Сакса, Нико, Тајсон, Квизи и ПеркЗ... Дали некогаш сте слушнале за нив? Тие се државни шампиони од регионот Адрија во играње видеоигри. Некои од нив заработија милиони само на турнири. Најуспешен е Македонецот Мартин Саздов-Сакса, кој освои три милиони долари. Пазарот на е-спортот ќе расте експоненцијално во иднина. Кои се главните играчи?
„Во средно училиште ѝ реков на мајка ми дека сакам да играм игри низ целиот свет, таа само ми се насмеа. Тоа беше мојата работа од соништата“, изјави еден од најдобрите хрватски е-спортисти, Леон Пешиќ-неЛо, кој веќе пет години професионално се занимава со „Виножито шест опсада“ (Rainbow Six Siege). Само пет играчи годишно успеваат да влезат во европската професионална лига на таа игра. Иако тоа изгледа како крајна дестинација, тоа е само почеток.
Според esportsearnings.com, Леон е петтиот најуспешен Хрват и еден од ретките што беа подготвени да го споделат своето искуство со нас. Со тимот и успесите на турнирите заработил нешто помалку од 100 илјади долари, пишува на споменатата веб-страница. „Наведените суми може да бидат погрешни бидејќи се процени“, предупредува Пешиќ, кој не сака да зборува за заработката. Но тој признава дека играњето игри може да биде профитабилен бизнис. „Паричниот фонд на турнирот е поделен на пет играчи, при што свој дел добива и организацијата за која игра е-спортистот, а дел од наградата им припаѓа на тренерот на тимот и на аналитичарот“, објаснува 26-годишниот играч.
Најдобар Хрват, барем според заработката на натпревари, е Лука Перковиќ -ПеркЗ. На 33 одиграни турнири со тимот освоил 586 илјади долари. На веб-страницата esportsearnings.com се регистрирани 260 играчи од Хрватска, а само тројца заработиле повеќе од 100 илјади долари.
„Иако индустријата за видеоигри силно се развива, Хрватска е на ниско ниво во е-спортот во споредба со светот и регионот. Србија е околу 20 пати на повисоко ниво. Тие имаат професионални тимови за е-спорт и големи организатори на турнири со наградни фондови од неколку стотици илјади евра. И Македонија е во многу добра позиција, бидејќи има комплетна инфраструктура за е-спорт, исто како и Србија. Другите земји во регионот заостануваат, Словенија е исто така слабо развиена во областа на е-спортот“, тврди Никола Столник, основач и извршен директор на „Гуд гејм глобал“ (Good Game Global), меѓународна платформа за е-спорт, моментално единствената хрватска компанија чија основна дејност е организирање настани во е-спорт. Еден таков настан е „Гуд гејм Загреб“ (Good Game Zagreb), каде што во видеоиграта„Кантер страјк: глобална офанзива“ (Counter Strike: Global Offensive) главно се натпреваруваат ИТ-компании од регионот, како „Спан“ (Span), „Нанобит“ (Nanobit), „Нордеус“ (Noredeus) и „Аутфит7“ (Outfit7), а се грижат и за продукција на настани во е-спорт за големи компании, како „Дојче телеком“, „Самсунг“, „Филипс“, „Ред бул“, „Акцентур“ и други.
Најдобрите играчи во регионот
Убедливо најуспешен во регионот е Мартин Саздов-Сакса, кој со својот тим и награди на 69 турнири заработил повеќе од три милиони долари. Тој потекнува од Македонија, според информациите од споменатиот сајт има 28 години и игра „Дота 2“ (Dota 2). Минатата година му беше една од најуспешните, бидејќи заработи 1,77 милион долари. Тој го зазема 24-то место на светската ранг-листа, а за него откривме уште еден интересен факт: Сакса е висок повеќе од два метра, највисокиот професионален играч во споменатата видеоиграта. „Ве советувам да направите тим во кој луѓето ќе се чувствуваат добро и ќе имаат желба да учат. Само така ќе можете да напредувате како тим. Најважно е да се забавувате – ако играта ве замори, работите брзо ќе тргнат надолу“, изјави тој во интервју за порталот „Спортскида“ (Sportskeeda). Неговите сонародници не се толку успешни. На esportseardings.com има 80 луѓе од Македонија. Тие заработиле вкупно 3,49 милиони долари, што, благодарение на Сакса, е најмногу од сите земји во регионот.
