Додека на пазарите на капитал растат апетитите за инвестиции на криптопазарите, особено по лансирањето на американските ЕТФ-ови на почетокот на 2024, Македонија се чини заостанува и во овој поглед.
Според дел од познавачите, идејата за воведување биткоин ЕТФ-ови кај нас е тешко остварлива, со оглед на големината на пазарот и интересот кај инвеститорите.
„Кај нас тој пазар не е голем. Но она што е интересно е поврзаноста на вредноста, вредноста на биткоинот е еднаква сегде во светот. Така што оние што сакаат може да инвестираат преку менувачниците. Кога станува збор за ЕТФ-овите, освен што нашиот пазар е мал, мислам дека и менталитетот на инвеститорите и фирмите не е толку насочен кон овој пазар. Мислам дека самиот ЕТФ во Македонија не би наишол на некој голем интерес“, вели Александар Тасевски, соосновач на криптоклубот „Крипто хаус“ и генерален секретар на криптоздружението „Кон Месечината“ (2 The Moon).
Александар Тасевски (ТВ-гостување)
Bloomberg Adria
Во поглед на крипторегулацијата, во Македонија давањето услуги поврзани со виртуелни средства, што подразбира и размена на виртуелни средства за валута фиат, електронски пари или други средства што претставуваат законско средство за плаќање, делумно е регулирано во Законот за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам.
Сепак, познавачите велат дека се потребни дополнителни закони за комплетно регулирање на оваа сфера.
Bloomberg Adria
„Слично како и во целиот регион, и кај нас регулативата е лабава, односно нема конкретен закон за криптосферата. Кога зборуваме, пак, за заштита на потрошувачите, мора да се напомене дека има разлика меѓу заштитата на потрошувачите од системски проблеми и измами и ризиците на пазарот. Ризикот на пазарот никој не може да го елиминира. Она што треба да го направи законската регулатива е да го сведе на минимум од институционалниот, системски ризик и институциите што се занимаваат со ова да им дадат максимална заштита на крајните корисници“, вели Тасевски.
Иако биткоинот денеска забележа пад за околу 4,5 отсто, што е најголем пад во последните две недели, сепак Тасевски е оптимист дека годинава ќе го пробие плафонот од 100 000 долари.
„Денеска имаше посериозна корекција на цената, односно пад. Не би можел да давам прецизни очекувања, иако лично сметам дека биткоинот годинава ќе ја премине границата од 100 000 долари. Сметам дека пазарот и натаму ќе расте во 2024 година“, вели Тасевски.