Американската банка „Фрст рипаблик“ е преземена од регулаторите и ќе биде купена од „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.) откако досегашните напори за нејзино спасување не успеаја да ја отстранат штетата од погрешните инвестиции и одливот на клиенти.
„ЏП Морган“ „ќе ги преземе сите депозити, вклучувајќи ги сите неосигурани депозити и најголем дел од останатите средства“ на „Фрст рипаблик“, се вели во соопштението на Калифорниското одделение за финансиска заштита и иновации.
Калифорнискиот регулатор ја назначи Сојузната корпорација за осигурување на депозити (FDIC) како примач на банката со седиште во Сан Франциско.
Преземањето ја прави „ЏП Морган“, најголемата банка во земјата, уште помасивна - исход што владините претставници се трудеа да го избегнат во минатото. Поради американските регулаторни ограничувања, врз основа на големината на „ЏП Морган“ и нејзиниот постоечки удел во американската депозитна база во нормални околности банката не би можела дополнително да ја прошири својата депозитна база.
Уште една неподобност: „ЏП Морган“ беше клучен играч во текот на тешките времиња за „Фрст рипаблик“. Банката го советуваше својот помал ривал во обидот да најде стратешки алтернативи, а главниот извршен директор, Џејми Дајмон, беше клучен во командувањето банкарските директори да внесат 30 милијарди долари депозити во „Фрст рипаблик“ за да ги зајакнат своите финансии поради големите повлекувања во март.
„Фрст рипаблик“ е специјализирана за приватно банкарство и грижа за побогати клиенти, слично како банката „Силокон валеј“ (СВБ), која пропадна во март, а беше фокусирана на фирми финансирани од ризичен капитал. Претседателот Џим Херберт го основал заемодавецот во 1985 година со помалку од 10 луѓе, според историјата на „Фрст рипаблик“. До јули 2020 година, банката соопшти дека е рангирана како 14-та по големина во САД, со 80 канцеларии во седум држави. На крајот на минатата година вработуваше повеќе од 7.200 луѓе.
Како и други регионални заемодавачи, „Фрст рипаблик“ се најде под притисок откако Федералните резерви (ФЕД) ги зголемија каматните стапки за да се борат против инфлацијата, што ја повреди вредноста на обврзниците и заемите кои банката ги купи кога стапките беа ниски. Во меѓувреме, штедачите бегаа, делумно во потрага по подобри приноси, а потоа во страв откако со проширија грижите за издржливоста на „Фрст рипаблик“.
Резултатот беше дупка доволно голема која ги одврати спасителите да настапат во конкретната ситуација. Нова рунда на загриженост беше поттикната во април со извештајот на банката за првиот квартал и веста за нејзиниот обид да продаде средства и да направи план за спас. Банката соопшти дека ќе намали до 25 отсто од својот персонал, ќе ги намали неподмирените заеми и ќе ги ограничи несуштинските активности.
Единаесет американски банки се обидоа да ја одржат „Фрст рипаблик“ во живот со тоа што ветија нови депозити од 30 милијарди долари на 16 март, при што „ЏП Морган“, „Банка на Америка“ (Bank of America Corp.), „Ситигруп“ (Citigroup Inc.) и „Велс Фарго“ (Wells Fargo & Co.) вложија по пет милијарди долари. „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.), „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) и други банки понудија помали износи како дел од планот смислен заедно со американските регулатори. Згора на тоа, „Фрст рипаблик“ искористи линија од одборот на Федералната банка за заеми за домови и линија за ликвидност на Федералните резерви (ФЕД).
Тоа не беше доволно. Акцијата, која надмина 170 долари во март 2022 година, потона под 5 долари до крајот на април. Пропаста на „Фрст рипаблик“ ќе ги загрози не само сопствениците на обичните акции, туку и околу 3,6 милијарди долари приоритетни акции и 800 милиони долари необезбедени белешки.