Според податоците на Народната банка, средствата на финансиските друштва остварија месечно и годишно зголемување од 6,3 отсто и 29,5 отсто, соодветно. Динамички гледано, сепак видливо е забрзување на растот на кредитите одобрени од финансиските друштва. Според Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, кој зборуваше за „Блумберг Адрија“, овој раст е показател дека расте и довербата на граѓаните и компаниите во овие финансиски друштва.
„Ова ни дава мотивација да работиме понапорно и да обезбедиме тој раст да остане стабилен и да придонесеме кон развојот на македонската економија“, вели Јошевски.
На крајот на јуни вкупната изложеност на финансиските друштва во Македонија изнесувала 140 милиони евра. Но, според Јошевски, само 30 отсто од финансиските друштва работат со брзи кредити. Притоа, тој појаснува дека има финансиски друштва што работат исклучиво со кредитирање компании.
„Имаме финансиски друштва што се занимаваат со хипотекарни кредити и финансиски друштва што работат само со издавање кредитни картички“, вели Јошевски.
„Самиот раст на брзите кредити и растот на кој било друг тип кредити води кон некоја загриженост, особено затоа што овие кредити се лесно достапни и брзо се одобруваат, што може да доведе до некоја презадолженост кај одреден број клиенти“, вели Јошевски.
Тој додава дека финансиските друштва треба да работат заедно со регулаторот за да се утврдат практики за одговорно кредитирање што ќе обезбедат добра подлога за информирање на граѓаните што сакаат да подигнат такви кредити секако пред аплицирањето и земањето на кредитот, а наедно со тоа ќе обезбедат и соодветно враќање на самиот кредит.
„Самата појава на граѓани што се оптоварени со кредит што не го подигнале јавува црвен аларм кај нас дека треба да се подобрат безбедносните протоколи“, вели Јошевски.
Тој додава дека финансиските друштва интензивно работат на подобрување на процедурите за идентификација на граѓаните и вложуваат во соодветни софтвери за биометриска автентикација и електронски потписи. Но, потребни се колаборативни напори меѓу регулаторите, финансиските друштва и технолошките експерти заедно со некоја програма за едукација на граѓаните што ќе доведе до драстично намалување на крадењето на идентитет и негова злоупотреба во иднина.