософт“, технолошки партнер на „Опен еј-ај“ и негов најголем инвеститор, го известил „Опен еј-ај“ за забележаните неправилности. Таквата активност може да претставува прекршување на условите за користење на „Опен еј-ај“ или може да значи обид на групата да преземе количество на податоци над дозволените граници според општите услови за користење на тие правила.
Прочитај повеќе
„Дипсик“ уште повеќе ќе ја поттикне индустријата, велат инвеститори
Инвеститорите во ризичен капитал не се вознемирени од подемот на кинеската вештачка интелигенција.
28.01.2025
Сем Алтман го призна „Дипсик“ како конкурент и најави нови производи
Главниот извршен директор на „Опен еј-ај“, Сем Алтман, во објава на платформата X го поздрави лансирањето на моделот Р1 на „Дипсик“.
28.01.2025
Накратко од светот: Најбогатите изгубија 108 милијарди долари поради „Дипсик“
Корпоративната заедница на почетокот на неделава ја потресе „спутник момент“, поточно новиот модел на вештачка интелигенција развиен од кинескиот „Дипсик“.
28.01.2025
„Дипсик“: Сè што треба да знаете на едно место
Кодот на „Дипсик“ е отворен, што значи дека теоретски секој може да го присвои и да го дополни по сопствена желба.
28.01.2025
„Дипсик“ на почетокот на месецов објави нов модел на вештачка интелигенција со отворен код (open-source) наречен Р1 (R1), кој може да го имитира човечкото размислување, и го потресе пазарот со кој доминираат „Опен еј-ај“ и американските конкуренти како „Гугл“ (Google) и „Мета“ (Meta). Кинескиот стартап тврди дека Р1 е на исто ниво или дури подобар од водечките модели од САД. Тоа наводно го докажуваат различни показатели за успешност, вклучувајќи математички задачи и општо знаење, а притоа е развиен со значително пониски трошоци. Акциите на американските компании поврзани со вештачка интелигенција, вклучувајќи ги „Мајкрософт“, „Енвидија“ (Nvidia), „Оркл“ (Oracle) и матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“ (Alphabet), во понеделникот нагло паднаа.
„Опен еј-ај“ не се огласи на барањето за коментар, додека „Мајкрософт“ одби да ја коментира ситуацијата. „Дипсик“ и неговиот матичен фонд „Хај-флајер“ (High-Flyer) исто така не одговорија на барањата по електронска пошта.
Дејвид Сакс, водач на групата за развој на вештачка интелигенција под водство на претседателот Доналд Трамп, во вторникот изјави дека постојат „јасни докази“ дека „Дипсик“ при развојот на сопствената технологија се потпирал на моделите на „Опен еј-ај“. Во интервју за „Фокс њуз“ (Fox News), Сакс ја опиша дестилацијата, техника во која еден модел за ВИ ги користи резултатите на друг модел за обука и развој на слични способности.
„Постојат значајни докази дека ’Дипсик’ стекнал знаење од моделите на ’Опен еј-ај’ и мислам дека ’Опен еј-ај’ воопшто не е задоволен со тоа“, рече Сакс, без да изнесе конкретни докази.
Во својата изјава „Опен еј-ај“ не ги коментираше тврдењата за „Дипсик“. „Свесни сме дека компании со седиште во Кина - и на други места - постојано се обидуваат да ги дестилираат моделите на водечките американски компании за ВИ“, изјави портпаролот на „Опен еј-ај“. „Како водечки изумители на ВИ, преземаме мерки за заштита на нашата интелектуална сопственост, вклучувајќи внимателна процена на границите на можностите што ги имплементираме во нашите модели. Сметаме дека, во перспектива, од клучно значење е блиска соработка со американската влада за да се обезбеди најдобра заштита на најнапредните модели од обидите на конкуренцијата и ривалските држави да ја присвојат американската технологија“, додаде портпаролот.
Вчера пред излегувањето на оваа информација директорот на „Опен еј-ај“, Сем Алтман, го поздрави „Дипсик“ и најави нови производи од неговата компанија.