Новите финансиски инструменти, како зелената обврзница, чија аукција се одржа денеска, и граѓанската обврзница, која по вторпат ќе се издаде овој месец, ќе ја збогатат понудата на македонскиот пазар на капитал, но ќе бидат и конкуренција за банките.
Па, во таа насока, дел од стручната фела очекува дека во наредниот период би можело да се очекува и раст на каматните стапки на депозитите.
„Овој инструмент е одлична алатка што ја применува нашето министерство за финансирање специфични проекти. Прво, станува збор за целосно пазарен инструмент, кој ги следи диктатите за формирање пазарна каматна стапка, носи нов квалитет на финансискиот пазар, затоа што се креира дополнителна можност, опортунитет за безризичните инвеститори да ги пласираат со солидна каматна стапка. На овој начин се создава и конкуренција на деловните банки во однос на пасивните каматни стапки, каматите на депозитите, и според мене реално е да се очекува во наредниот период да имаме нагорно придвижување на пасивните каматни стапки“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Инвестирањето во зелени и граѓански обврзници, според него, е и шанса за граѓаните да ги заштитат своите пари од инфлацијата.
„Граѓаните на овој начин ќе успеат делумно да ги заштедат своите слободни финансиски средства од инфлацијата во државата, имајќи предвид дека сè уште таа е на релативно високо ниво. Според мене, овој инструмент ќе привлече интерес и сигурен сум дека планираната емисија ќе биде надмината, иако во најава повторно е граѓанската обврзница, нејзината втора емисија, која би требало да се случи наскоро, и оттука сметам дека оној дел што приватните инвеститори го планираат ќе остане можеби и за оваа блиско најавена емисија и на граѓанската обврзница“, вели Ивановски.
Издавањето зелени и граѓански обврзници е во насока на натамошна диверзификација на јавниот долг на Македонија, кој од година на година расте, а надмина 8,3 милијарди евра во вториот квартал од 2023 година.
Од аспект на управувањето со јавниот долг, Ивановски не е голем оптимист. Професорот потенцира дека алармот е вклучен и се потребни сериозни реформи на економијата,.
„Многу е комплексна ситуацијата. Она што загрижува е буџетскиот дефицит, кој сè уште е повисок од препорачаниот критериум да не надминува 3 отсто од БДП. Според информациите од Министерството за финансии, тие се свесни за потребата од целосна финансиска консолидација, но иако имаме одлични стратегии, акциски планови итн., ние сè уште имаме проблеми пред сè со остварувањето на планираните стапки на економски раст. И сè додека таа стапка не биде повисока од стапките со кои се задолжуваме, ние ќе имаме проблем и нашиот долг ќе расте. Доаѓа време сериозно да се размисли дали имаме потреба за промена на економскиот модел, затоа што на долг рок македонската економија не генерира стапки на раст што сите ги очекуваме и кои во крајна линија би значеле раст на економијата и долгоочекуваниот раст на животниот стандард“, вели Ивановски.