Втора најуспешна земја во регионот во е-спортот е Србија. На претходно споменатиот сајт има 364 играчи, на турнирите заработиле вкупно 2,9 милиони долари, а најуспешен е 21-годишниот Алекса Цветковиќ-Квизи, кој игра „Фортнајт“ (Fortnite). Тој настапил на 107 турнири и со тимот заработил 876 илјади долари. Од 2019 година тој учествува на големите натпревари на „Фортнајт“, а од минатата година е член на спортската организација „Галакси рејсер“ (Galaxy Racer - GXR) со седиште во Дубаи. Неговиот јутјуб-канал моментално има 79,6 илјади претплатници.
На трето место е Словенија, со 2,48 милиони долари во е-спортот, а најдобар играч е 19-годишниот Таи Старчич-Тајсон. Тој освоил 1,093 милион долари играјќи „Фортнајт“ на 123 турнири. Неговата популарност се гледа и во бројката од 409 илјади претплатници на неговиот јутјуб-канал. Младиот играч сѐ уште не се појавил во медиумите.
Милионер најдовме и во Босна и Херцеговина, каде што се регистрирани 74 играчи. Дваесет и шестгодишниот Никола Ковач-Нико заработил 1,193 милион долари на 157 турнири. Тој се натпреварува во „Кантер страјк: глобална офанзива“. На второ место е неговиот роднина Немања Ковач-Хантер, кој на турнирите заработил речиси 600 илјади долари.
Награден фонд од 40 милиони долари
„Програмерите, особено издавачите на видеоигри, секогаш се нераскинливо поврзани со натпреварите“, објаснува Михајло Јовановиќ Џарил, директор на „Фортуна еспортс“ (Fortuna Esports), која организира преноси на големи турнири. „Сите натпревари мора да добијат лиценца од издавачот на видеоигри, но тие исто така можат и сами да организираат турнири или да финансираат натпреварувачки тимови. Понекогаш тие ги одредуваат и правилата по кои ќе се игра“, додава тој.
Со години најголем приход обезбедуваат натпреварите во играта „Дота 2 интернешнал“ (Dota 2 The International), која ја игра и најдобриот играч во регионот, Македонецот Мартин Саздов-Сакса, бидејќи наградниот фонд, освен основната сума обезбедена од издавачот „Валв“ (Valve), исто така го финансираат и самите играчи. „Наградата за тој натпревар достигна рекорд во 2021 година, кога фондот изнесуваше повеќе од 40 милиони долари“, опишува Јовановиќ Џарил.
Во исто време, тој истакнува дека игрите развиваат сопствени системи во кои професионалните играчи можат да заработат повеќе пари преку редовни плати отколку преку наградни фондови. Таквите системи се покажаа како многу постабилни и поодржливи, а како пример ги наведува игрите „Лига на легенди“ (League of Legends) и „Кантер страјк: глобална офанзива“.
Еден ден во животот на е-спортистот
Ако мислите дека професионалното играње игри е само забава, а не работа, вие сте во голема заблуда. Животот на е-спортистот е борба, и тоа не само во видеоиграта туку и борба да влезе во професионален тим, борба да опстане во него и борба за одржување на фокусот. Пред сѐ, таквиот живот бара многу жртви. За многумина таа борба на крајот не вреди. Но за оние малкумина што успеваат, соништата од детството се остваруваат. Како изгледа нивниот ден?
Леон Пешиќ ни откри дека тренира шест-седум часа дневно. Притоа, тој посветува дополнително време на проучување на играта на противникот за да го победи. „Во мојата игра има многу стратегија и анализирање на противничкиот тим. Ако не го правиш тоа, има некој што е гладен и го сака твоето место, тој ќе вложи повеќе време“, објасни тој за „Блумберг бизнисвик Адрија“. Овој млад играч тоа го доживеа лично кога мораше да го напушти тимот на Натус Винцере. „Морав да барам нов тим и не можев да најдам, па формирав тим од четворица играчи што никогаш не играле професионално. Со нив во 2021 година се квалификував повторно да влезам во професионалниот е-спорт. Двапати морав да го поминам тоа, а тоа е доста сурово“, не го крие стресот што доаѓа од занимавањето со е-спорт 26-годишниот играч на еден од десетте професионални тима на „Виножито шест опсада“ во Европа.
Е-спортистите немаат традиционална месечна плата ниту организацијата за која играат им исплаќа своевиден надомест за работата. Покрај делот од наградите од освоените турнири, некои ѕвезди од е-спортот имаат и дарежливи спонзорски договори. „Тоа е за оние малку поголеми играчи“, вели Пешиќ-неЛо, кој е под договор со „МНМ гејминг“ (MNM Gaming) со седиште во Велика Британија. Со нив играше и во 2018 година, кога ѝ го продадоа тимот на украинската организација „Нави“.
