Хуи Ка Јан, милијардер и член на управниот одбор на „Евергранд “ (China Evergrande Group), компанија што се занимава со изградба на недвижности, е ставен под полициски надзор, изјавија извори запознаени со ова прашање.
Хуи беше приведен од кинеската полиција на почетокот на месецов и оттогаш е под надзор на одредена локација, според изворите, кои сакаа да останат анонимни, бидејќи информациите што ги даваат се доверливи.
Сè уште не е јасно зошто Хуи е во таканаречен домашен притвор, еден вид полициска мерка што е помалку строга од формална казна или притвор и не мора да значи дека Хуи ќе биде обвинет за кривично дело. Меѓутоа, според кинескиот закон за кривична постапка, оваа мерка го спречува да ја напушти локацијата, да се среќава или да комуницира со други лица без дозвола. Пасошот и личната карта мора да ѝ се предадат на полицијата, но мерката надзор не смее да трае подолго од шест месеци, според законот.
Овој потег е најнов знак дека сагата за најзадолжената компанија во светот влегува во нова фаза, во која е вклучено и кривичното право, особено откако властите претходно месецов приведоа дел од персоналот од секторот за управување со богатство, при што наводно се приведени и двајца поранешни директори. Имајќи ги предвид неуспешните обиди за реструктурирање на долгот што ги потресоа финансиските пазари и го зголемија ризикот од ликвидација, судбината на „Евергранд“ е доведена во прашање.
Кога станува збор за Хуи, под чија контрола акциите на „Евергранд“ го достигнаа највисокото ниво во 2017 година, што беше едно од најголемите богатства во светот, овој развој е уште еден удар на долгиот надолен пат. Некогаш се сметаше за бизнисмен со најмногу политички конекции во Кина, со амбиции што се движат од развој на електрични автомобили до фудбал, а сега кинескиот милијардер стана најистакнатата жртва на репресијата на претседателот Шји Џјинпинг против прекумерните заеми и шпекулации во секторот за недвижности.
Од полицијата во Гуангдонг и од „Евергранд“ не одговорија на барањата за коментар.
„Евергранд“ е во центарот на повеќегодишна криза со недвижностите, што ја оштети кинеската економија и ја ослабе довербата на потрошувачите во пазарот на домување. Компанијата во петокот објави дека се откажани средбите со клучните доверители и дека ќе треба да го преиспитаат планот за реструктурирање на долгот во странство. По тоа, од компанијата изјавија и дека не можат да ги исполнат регулаторните квалификации за издавање нови обврзници - клучна компонента на ремонт на долгот. Исто така, нејзината единица од континентална Кина не успеа да ја отплати обврзницата на копното.
Индексот на кинеските акции во секторот недвижности на „Блумберг интелиџенс“ во средата наутро падна на најниско ниво од ноември. Чувството на купувачите е кревко пред почетокот на празничниот продажен период, што ќе биде тест за ефективноста на стимулативните мерки воведени во изминатите неколку недели.
Како син на дрвосечач, кој израснал во сиромаштија, Хуи успеал да го издигне „Евергранд“ во најголемата градежна компанија во Кина, потпирајќи се на заеми за да купи големи парцели и да преземе конкурентски компании, пред да се прошири во повеќе сектори, од амбалажирање вода до професионален фудбал и електрични автомобили.
Некогаш беше втор најбогат човек во Азија, но вредноста на неговото богатство брзо падна и империјата изградена на недвижен имот почна да се распаѓа. Богатството на Хуи падна од 42 милијарди долари во 2017 година на 1,8 милијарда долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“. „Евергранд“ должи 2,39 билиони јуани (327 милијарди долари).
Хуи е член на Комунистичката партија повеќе од три децении. Во 2008 година тој беше избран да ѝ се приклучи на Кинеската народна политичка консултативна конференција, елитна група составена од владини претставници и најголемите имиња во бизнисот. Подоцна успеа да се бори за уште два петгодишни мандата.
Работите тргнаа на лошо во 2021 година, кога „Евергранд“ официјално не можеше да ги намири обврските и властите од неговата матична провинција Гуангдонг го започнаа она што се очекуваше да биде едно од најголемите реструктурирања на долгот во земјата.
Хуи е дел од елитниот 300-член постојан комитет на CPPCC од 2013 година, но му беше кажано да не присуствува на годишната конвенција минатиот март, бидејќи неговата компанија се најде во центарот на кредитната криза во земјата.
Кинеската централна банка за колапсот на „Евергранд“ ги обвини „лошото управување“ и „непромислената експанзија“, а владата го повика Хуи да го искористи своето богатство за да помогне во исплатата на долгот кон инвеститорите.