Дали некогаш сте се запрашале кој ги печати парите? Ако е така, можеби ви паднало на ум дека печатењето огромни суми пари, за да се задоволат потребите на секој жител на една земја, би било добра идеја. Сепак, работите се малку покомплицирани, бидејќи преголемо количество на пари на пазарот доведува до нивно обезвреднување. Исто така, ако нема доволно пари, никој нема да може да работи и да заработува, а со тоа ниту да троши, што би довело до драстичен пад на квалитетот на животот, а можеби и до посериозни социјални немири.
Институцијата што како вага одредува колкаво количество на пари е доволно е централната банка. Главната функција на централните банки е да управуваат со монетарната политика на една земја или со монетарната област за да се постигне стабилност на цените и да се одржи економскиот раст.
Некои од клучните улоги на централните банки се:
Прочитај повеќе
ЕЦБ на пауза, каматите незапирливо нагоре
ЕЦБ не ја затвори вратата за понатамошни зголемувања доколку инфлацијата не успее доволно брзо да се намали.
27.10.2023
ЕЦБ одлучи да паузира по низата покачувања на каматите
ЕЦБ проценува дали преку историската серија зголемувања ќе успее да ја намали инфлацијата.
26.10.2023
Во септември годишен раст од 8,9 отсто на вкупните депозити и 5,8 отсто на кредитите
Во септември негативните салда на тековните сметки бележат пад од 1,1 отсто на месечно ниво.
20.10.2023
Анкета на Народната банка: Ниска инфлација дури во 2025 година
Во споредба со очекувањата од претходната анкета, просечните очекувања на испитаниците за инфлацијата сега се малку повисоки
17.10.2023
НБРМ: Монетарната политика придонесе кон враќање на едноцифрената инфлација
Очекувањата на „Фич“ се дека инфлацијата и натаму ќе се намалува
07.10.2023
1. Контрола на инфлацијата
Централните банки работат на одржување стабилни цени преку контролирање на нивниот раст. Тоа се постигнува со управување со паричната маса, каматните стапки и другите инструменти на монетарната политика. Целта е инфлацијата да се задржи умерена (јакнењето на валутата не е секогаш поволно) и предвидлива за да се обезбеди долгорочна финансиска и економска стабилност.
2. Управување со паричната маса
Централните банки имаат надлежност над емисијата и контролата на парите во економијата. Тие одлучуваат колку пари треба да бидат во оптек и како се регулира тоа. Правилното управување со паричната маса помага да се стабилизира економскиот раст, да се одржи довербата во валутата и да се спречи хиперинфлацијата на која сигурно се сеќавате, ако не вие, тогаш вашите родители.
3. Надзор над банкарскиот систем
Централните банки обично имаат надзорна улога над банките и финансиските институции во една земја. Тоа вклучува поставување регулативи и правила со кои се обезбедуваат сигурност и стабилност на банкарскиот систем. Централните банки исто така можат да им обезбедат ликвидност на банките во итни ситуации за да се спречи финансиска криза.
4. Одржување на стабилноста на курсот
Централните банки можат да интервенираат на девизниот пазар за да ја одржат стабилноста на курсот на националната валута. Тоа често се прави со купување или продавање девизи за да се влијае на вредноста на валутата во однос на другите валути. Стабилниот курс може да помогне да се одржи довербата во валутата и да се олесни меѓународната трговија.
5. Поддршка за економски раст и вработување
Централните банки исто така често имаат одговорност да промовираат одржлив економски раст и да поттикнуваат вработување. Тоа може да се постигне преку адекватно управување со каматните стапки и другите инструменти на монетарната политика што ги поттикнуваат инвестициите и потрошувачката.
Важно е да се напомене дека функциите на централните банки може да се разликуваат помеѓу различни земји и монетарни системи. Некои од овие задачи може да им се доверат на други институции во некои земји, во зависност од организацијата на финансискиот систем. Ги издвојуваме најпознатите централни банки во светот:
Федералните резерви
Федералните резерви, накратко познати и како Фед, се централна банка на Соединетите Американски Држави. Тие се независна институција задолжена за управување со монетарната политика и обезбедување стабилност на финансискиот систем во САД. Двојниот мандат на Фед, покрај стабилноста на цените, ја вклучува и стабилноста на пазарот на трудот, односно работата на намалување на невработеноста. Основањето на Федералните резерви е поврзано со американскиот претседател Вудро Вилсон, кој на 23 декември 1913 година го потпишал законот за нивно формирање.
Иако не постои кредибилен начин да се утврди такво нешто со недвосмислени докази, може да се каже дека Федералните резерви се најмоќната финансиска институција во светот.
Федералните резерви имаат Одбор на гувернери, а се поделени регионално. Во САД постојат 12 регионални филијали, и тоа во Бостон, Њујорк, Филаделфија, Кливленд, Ричмонд, Атланта, Чикаго, Сент Луис, Минеаполис, Канзас Сити, Далас и Сан Франциско.
