Блокчејн-технологијата и криптовалутите се сметаат за револуционерна иновација во светот на финансиите. Додека традиционалниот финансиски сектор (TradFi) се соочува со предизвици, дигиталниот сектор ветува нова ера на транспарентност, безбедност и ефикасност во бизнисот, создавајќи систем на децентрализирани финансии (DeFi), но и многу повеќе од тоа.
Блокчејн: Темелот на дигиталната револуција
Блокчејн, буквално преведен од англиски „синџир на блокови“, претставува заедничка база на податоци, заснована на децентрализирана технологија, која овозможува сигурна и транспарентна размена на дигитални податоци и средства. Со други зборови, базата на податоци не се наоѓа на едно место (центар), туку се состои од помали бази на податоци (блокови), кои се меѓусебно поврзани.
Прочитај повеќе
Основачот на „Бајненс“ загуби 12 милијарди долари поради падот на криптотргувањето
Сем Бaнкмен-Фрид, кому му се суди за измама во Њујорк, не е единствениот основач на крипто на кој му гори под нозе.
27.10.2023
Биткоинот достигна 35.000 долари за прв пат од 2022 година
Американскиот федерален апелационен суд ја официјализираше победата на „Грејскејл Инвестментс“ (Grayscale Investments LLC) во нејзиниот обид да создаде биткоин ЕТФ
24.10.2023
Адвокатите на Банкмен-Фрид не го разнишаа сведочењето на неговата поранешна девојка
Керолин Елисон мина низ повеќечасовно испрашување од страна на адвокатите на Сем Банкмен-Фрид, а нејзината приказна во голема мера остана неизменета.
13.10.2023
Чејнлинкот скокна над осум долари, дали ќе го падне биткоинот
Секогаш кога чејнлинкот преминувал осум долари, биткоинот паѓал во просек за 22 процента.
04.10.2023
Биткоинот падна од шестнеделниот максимум
Биткоинот падна од шестнеделниот максимум, откако скокот на приносите на обврзниците ја намали побарувачката за поризични инвестиции.
03.10.2023
Клучната карактеристика на блокчејнот е тоа што тој е дистрибуирана мрежа (базирана на повеќе самостојни компјутери), која работи на принципот на директна комуникација, односно рамноправна корисничка трансакција - без посредници како што се, на пример, банки или државни институции . Софтверскиот код што се нарекува паметен договор му овозможува на блокчејнот да преземе некои функционалности на тие организации, и тоа без човечко учество, бидејќи штом еднаш ќе се напише таква програма, таа продолжува да работи самостојно.
Секоја трансакција или друг запис се запишува во блокови на податоци што се поврзани и енкриптирани (шифрирани така што ќе се направат нечитливи за оние што не поседуваат соодветен дигитален клуч), на таков начин што тие се практично непроменливи. Имено, секој блок има единствен идентификатор, кој се нарекува хаш (анг. hash), и невозможно е да се смени содржината на еден блок без да се промени содржината на сите блокови што следуваат по него.
Значи, една од главните предности на блокчејн-технологијата е можноста за верификација и интегритет на податоците преку децентрализиран систем за валидација. Тоа значи дека, наместо да се потпираме на еден централен ентитет (банка, платежна институција и друго), блокчејнот користи алгоритми за консензус што бараат согласност од мнозинството учесници во мрежата. Тоа обезбедува транспарентност и ја намалува можноста за злоупотреба или манипулација со податоците.
Друга предност е безбедноста. Трансакциите со блокчејн се енкриптирани и верифицирани преку сложени математички алгоритми. Тоа го отежнува хакирањето или манипулацијата со податоци. Блокчејнот користи криптографски техники за да обезбеди приватност и интегритет на податоците, а со тоа создава доверба меѓу учесниците во мрежата.
Не е секој блокчејн јавен и децентрализиран
Треба да се нагласи дека блокчејнот сам по себе може да биде јавен, отворен за секого, без ниту едно лице да го контролира, но може да биде и приватен и централизиран, во зависност од тоа како е програмиран. На јавните блокчејн-протоколи секој може да помогне во верификацијата на трансакциите во мрежата и многу од нив се покажаа како отпорни и безбедни. Најпознат меѓу нив е биткоинот. Тој е лансиран во 2009 година, а го создаде еден човек или група луѓе под псевдонимот Сатоши Накамото.
Блокчејнот има широк спектар на примени. Како што пишуваше „Блумберг Адрија“,во индустријата веќе влегоа гиганти како „Гучи“, „Мекларен“, „Најк“, „Старбакс“, „Ламборгини“... Неодамна објавивме за еден српски стартап што е вклучен во процесот на транзиција на Твитер во Веб3. Патем, Веб3 е уште еден поврзан термин во поширокиот екосистем и се однесува на новата фаза на Ворлд вајд веб (World Wide Web), која ги вклучува токму концептите на децентрализација, блокчејн и економија базирани на дигитални криптомонети.
Значи, иако финансиските услуги се областа каде што блокчејн моментално најмногу се применува, технологијата може да се користи, на пример, и за следење во синџирот на снабдување, водење медицинска евиденција на пациенти, евиденција за авторски права, автентикација на луксузни производи или уметнички дела...
Блокчејн-трилема
Главните стратегиски предизвици на овие иновативни дигитални протоколи често се сведуваат на теоријата на таканаречената блокчејн-трилема. За што станува збор? Еден блокчејн-протокол може да обработи ограничен број трансакции во секунда. Се проценува дека за протоколот биткоин таа граница е седум трансакции во секунда. Таквото ограничување може да предизвика блокчејните да бидат преоптоварени со обемна работа, со што се предизвикуваат доцнења и високи трошоци за корисниците, особено за време на периодите на пазарна еуфорија, кога има голема активност на учесниците.
Според пишувањето на „Блумберг“, проширувањето на блокчејн надвор од одредена точка неизбежно им се заканува на две негови основни карактеристики: децентрализираната структура (која му дава транспарентност и доверба на корисникот дека системот работи независно од трети страни и влади) и безбедноста (заштита на податоците од хакери). Со други зборови, можете да имате приспособливост, децентрализација или безбедност, но не можете да ги имате сите три компоненти.
Терминот „блокчејн-трилема“ го создаде Виталик Бутерин, коосновач на друг познат блокчејн - етереум.
Досега беа направени неколку обиди да се најде решение за оваа заплетканост. На пример, некои од пристапите подразбираат создавање поголеми блокови (информациите за трансакциите се пакуваат во поголеми пакети пред да бидат валидирани и додадени на мрежата) или нови слоеви (градење нов протокол што е интегриран со оригиналниот, со цел самостојно да управува со трансакциите за да се растовари главната мрежа).
Во вториот дел од овој текст, кој ќе биде објавен на „Блумберг Адрија“ во наредните денови, прочитајте повеќе за тоа што се криптовалути, какви предности носат, но и со какви тешкотии се соочува криптосекторот.