Покрај економската криза, растот на трошоците за работа, рекордната инфлација и дефицитот на кадар, кои силно се одразија врз туристичкиот сектор, неповолно влијание има и од случувањата на политичката сцена.
Некои од хотелиерите во земјава велат дека бележат намалување на бројот на бугарските туристи, а причината ја гледаат во спорот меѓу Македонија и Бугарија околу евроинтегративните процеси.
„Туристите на некој начин се вратија, огромен дел е од Западна Европа. Кај нас, на пример, во хотелот „Манастир“ во Берово, голем дел туристи се од Холандија. Што се однесува до регионот, пак, на пример туристите од Бугарија - има огромен притисок од политичките превирања. Кај нас половина од гостите беа странски гости. Од нив, 20 отсто беа Холанѓани, 25 отсто беа од Бугарија и преостанатите од други земји. Е, сега, тој процент од бугарски туристи во голема мера е намален поради политичката состојба со нашата земја. Значи, нашата земја освен што трпи постковид, па економска криза, трпи и политичка криза во туризмот“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Дина Муцунска, генерална менаџерка на хотелот „Манастир“ во Берово.
Економските ефекти поради кризата и инфлацијата го јадат профитот на бизнисите во секторот туризам. Трошоците за работа, според Муцунска, се драстично зголемени, а крајните цени се зголемени за дваесетина проценти.
„Тие последици сè уште се чувствуваат во туризмот. И покрај тоа што посетеноста од туристи се врати во голем дел, економски сè уште не сме заздравени. Влезните фактури пораснаа од 100 до 300 отсто, а цените не можевме којзнае колку да ги покачиме. Разликата е огромна. Всушност се работи само за одржување на виталноста на бизнисот, без да се остварува голем профит“, вели Муцунска.
Таа додава дека голем товар се и земените кредити за време на ковид-кризата. Во хотелиерството трошоците се огромни, без разлика на посетеноста од туристи. „Вработените не можете да ги отпуштите, бидејќи особено во малите места кај нас е навистина ’луксуз’ да си дозволите да изгубите работник, затоа што многу тешко се доаѓа до кадри. Така што туризмот навистина сè уште е во незавидна положба. И покрај тоа што се враќа посетеноста, сè уште се работи со загуба. Покачувањето на платите е пак друг проблем. Платите се покачуваат со земање кредити. Стопанството не генерира пари за да може да се покачуваат платите“.
„Македонија има потенцијали особено за развој и на руралниот и екотуризмот, но и за тоа требаат услови и зголемување на свеста и кај локалната и централната власт“, додава таа.
„Имаме огромен потенцијал, имаме недопрена природа, храна, традиција итн. Но, што друго треба – треба инфраструктура, патишта, систем за безбедност, затоа што особено на странските гости многу им значи тоа. Понатаму, мораме да ја задржиме и природата во нејзината првобитна состојба, а притоа да создадеме и конкретна инфраструктура. Промоцијата исто така е многу важна, ние како мали бизнис-единици тоа не можеме да го направиме , тоа треба да е главна задача на централната и локалната власт“, вели Муцунска.