Долгоодложуваниот план на „Тикток“ (TikTok) за раздвојување од кинеската матична компанија „Бајтденс“ (ByteDance Ltd.) започна да се реализира во четвртокот, откако платформата за споделување видеа соопшти дека ќе биде купена од група инвеститори предводени од „Оракл“ (Oracle Corp.).
Главниот извршен директор на „Тикток“, Шоу Чу, им соопштил на вработените дека компанијата и „Бајтденс“ потпишале обврзувачки договори за формирање заедничко вложување во САД, во кое мнозински сопственици ќе бидат американски инвеститори, според интерна белешка до која имал увид „Блумберг“. Чу навел дека е „задоволен што споделува добри вести“ и дека се потпишани договори со „Оракл“, „Силвер лејк“ (Silver Lake Management) и МГХ (MGX). Се очекува трансакцијата да биде финализирана на 22 јануари 2026 година, иако Чу додал дека „останува уште работа што треба да се заврши“ дотогаш.
Кинеските регулатори сè уште не соопштија дали ќе ја одобрат трансакцијата.
Прочитај повеќе
Tикток шоп влегува во луксузниот малопродажен сегмент со чанти од 11.000 долари
Тикток шоп повеќе не е само место за евтини хит производи – платформата сè посилно влегува во светот на луксузот, нудејќи чанти на „Хермес“ и „Шанел“ вредни 11.000 долари, како и часовници на „Ролекс“ и „Картие“.
29.11.2025
Како ќе функционира забраната за социјални медиуми за деца под 16 години во Австралија?
Од 10 декември, според новиот закон, на младите тинејџери во Австралија ќе им биде забрането користење на платформите на социјалните медиуми како што се Фејсбук, Инстаграм и Тикток - една од најстрогите онлајн мерки во демократскиот свет.
05.11.2025
„Тикток“ во САД преоѓа во американски раце речиси за џабе
Tрансакцијата се проценува на приближно 14 милијарди долари, што е значително пониско од претходните проценки, кои се движеа околу 40 милијарди долари.
26.09.2025
Американската верзија на Тикток ќе вреди 14 милијарди долари
Иако Кина сè уште не го кажала последниот збор, извесно е дека Тикток преминува под американска контрола во САД...
26.09.2025
Алгоритамот на Тикток ќе биде под целосна контрола на „Оракл“ во САД
„Оракл“ ќе го развива „од нула“ алгоритамот на Тикток во САД и ќе има целосна контрола. Податоците на корисниците ќе се чуваат во безбеден облак, без пристап на „Бајтденс“.
22.09.2025
По нејзиното финализирање, заедничкото друштво во САД ќе функционира како независен субјект што ќе има контрола врз заштитата на податоците, уредувањето на содржините и безбедноста на алгоритмите во земјата, им соопштил на вработените главниот извршен директор на „Тикток“, Чу. Новиот американски субјект, како што навел, ќе биде управуван од управен одбор со седум члена, во кој мнозинството ќе бидат американски државјани. Акциите на „Оракл“ (Oracle Corp.) пораснаа за речиси 6 отсто во тргувањето по затворањето на берзите во четвртокот.
Шоу Чу/Bloomberg
Во интерното соопштение до вработените се наведуваат деталите од договорот што се совпаѓа со она што Белата куќа го најави во септември, а кој во тој момент беше условен со одобрување од Кина и ја вреднуваше американската дејност на „Тикток“ на околу 14 милијарди долари. Во соопштението не се наведува ставот на Кина за трансакцијата, со која делумно, но не целосно, би се намалила контролата на „Бајтденс“ врз „Тикток“ во САД.
Според договорот, 50 отсто од инвеститорите во „Тикток“ во САД ќе бидат нови. „Оракл“, „Силвер лејк“ и МГХ, инвестициска компанија со седиште во Абу Даби, ќе стекнат по 15 отсто сопственички удел. Дополнителни 30,1 отсто ќе бидат во сопственост на поврзани друштва на одредени постојни инвеститори на „Бајтденс“, додека 19,9 отсто ќе останат кај „Бајтденс“.
Условите наведени во соопштението на главниот извршен директор оставаат простор „Бајтденс“ потенцијално да задржи надзор над клучни делови од „Тикток“ во САД, апликација што ја користи половина од населението во земјата. „Блумберг њуз“ претходно објави дека кинеската матична компанија би задржала приближно 50 отсто од профитот од американските операции на „Тикток“. Улогата на „Бајтденс“ одамна е чувствителна точка во преговорите и доведе до тоа критичарите, вклучувајќи и членови на сопствената партија на Доналд Трамп, да тврдат дека аранжманот што го договори Белата куќа можеби нема да ја помине правната проверка. Законот за национална безбедност, усвоен и потпишан за време на поранешниот претседател Џо Бајден, наложува „Тикток“ во САД и „Бајтденс“ да немаат никаква оперативна поврзаност.
Посакуваните алгоритми за содржини на „Бајтденс“ се сметаат за клучни за работењето на „Тикток“. Според верзијата на договорот што неодамна ја изнесе Белата куќа, се очекува „Бајтденс“ да ја лиценцира својата технологија за препораки базирана на вештачка интелигенција на новоформираниот американски субјект на „Тикток“. Новото друштво ќе го користи постојниот алгоритам за да надгради нов систем врз основа на податоци од САД, кои ќе бидат обезбедени од „Оракл“, партнерот во облак на „Тикток“.
Новата сопственичка структура на „Тикток“ во САД
Извор: ByteDance
Улогата на „Оракл“ (Oracle Corp.) како чувар на безбедноста на податоците исто така предизвика загриженост. Аранжманот личи на претходна соработка меѓу „Тикток“ и „Оракл“, која беше предложена пред неколку години до американската влада како решение за сличните сомнежи поврзани со кинеската сопственост на платформата. Тој проект, познат како „Проект Тексас“, на крајот беше отфрлен од американските власти, кои оценија дека не е доволен за решавање на прашањата поврзани со националната безбедност.
Доколку договорот биде финализиран, тоа ќе отстрани едно од долгогодишните спорни прашања во односите меѓу Пекинг и Вашингтон и ќе сигнализира напредок во пошироките преговори меѓу двете земји, кои со години се судираат околу трговијата и други теми.
Белата куќа досега доминираше со објавувањето информации за предложениот аранжман, кој беше наметнат од безбедносни причини со закон потпишан минатата година за време на администрацијата на Џо Бајден. Американските власти изразија загриженост поради фактот што „Тикток“ е во сопственост на кинеска компанија и стравуваат дека Пекинг би можел да ја користи апликацијата за собирање податоци за американските граѓани или да влијае врз тоа каква содржина им се прикажува на Американците преку алгоритамот за препораки на апликацијата.
Според законот, рокот за правилото „продај или забрани“ истече во јануари, но Доналд Трамп, по враќањето на функцијата, го продолжи повеќепати, последен пат до јануари 2026 година.
Во изминатите месеци, додека можноста за забрана под администрацијата на Трамп стануваше сè помалку веројатна, „Тикток“ продолжи да работи без поголеми промени и дополнително ја зацврсти својата позиција како доминантна културна сила во САД. Компанијата агресивно се насочи кон електронската трговија и продажбата преку преноси во живо, вклучувајќи и партнерства со големи американски технолошки компании, меѓу кои и „Амазон“ (Amazon.com Inc.). Истиот ден кога Шоу Чу објави дека е постигнат договор, „Тикток“ го одржа и својот прв настан со црвен тепих по примерот на „Оскарите“, „Тикток награди“ во Лос Анџелес.