text size
Притисокот врз „Енвидија“ (Nvidia Corp.) расте неколку дена откако компанијата го смени Џенсен Хуанг од функцијата извршен директор. Американскиот министер за финансии Скот Бесент ја повика компанијата да направи „драстични“ промени во раководството и отворено да каже дали ги почитувала ограничувањата за извоз на своите високоценети чипови за вештачка интелигенција.
Привремената извршна директорка на „Енвидија“, Колет Крес, ќе биде под особено внимателно набљудување во вторник, кога производителот на чипови ќе ги објави кварталните резултати по бурното заминување на Хуанг минатата недела поради скандалот што предизвика криза каква што компанијата дотогаш немала. Компанијата почна да бара наследник, додека дел од сојузниците на Хуанг во Силициумската долина се залагаат тој да се врати на чело на компанијата.
Бесент во неделата се обиде да ја исклучи можноста Хуанг да се врати, повикувајќи го одборот на „Енвидија“ да побара ново раководство надвор од компанијата по серијата обвинувања дека таа ја олеснила продажбата на своите напредни чипови за вештачка интелигенција на кинески субјекти. Во последните денови, министерот за финансии го критикуваше и Министерството за трговија дека не сторило доволно за да ги спроведе американските ограничувања за извоз.
Прочитај повеќе
Џенсен Хуанг, од шеф за ВИ до интернет шега направена со ВИ
Поранешниот шеф на „Енвидија“, стана главна ѕвезда на вирални ВИ-видеа инспирирани од неговиот бурен љубовен живот.
пред 21 час
Фирма поврзана со Алис Хуанг сепак набавила забранети чипови од „Енвидија“ во Кина
Нови документи откриваат дека кинески компании поврзани со Алис Хуанг дошле до сервери со чипови на „Енвидија“, чија продажба на Кина е забранета од САД.
13.11.2026
„Јас сум гом..“- последните часови на Џенсен Хуанг како извршен директор на „Енвидија“
Хуанг нема да може да се повлече од јавниот живот, дури и ако го сака тоа. Се очекува да сведочи пред Конгресот за врската со Алис Хуанг и за тоа дали таа можеби ги загрозила тајните на најсовремените чипови на „Енвидија“. Според луѓе што зборувале со него, Хуанг почнал остро да се прекорува и се нарекувал себеси „гом--“.
13.11.2026
Која е Колет Крес, финансиската директорка која го презеде водството на „Енвидија“?
Во многу погледи таа е целосна спротивност на својот поранешен шеф. Го избегнува вниманието на јавноста, со финансискиот сектор комуницира главно на однапред организирани настани и е главно претпазлива во своите изјави.
12.11.2026
Кина е најголемиот губитник од падот на Џенсен Хуанг
По оставката на Џенсен Хуанг, Вашингтон би можел да ги заостри контролите и за законските канали преку кои кинеските компании набавуваат чипови на „Енвидија“.
12.11.2026
„Поради ова сметам дека одборот, додека бара нов раководител, треба да бара надвор од компанијата“, рече Бесент во интервју за емисијата „Сандеј морнинг фјучерс“ (Sunday Morning Futures) на „Фокс њуз“ (Fox News). „Потребни им се драстични промени.“
Сепак, неколку часа по емитувањето на интервјуто со Бесент, „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) објави дека Хуанг разговарал за можноста да се врати во компанијата што ја коосновал пред повеќе од три децении, а дел од неговите поддржувачи во Силициумската долина формирале „оперативен штаб“ за да соберат поддршка за неговото враќање. „Енвидија“ и портпаролот на Хуанг одбија да коментираат.
Цената на акциите на „Енвидија“ речиси не се промени во раното тргување на „Робинхуд“ (Robinhood), откако во неделата за повеќе од три отсто порасна цената на фјучерс-договор без рок на доспевање на блокчејнот „Хиперликвид“ (Hyperliquid), чија вредност е врзана за цената на акциите на американската компанија. Акциите зад себе ја имаат најлошата недела од април 2025 година.
