„Гугл“, во сопственост на „Алфабет“ (Alphabet Inc.), ќе мора да ги споделува податоците од пребарувањата со конкуренцијата, но ќе избегне потешки казни, вклучувајќи присилна продажба на бизнисот поврзан со Хром (Chrome), пресуди судијата во најголемиот антимонополски случај во Соединетите Американски Држави (САД) во последниве речиси три децении.
Пресудата донесена во вторникот претставува удар за владата, бидејќи е далеку од најстрогите мерки што ги бараа антимонополските тужители, откако судот утврди дека „Гугл“ незаконски го монополизирал пазарот на интернет-пребарување. Судијата Амит Мета изјави дека ќе му забрани на „Гугл“ да склучува ексклузивни договори за дистрибуција, но и понатаму ќе ѝ дозволи на компанијата да им плаќа на своите партнери, што претставува голема победа за „Епл“ (Apple Inc.), кој годишно добива околу 20 милијарди долари затоа што „Гугл“ е поставен како стандардeн пребарувач на уредите ајфон (iPhone).
Оваа пресуда следува откако истиот судија од Вашингтон минатата година заклучи дека „Гугл“ незаконски ги монополизирал пазарите на интернет-пребарување и рекламирање преку пребарувачи. Мета во април одржа тринеделно рочиште за да одлучи кои мерки се соодветни.
Прочитај повеќе

„Епл“ сака Сири да мисли со мозокот на „Гугл“
„Епл“ развива две верзии на Сири – една со свои модели, друга со надворешна технологија.
23.08.2025

„Перплексити“ нуди 34,5 милијарди долари за Хром на „Гугл“
Аналитичар укажува дека вистинската вредност е речиси тројно поголема.
13.08.2025