Сето тоа по малку потсетува на фудбалските трансфери, а моментите на слава потсетуваат на оние кога фудбалерите освојуваат пехар. Пешиќ се потсетува на победата на турнирот во Јапонија во 2019 година. „Во публиката имаше четири илјади луѓе. По победата, два часа дававме изјави за медиумите, а кога излеговме надвор, имаше редица од илјада луѓе што нѐ чекаа два часа, поминавме уште четири часа давајќи автограми и фотографирајќи се со нив“.
Е-спортот треба да биде план Б
На веб-страницата esportearnings.com се наведени речиси илјада играчи од регионот, а најмногу од Србија, 364. Подетален преглед на приходите на сите тие играчи покажува дека повеќето од нив заработуваат неколку илјади или неколку стотици евра.
Пешиќ, со мудроста што ја стекнал, ги советува младите нивната е-спорт кариера да им биде план Б, додека училиштето и работата се план А. „Само 0,00001 отсто од луѓето успеваат да станат професионални е-спортисти, така што тоа е голема ризик“, предупредува тој. Сепак, тој додава дека оние што навистина го сакаат е-спортот, во слободното време треба целосно да му се посветат на тоа.
Кариерата на е-спортистите е краткотрајна - на 30 години веќе се сметаат за стари. „Тоа не е само затоа што помладите имаат побрзи реакции, туку затоа што со текот на времето доаѓа до прегорување, мотивацијата опаѓа“, објаснува Пешиќ.
Михајло Јовановиќ Џарил од „Фортуна еспортс“ исто така истакнува дека приходите се примамливи, но додава дека бројот на места на самиот врв е ограничен. „Зад успехот стојат огромен труд и подготовка, како и уште повеќе жртви. Потребно е и малку среќа и, се разбира, талент“.
Дали професионалниот е-спорт ќе привлече повеќе гледачи од кошарката или фудбалот?
Според процената на британската банка „Барклис“ (Barclays), пазарната вредност на светската индустрија во е-спорт до 2030 година ќе скокне од денешните 1,4 милијарда долари на 9,6 милијарди долари. Притоа се зема предвид целиот екосистем за е-спорт, кој вклучува спонзорства, купување права за пренос и стриминг, продажба на стоки и билети, како и провизии за објавување.
Колку брзо расте популарноста на е-спортот најдобро покажува податокот дека моментално има публика од 540 милиони луѓе, а во следните две години се очекува таа да се зголеми на 640,8 милиони. До 2030 година таа бројка ќе достигне една милијарда луѓе, проценува „Барклис“. Во својот извештај, „Барклис“ споменува интересна споредба на гледаноста на Светското првенство во „Лига на легенди“ во 2021 година, кое со 74 милиони гледачи ги надмина популарните финалиња на НБА-лигата во САД (16,5 милиони) и бејзбол-лигата МЛБ (14,3 милиони луѓе). Но тешко дека ќе ги надмине американскиот фудбал и НФЛ Супербоулот, кој минатата година го гледаа 208 милиони луѓе.
Сепак, и покрај големиот успех, е-спортот не е исто популарен насекаде и сè уште има многу простор за освојување и добивање обожаватели низ светот. За е-спортот лудуваат во Кина, САД и Јужна Кореја, а таа треска ја зафати и Европа. Меѓу првите пет земји што според податоците на „Статиста“ во април годинава најмногу заработиле од е-спортот се Германија и Велика Британија.
ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ
1. Во моментов, според процените, низ светот има околу 540 милиони гледачи на е-спорт.
2. Вредноста на пазарот на е-спортот до 2030 година ќе порасне од сегашните 1,4 милијарда на 9,6 милијарди долари.
3. Кина е водечки регион во приходите од е-спорт.
4. „Дота 2“ со награден фонд од 47,79 милиони долари е водечка игра во е-спортот.
5. Во моментов на платформата за стриминг на видеоигри „Твич“ (Twitch) има 7,63 милиони активни стримери.
6. Јохан Сандштајн-НОтејл (N0tail) е најплатениот е-спортист во светот. Неговото богатство е 7,5 милиони долари.
7. Повеќе од 60 проценти од љубителите на е-спортот се на возраст од 16 до 35 години.
Во соработка со Марија Крсмановиќ (Србија).
Текстот го преведе Сузана Митревска