Настапите на светските музички имиња секако носат бенефиција и за туризмот и за локалните економии. Но најголемиот проблем не е да се букира артист, туку за Македонија најголем проблем е инфраструктурата, која во изминативе години наместо да оди напред, таа назадува. Ова во интервју за „Блумберг Адрија ТВ“ го посочува Бобан Милошески од „Авалон“.
„Еве еден пример како назадуваме. Во 2008 година во Охрид го донесовме Лени Кравиц, сега повторно го носиме на истиот стадион, а бидејќи поминале 16 години, организациски сега би требало сè да е на копче на тој стадион и организирањето да е илјадапати полесно. Ама, за жал, ситуацијата не е таква“, вели Милошевски.
Инфраструктурата во Македонија не оди напред, таа оди назад и тоа е нешто за што би требало новата влада да се загрижи.
„На постојните објекти треба да им се овозможи да бидат колку-толку во чекор со 21 век, а богами да се решат и да направат нешто сериозно поквалитетно за да можеме да работиме. Сè уште ја нема Универзалната сала. Немаме соодветна сала за концерти. ’Борис Трајковски’ е мала сала за концерти, на градскиот стадион е големо прашање дали може да се направи сериозен светски концерт како во Белград затоа што не знам дали околу градскиот стадион има каде да се паркираат сто камиона, тоа се некои предизвици што се на ниво на наука, на ниво на медицината“, вели Милошески.
Некој мисли дека е лесно тоа, ќе договориш и ќе направиш концерт.
„Не е точно. Организирањето концерт е сложена медицинска операција“, вели Милошески.
Милошески потенцира дека топ приоритет што сè уште не е сфатен е правењето на Универзалната сала во Скопје.
„Да немаш универзална сала во Скопје е како да немаш пекарница што ќе прави леб за да има леб по маркетите. Тоа е важно за целата наша бранша и тоа се некои предизвици за кои од моја страна ресорниот министер ќе биде информиран“, вели Милошески.
Тој смета дека минатата влада не направила ништо за културата и се надева дека новата влада ќе биде многу енергична и многу поконкретна во тој контекст.
Од ваквите состојби губат и државата и локалните економии.
„Искуството со Рамштајн ни покажа дека сите капацитети на Белград беа исполнети тие денови, со пораст на цените за сместувањето. Исто така ќе биде и во Охрид во тој период, секако така е и е на светско ниво“, вели Милошески.
Тој додава дека статистиката покажува дека најбрзорастечки туризам во светот е концертниот туризам.
„Тоа е така особено по коронавирусот, затоа што стана своевиден тренд да мора да патуваш ако сакаш да гледаш концерти. Концертите не доаѓаат дома кај тебе. Тие се сè помалку и помалку за сè повеќе и повеќе луѓе“, вели Милошески.
Поскапувањата не ја одминаа ниту музичката сцена.
„Се прават сè помалку концерти за сè повеќе пари. Да речеме, ако пред коронавирусот некој чинел 250 илјади евра и свирел 150 концерти, сега интенцијата на менаџментот е да има околу 80 концерти и да чини 500 илјади евра. Генерално гледано, тоа е проследено со пораст на цените и на влезниците. И тука се вртиме во некој маѓепсан круг, во кој во моментов нема победник, но ајде да видиме за едно две-три години до каде ќе стигнеме и ние и тие“, вели Милошески.
Тој посочува дека прогресивниот дел на публиката е на страната на светските концерти, но турбофолкот е сериозно застапен кај нашата публика, а тоа, според Милошески, секако е дел од домашното воспитување.
„Оној што дома е растен со квалитетна музика не оди на турбофолк. Сепак мислам дека пред сè зависи од тоа што слушале родителите, па тоа слушаат и децата“, вели Милошески.