„Мајкрософт“ не се обидува да го победи „Гугл“, туку се обидува да го укине пребарувањето
Чуварите на пристапот до информациите повеќе не се традиционалните пребарувачи, туку јазичните модели.
10.08.2025
Во соопштение, „Гугл“ ја пофали пресудата бидејќи признава дека вештачката интелигенција (ВИ) ја променила индустријата на пребарување, но компанијата сепак изрази несогласување со претходната одлука на судијата Мета дека го прекршила законот со монополизација на пребарувањето. Исто така, тие изразија загриженост поради барањето да ги споделуваат податоците.
„Загрижени сме како овие барања понатаму влијаат врз нашите корисници и нивната приватност и внимателно ја анализираме одлуката“, изјави Ли-Ен Малхоланд, потпретседателка за регулаторни прашања.
„Судот призна дека продажбата на Хром и Андроид (Android) би ги надминала рамките на случајот што се однесува на дистрибуцијата на пребарувањето и дека тоа би им наштетило на потрошувачите и на нашите партнери.“
Акциите на „Алфабет“ пораснаа дури за 8,7 отсто во продолженото тргување по објавувањето на пресудата. Акциите на „Епл“ (Apple) се зголемија до 4,3 отсто.
Подобро од стравувањата
„Пресудата е значително подобра од она од што се плашеше ‘Гугл‘“, изјави Нат Шиндлер, аналитичар во „Шкотиабанк“ (Scotiabank).
Оваа одлука е една од најважните судски пресуди што го погодуваат технолошкиот сектор во последните над 25 години и би можела да послужи како модел за други судии што во иднина ќе се занимаваат со слични случаи против „Мета платформс“ (Meta Platforms Inc.), „Амазон“ (Amazon.com Inc.) и „Епл“.
Уште една победа за „Гугл“ е тоа што судијата не забрани компанијата да им плаќа на трети страни, вклучувајќи го и „Епл“, за стандардно поставување на својот пребарувач во интернет-прелистувачите или на мобилните уреди.
„Запирањето на тие плаќања од страна на ‘Гугл‘ би предизвикало речиси сигурни сериозни, а во некои случаи и погубни последици за партнерите во дистрибуцијата, поврзаните пазари и потрошувачите, што оди во прилог на одлуката да не се воведе широка забрана“, напиша судијата.
Споделување податоци од пребарувањето
Според пресудата, „Гугл“ ќе мора да споделува дел од своите податоци за пребарувањето со конкурентите. Тие конкуренти може да бидат „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) и „Дакдакго“ (DuckDuckGo Inc.), како и многу нови компании за вештачка интелигенција (ВИ), меѓу кои „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Перплексити“ (Perplexity). Овие податоци би им помогнале да развијат конкурентни пребарувачи или ВИ-модели.
Судијата исто така пресуди дека „Гугл“ повеќе не смее да бара од производителите на уреди да ги инсталираат сите негови апликации за да добијат пристап до продавницата Гугл плеј (Google Play) на Андроид (Android), што претставува уште една, иако скромна, победа за американското Министерство за правда, покрај обврската за споделување на податоците.
Bloomberg
„‘Гугл‘ сега се соочува со последиците“, наведе Гејл Слејтер, шефица на антимонополското одделение во американското Министерство за правда, на платформата Х.
„Судот не ги одобри сите мерки што ги побаравме и ги разгледуваме нашите опции. Сепак, судот ја призна потребата од мерки што ќе ја обноват конкуренцијата и повторно ќе го отворат дигиталниот пазар, поттикнувајќи инвестиции и иновации што ќе го осигурат американското водство во наредната ера на технологијата.“
Повеќе конкуренти на „Гугл“ ја критикуваа пресудата како недоволно остра
„Не веруваме дека мерките што ги наложи судот претставуваат промени неопходни за соодветно решавање на незаконското однесување на ‘Гугл‘“, изјави извршниот директор на „Дакдакго“, Габриел Вајнберг, кој сведочеше на судењето. „‘Гугл‘ и натаму ќе може да го користи својот монопол за да ја потиснува конкуренцијата, вклучувајќи го и ВИ-пребарувањето.“
Одлуката да му се дозволи на „Гугл“ да продолжи со плаќањата за позиција во интернет-прелистувачите претставува победа за „Епл“, кој му дава предност на пребарувачот на „Гугл“ со тоа што го поставува како стандарден во програмата Сафари (Safari) на компјутерите и мобилните уреди. Корисниците и натаму можат да се префрлат на „Бинг“ (Bing) на „Мајкрософт“, „Дакдакго“ или други опции.
Задржувањето на тие плаќања претставува олеснување за секторот услуги на „Епл“, кој веќе е под притисок од светските регулатори поради обидите да се разбие неговиот бизнис со „Aп стор“ (App Store), вреден 100 милијарди долари годишно. Судската одлука значи дека тој стандарден договор може да продолжи, со помали измени.
Други пребарувачи
Овие измени подразбираат дека „Епл“ ќе мора подобро да ги промовира другите пребарувачи и еднаш годишно да ги менува поставките за стандарден пребарувач. Судијата исто така наложи корисниците да имаат можност да постават друг пребарувач како стандарден за приватниот режим (популарниот „инкогнито мод“), кој „Епл“ веќе го воведе пред неколку месеци.
Иако „Гугл“ и натаму може да му плаќа на „Епл“, Мета изјави дека тоа може да се промени. „Засега, ‘Гугл‘ ќе има дозвола да им плаќа на дистрибутерите за стандарднa позиција. Постојат силни причини системот да не се нарушува и да им се дозволи на пазарните сили да дејствуваат“, напиша Мета. Но судијата додаде дека е „подготвен повторно да ја разгледа забраната на плаќањата (или поблага мерка), доколку конкуренцијата значително не се обнови преку мерките што судот веќе ги наложи“.
„Перплексити“ одби да даде коментар. „Мајкрософт“, „Опен еј-ај“ и „Антропик“ (Anthropic) не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Bloomberg
Случајот против „Гугл“ првично беше поведен во последните месеци од првата администрација на Доналд Трамп. По десетнеделното судење во 2023 година, кое го водеше Министерството за правда под претседателот Џо Бајден, Мета во август 2024 година застана на страната на владата. Во својата одлука Мета наведе дека „Гугл“ незаконски доминирал на пазарот на пребарување, плаќајќи повеќе од 26 милијарди долари на „Епл“ и други компании за да биде поставен како стандарден пребарувач на паметните телефони и веб-прелистувачите.
Како одговор на пресудата, американското Министерство за правда предложи „Гугл“ да биде принуден да го продаде својот популарен пребарувач Хром и да споделува дел од податоците што ги користи за креирање на резултатите од пребарувањето. Тие исто така бараа на „Гугл“ да му се забрани да плаќа за стандардната позиција на пребарувачот, што би важело и за неговите производи со вештачка интелигенција, вклучувајќи го и Џемини (Gemini), за кои владата тврди дека се развиени благодарение на незаконскиот монопол на „Гугл“.
На рочиштето пролетоска „Гугл“ тврдеше дека предлозите на владата се претерани. Компанијата наведе дека таквите мерки би им наштетиле на американските потрошувачи, на економијата и на технолошкото водство на земјата.
Министерството за правда „претерало“
Мета во пресудата наведе дека владата „претерала, барајќи присилна продажба на тие клучни средства што ‘Гугл‘ не ги користел за спроведување на незаконските ограничувања“.
Bloomberg
Судијата наложи двете страни до 10 септември да се вратат со нови предлог мерки во согласност со пресудата или да поднесат извештај за несогласувањата.
„Гугл“ се соочува и со можност да биде разбиен и во друг случај што го поведе Министерството за правда, а кој се однесува на неговиот монопол врз технологиите што се користат за купување, продажба и прикажување интернет-огласи. Федералната судијка Леони Бринкема од Вирџинија пресуди во корист на владата во текот на годинава и ќе одржи рочиште во септември за да одлучи дали „Гугл“ ќе биде принуден да ги продаде алатките што ги користат веб-страниците за продажба на огласен простор.
Случај: САД против „Гугл“, 20-cv-3010, Окружен суд на САД, Дистрикт Колумбија (Вашингтон).
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...