Неколку од најдобрите хуманоидни роботи во Кина се соочија со предизвикот да се натпреваруваат против човечки маратонци на трка што се одржа во саботата. Исходот беше интересен - еден падна на стартната линија, на друг му падна главата и се стркала на земјата, а еден се урна и се распадна на парчиња.
Во она што беше најавено како прв полумаратон за андроиди во светот, само четири од 21 роботски тркач ја завршија трката за четири часа, колку што беше предвидено како конечно траење. Трката се одржа во технолошкиот центар И-таун во јужниот дел на Пекинг. Победник беше Тиангонг Ултра, висок околу 177 сантиметри, кој стигна до финишот за два часа и 40 минути, далеку зад едночасовниот перформанс на маратонците што се луѓе, а кои освоија златни медали. Потребни беа повеќе од три часа три роботи што единствени стигнаа до целта да ја завршат мисијата на патеката долга 13 милји (20,9 километри).
Натпреварот на кој човекот се натпреваруваше против машина беше претставен како изложба на амбициите на Кина да се докажува со вештачката интелигенција во многу области - од роботика до полупроводници. Владата на претседателот Шји Џјинпинг го направи развојот на клучните технологии приоритет, зголемувајќи ги трговските тензии со САД.
Во овој обид, сепак, резултатот беше комичен, се случија несреќи и откажувања низ целата трка. Додека Тиангонг се движеше со брзина од околу пет милји на час и изгледаше како вистински атлетичар, многу од неговите роботски конкуренти не беа дизајнирани да трчаат доволно брзо за да ја завршат трката во рамките на определеното време.
Моделот Тиангонг Ултра беше специјално направен за оваа трка и е дело на пекиншкиот институт „Икс-хуманоид“ (X-Humanoid), истражувачки институт поддржан од кинеската влада, кој исто така има финансирање од компанијата „Шаоми“ (Xiaomi Corp.) и роботската стартап-компанија „УБ тек роботикс“ (UBTech Robotics Corp Ltd.).
„Многу сум задоволен од резултатите и сè ги исполни моите очекувања“, наведе во интервју главниот технолошки директор на „Икс-хуманоид“ (X-Humanoid), Танг Џиан. „Ова беше екстремен тест за издржливоста и стабилноста на роботите. Нашата надеж е дека, без разлика на задачите што ќе ги извршуваат роботите во иднина, тие ќе бидат способни да работат непрекинато, 24/7“.
Сепак, Тиангонг падна еднаш и му беа потребни три батерии за да победи. Носеше дрес и беше лидер меѓу роботските натпреварувачи низ целата трка. Човечки инструктор што носеше сигнален уред на долниот дел од грбот трчаше пред роботот за да ги имитира неговите движења. Повеќето од другите андроиди беа контролирани со џојстици од човечки оператори што трчаа покрај нив. Некои дури имаа и поводници. Дваесетина тима ја преминаа стартната линија последователно, следени од мини-автобуси со заменици и инженери што беа во состојба на готовност.
Bloomberg
За да се квалификуваат за трката, роботите мораа да имаат хуманоиден изглед и да трчаат на две нозе. Им беше дозволено да менуваат батерии за време на трката или дури и да имаат замена, иако беа изрекувани временски казни за секоја употребена замена. Гледачите, вклучувајќи родители со мали деца, ги бодреа, а некои од човечките натпреварувачи дури и застануваа близу стартот за да се фотографираат со своите механички колеги.
Роботите се разликуваа по изгледот, висината и тежината. Еден гигантски натпреварувач личеше на јапонскиот фиктивен аниме бот Гандам, со вентилатори прикачени околу рацете. Тој изгуби контрола и се урна на барикадата што ги разделуваше човечките и роботските тркачи. Единствениот робот со женски изглед, Хуан Хуан - со глава како кукла и оклоп во стилот на „Сторм Трупер“ (Storm Trooper), се урна кратко по стартот, расфрлајќи го оклопот на патеката. Ниту еден од нив не беше способен да ја продолжи трката.
Таканаречениот Мал Гигант, развиен од локални студенти, беше најнискиот натпреварувач, со само 75 сантиметри (30 инчи) висина. Тој се движеше со брзина од околу 1,4 милја на час и поддржуваше гласовна контрола. Во еден момент, машината кратко паузираше откако од нејзината глава излезе чад. Тимот имаше намера Малиот Гигант да трча само првите три милји бидејќи е премногу бавен, рече инженерот Џијанг Џејуан, 27-годишен основач на „Нотикс роботикс“.
И покрај многуте непроспиени ноќи, трката се исплатеше за стартапот на студент од Цингхуа бидејќи се промовираше и најде нови клиенти што ја открија фирмата. Впрочем, неговата фирма треба да испорача 700 роботи следниот месец по цена од 6.000 долари по парче, што е под пазарната цена.
Друг робот наречен Н2 на „Нотикс“, кој користеше различен алгоритам, беше трет што ја премина финиш-линијата, но беше деградиран на четвртото место бидејќи користеше три замени и доби повеќе од еден час казна. Тимот се пожали дека правилото било променето на нивна штета, а оттаму изјавија дека планираат да поднесат жалба.