Обелоденувањето дека Џенсен Хуанг имал љубовна афера со Алис Хуанг, поранешна директорка во „Мегаспид интернешнл“ (Megaspeed International) со седиште во Сингапур, за која САД се сомневаат дека е кинеска шпионка, ја принуди компанијата да се соочи со последиците. „Енвидија“ одигра клучна улога во подемот на вештачката интелигенција. Поранешниот извршен директор на „Енвидија“ активно се залагаше за поширока употреба на ВИ и го придоби претседателот Доналд Трамп како сојузник во отстранувањето на регулативата што би можела да го забави развојот на технологијата.
Администрацијата на Трамп планира наскоро да ја прогласи „Енвидија“ за една од повеќе од дваесетина компании со статус на „национален шампион“ во областа на ВИ, во рамките на тековните напори да им помогне на тие американски компании да склучуваат зделки во странство, објави „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal). Вашингтон ја подготвува листата со месеци и би можел да ја објави уште во наредните седум дена, објави весникот, повикувајќи се на лица запознаени со плановите. Меѓу другите компании на листата се „Амазон“ (Amazon.com Inc.), „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.), „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic PBC), некои од најголемите имиња во индустријата, додава весникот. Статусот произлегува од извршна наредба од 2025 година за промовирање на американската технологија во странство и, меѓу другите поволности, овозможува побрзо одобрување лиценци и го олеснува добивањето државно финансирање, објави весникот.
По оставката на Џенсен Хуанг, Бесент рече дека сака да знае дали „Енвидија“ намерно ги игнорирала предупредувачките знаци дека фиктивни компании, од кои многу во Сингапур, пренасочувале чипови кон Кина. Со тоа тој даде до знаење дека сака да го префрли вниманието од личните „слабости“ на поранешниот извршен директор кон правните прашања и прашањата поврзани со националната безбедност.
„Сакам постојано да се навраќам на тоа каква била културата во ‘Енвидија’ и дали ги поттикнувале овие навидум незаконски продажби за да ги зголемат приходите и добивката“, рече Бесент. „И мислам дека во следните десет дена треба да добиеме одговори од одборот и од надворешните правни советници.“
Американското Министерство за правда ја предводи истрагата за „Мегаспид“ поради сомневања за шверц на полупроводници и проверува дали субјекти поврзани со Алис Хуанг биле вклучени во обиди за шверц на производи на „СМК“ (Super Micro Computer Inc.) во Кина, објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News). „Мегаспид“ негираше дека сторила нешто незаконско, а „Супер микро“ соопшти дека „Мегаспид“ никогаш не била нејзин клиент.
Одборот на „Енвидија“ отвори внатрешна истрага за врската на поранешниот извршен директор со Алис Хуанг, а соопшти и дека смета дека националната безбедност и тајните на компанијата не биле загрозени. Федералните органи за спроведување на законот водат истрага за шпионажа, покрај истрагите за можен шверц на чипови, додека клучни комисии во Конгресот почнуваат свои проверки.
Bloomberg
Хуанг се согласил да сведочи зад затворени врати пред членовите на Претставничкиот дом за својата врска со Алис Хуанг, според републиканскиот конгресмен Џон Муленар, кој претседава со Специјалната комисија на Претставничкиот дом за Кинеската комунистичка партија. Неговата комисија и уште две комисии сè уште договараат датум со Хуанг, а нивните членови сакаат да утврдат дали можеби биле откриени чувствителни информации, рече Муленар во емисијата „Соочување со нацијата“ (Face the Nation) на „Си-би-ес“ (CBS).
Обидите на „Енвидија“ да се вмеша во истрагите би можеле да го привлечат вниманието и на американските законодавци. Компанијата им се обратила на тајванските власти откако обвинителите на островот обвиниле вработен во „Енвидија“ дека помогнал во шверцот на чипови за ВИ во Кина, објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News). „Енвидија“ им ја изразила на политичките претставници својата загриженост поради апсењето на раководителот во јули, објави „Блумберг“.
Случајот во Тајван е одделен од истрагата на американските власти за можни прекршувања на правилата за контрола на извозот од страна на „Мегаспид“. Кон крајот на летото 2025 година, главниот правен советник на „Енвидија“, Тим Титер, му се јавил на раководителот на бирото во Министерството за трговија што ги спроведува извозните ограничувања за да праша дали бирото имало улога во приведувањето на Алис Хуанг од страна на сингапурските власти, објави „Блумберг њуз“.
