Првото намалување на каматите од страна на ЕЦБ се очекува во јуни, додека Фед би се одлучил на таков чекор наесен, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Бојан Цветановски, член на Извршниот одбор на здружението на финансиски пазари „АЦИ Македонија“.
Сепак, тој додава дека најавеното намалување на каматите не значи дека ќе биде почеток и на циклус на позначаен пад на каматните стапки.
Bloomberg Mercury
„Намалување на каматните стапки од 25 базични поени е вкалкулирано на финансиските пазари и податоците што доаѓаат од еврозоната ја даваат таа можност. Како што кажа и Лагард на минатиот состанок, доколку нема некои економски шокови или некој значителен раст на инфлаторните притисоци, ќе има намалување на каматите. Во јуни се очекува сигурно намалување за 25 базични поени бидејќи инфлацијата во еврозоната се приближува кон целта на ЕЦБ. Но важно е да се напомене дека не значи дека ќе се отвори нов циклус на намалување на каматните стапки, значи ќе се оди на претпазлива политика, која многу ќе зависи од натамошните инфлаторни податоци и движењето на пазарот на стоки. Она што оди во прилог на намалувањето на каматните стапки е падот на цената на нафтата“, вели Цветановски.
Цветановски очекува намалување на каматите од 100 до 150 базични поени од страна на ЕЦБ, но дека некои од нив ќе останат и за во текот на 2025 година.
Bloomberg Mercury
Федералните резерви, пак, сè уште се резервирани по ова прашање, но Цветановски посочува дека во првиот квартал од 2024 година има одредено забавување на американската економија, што е последица на високите каматни стапки. Со оглед на тоа, тој очекува и тука да се отвори можност за намалување на каматната политика на Фед наесен.
Извесно е дека чекорите на ЕЦБ, пак, ќе ги следи и Народната банка на Македонија. Но каков ќе биде ефектот врз каматните стапки на постојните и новите кредитите?
Цветановски вели дека олабавувањето на монетарната политика ќе се почувствува врз каматите на кредитите, но сепак падот ќе биде бавен и претпазлив.
Bloomberg Mercury
„Сè уште е рано да се каже дека се отвора нов циклус на намалување на каматните стапки. Не очекувам значителни и големи чекори во намалувањето на каматните стапки, сметам дека ќе се оди претпазливо. Во поглед на кредитите, мислам дека ќе се почувствува ефект, но најефективно од септември, кога очекувам и некој нов инвестициски циклус со пониски каматни стапки“, вели тој.