Независноста на Фед се рефлектира во тоа што неговите одлуки не мора да ги потпише американскиот претседател или кој било друг службеник во администрацијата. Од друга страна, Конгресот и понатаму ја надгледува работата на оваа централна банка, а таа сепак треба да дејствува во насока на остварување на економските и фискалните цели на администрацијата.
Европската централна банка
ЕЦБ, односно Европската централна банка, е централна банка на еврозоната, со монетарна област составена од 20 земји од Европската Унија што го користат еврото како заедничка валута. Основана е во 1998 година како клучна институција за спроведување на монетарната политика на еврозоната и одржување на ценовната стабилност.
Таа се состои од Совет на гувернери, Извршен одбор и Генерален совет. Додека Извршниот одбор се занимава со дневните обврски на централната банка, а Генералниот совет има советодавна улога, Советот на гувернери е телото во кое се носат главните одлуки на ЕЦБ. Тој се состои од четиричлен Извршен одбор и претставници на централните банки на 20-члената монетарна унија. Во составот на Генералниот совет влегуваат и гувернери на банки од членки на Европската Унија што не се членки на еврозоната.
Иако нејзините главни функции во суштина се речиси еднакви со задачите што ги има пред себе и Фед, нејзината позиција се разликува поради тоа што во својата јурисдикција има 19 некогаш одвоени банкарски системи што се карактеризираат со различна историја, правна рамка и економски состојби. Ако ја погледнеме само инфлацијата, која ЕЦБ треба да ја задржи околу границата на целта од два отсто (исто како и Фед), ќе видиме дека податоците значително се разликуваат од земја до земја, а стапките од година на година варираат од ниски едноцифрени вредности до осумкратно повисоки стапки.
Бидејќи и економскиот раст меѓу земјите-членки варира, ЕЦБ мора при донесувањето одлуки за каматните стапки да води сметка некои земји да не бидат попогодени од другите, поради што доаѓа до прелевање капитал од една во друга земја, што дополнително ги зголемува проблемите и ги комплицира работите за монетарната, но и за политичката власт. Оваа монетарна институција е под надзор на Европскиот парламент, а банката по еднаш квартално доставува извештаи за работата до парламентарците.
Банката на Англија
Во Европа постои уште една голема монетарна институција, која можеби не е толку влијателна како ЕЦБ, но затоа е постара за повеќе од три века. Основана во 1694 година, Банката на Англија е одговорна за формулирањето и спроведувањето на монетарната политика во Велика Британија.
Таа спроведува надзор над банкарскиот сектор, осигурувајќи банките да ги исполнуваат соодветните стандарди и регулативи за да ја одржат стабилноста на финансискиот систем. Банката исто така ги проценува и намалува системските ризици и презема активности за спречување финансиски кризи.
Банката на Англија е одговорна за емисија и управување со британските пари. Таа печати банкноти и ја контролира и одржува ликвидноста во економијата. Оваа нејзина функција ја доведе во центарот на вниманието на јавноста сега кога земјата доби нов монарх, чиј лик треба да се најде на банкнотите и монетите.
За работата на централната банка се клучни три комитети што се занимаваат со монетарната политика, финансиската политика и прудентната регулатива.
Банката на Англија одговара пред британскиот парламент, а до 1946 година била акционерско друштво. Иако е во јавна сопственост, Банката на Англија не ја финансираат даночните обврзници.
Банката на Јапонија
Друга банка што е основана многу одамна е централната банка на Јапонија. Банката на Јапонија (како што е нејзиното официјално име) е основана во 1882 година, а првпат печатела пари три години подоцна.
Таа се наоѓа во деловната област Нихонбаши во Токио, а природата на проблемите со кои се соочува БОJ е малку поинаква од другите големи светски банки.
Додека нивните колеги почесто размислуваат за тоа како да го ограничат растот на цените, јапонските централни банкари традиционално мораат да се борат со спротивниот феномен - дефлацијата. И додека растот на вредноста на парите може да ви изгледа како фантастична работа, треба да се потсети дека тоа често доведува до намалување на потрошувачката и до пад на економската активност. Исто така, дефлацијата ја зголемува реалната вредност на долгот што би требало да ја вратите.
Во нејзина надлежност се утврдувањето на монетарната политика, одлучувањето за каматните стапки и издавањето и следењето на должничките хартии од вредност. Банката на Јапонија исто така собира економски податоци, спроведува истражувања и анализи и ги објавува. Во рамките на банката има 15 одделенија, а досега имало 32 гувернера.
Регионот Адрија
Што се однесува до регионот Адрија, Хрватска и Словенија се под јурисдикција на ЕЦБ, додека монетарната политика на Србија ја води Народната банка на Србија.
Во Босна и Херцеговина главната институција во оваа област е Централната банка на Босна и Херцеговина, додека во Македонија тоа е Народната банка на Република Северна Македонија.
Поради можноста капиталот да се прелее на странските пазари, но и поради високиот удел на кредитите во странска валута, монетарните власти на Србија, Босна и Херцеговина и Македонија секако мора да ги следат одлуките на големите светски играчи.