Муленар, заедно со претседателите на комисиите за разузнавање и за надворешни работи на Претставничкиот дом, побарал од Титер да се појави пред нив следниот месец за да одговори на прашања за тоа како компанијата ги почитува правилата за контрола на извозот и за медиумските извештаи за она што законодавците го опишаа како „мешање на компанијата во американските политики и истраги поврзани со контролата на извозот“.
Како одговор на известувањето на „Блумберг“ за телефонскиот разговор на Титер, „Енвидија“ соопшти дека редовно се консултира со владини претставници за да одговара на прашања и да им доставува информации.
Начинот на кој Министерството за трговија ги спроведува правилата за контрола на извозот привлече внимание во Конгресот, но и во самата администрација. Во петокот Бесент рече дека долго време го поддржувал ставањето на „Мегаспид“ на црната листа за трговија, но посебно го посочи министерот за трговија Хауард Латник како член на кабинетот што треба да преземе мерки. Тоа го повтори и во неделата.
„Како што реков, многу други министерства се залагаа за тоа, а одлуката беше во рацете на Министерството за трговија“, рече министерот за финансии.
Муленар рече и дека „Хауард Латник и целото Министерство за трговија треба да одговорат на прашања“. И демократите, кои во јануари официјално ќе го преземат мнозинството во Претставничкиот дом и во Сенатот, сакаат да го слушнат Латник.
„Се чини дека тој бил пречката во самата влада да се запре испораката на овие чипови на ‘Енвидија’ во Кина“, рече во емисијата на „Си-би-ес“ конгресменот од Конектикат Џим Хајмс, највисокорангираниот демократ во Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом. „Работа на министерот за трговија и на претседателот е да го спречат тоа.“
Портпарол на Латник минатата недела за „Ен-би-си њуз“ (NBC News) изјави дека министерот се согласил да сведочи пред Конгресот.
Во меѓувреме, одборот на „Енвидија“ почна да бара кандидати што би го замениле Хуанг, но потрагата сè уште е во почетна фаза. Компанијата прво треба да го објави кварталниот извештај во вторник, кој се очекува да биде еден од највнимателно следените во последно време.
Едно од клучните прашања е што ќе каже раководството за изборот на наследник на конференцискиот повик. Иако акциите на „Енвидија“ минатата недела паднаа за 12,7 отсто, некои истакнати акционери изразија поддршка за Хуанг, вклучително и за негово можно враќање во производителот на чипови што го претвори во една од највредните компании во светот.
Во објава на социјалните мрежи, „Алтиметер“ (Altimeter Capital Management) и „Атридес“ (Atreides Management) се повикаа на „исклучителниот успех на Џенсен Хуанг во текот на долгите години на чело на компанијата“ и на неизвесноста што ја предизвика неговото заминување. Тие го повикаа одборот да постапува „без брзање, одмерено и промислено“ при одлучувањето за идното раководство на „Енвидија“.
Одборот треба да го разгледа и „можното враќање на Џенсен Хуанг“, напишаа Бред Герстнер од „Алтимитер“ и Гевин Бејкер од „Атрејдис“ во писмо до одборот на „Енвидија“ објавено на „Икс“. Илон Маск, извршен директор на „Спејс екс“ (SpaceX) и на „Тесла“ (Tesla Inc.) и уште еден сојузник на Хуанг, исто така го поддржа неговото враќање со потпишување онлајн петиција.
Сепак, барањата на Бесент за значителни промени во компанијата и околностите во кои Хуанг замина ја намалуваат веројатноста тој да се врати. Муленар, чија комисија се занимава со стратешкото ривалство меѓу Кина и САД, посочи дека сменетиот извршен директор требало да знае дека Комунистичката партија може да изврши притисок врз „секој кинески државјанин“ да шпионира.
„Тоа беше едноставно неодговорно и претставуваше директна закана за нашата национална безбедност“, рече тој.
Со помош на Иан Кинг, Мекензи Хокинс, Меги Истленд, Џеки Едвардс и Мајуми Негиши.