Со работата од дома Американците си вратија 60 милиони часови кои секојдневно ги трошат заради патување до и од работното место. Тие сега тоа време го користат за различни активности, но и за повеќе да спијат.
Ова е заклучокот од истражувањето на Банката на федералните резерви Њујорк, која ги анализираше податоците од „American Time Use Survey“ за да види на што американските работници го трошат своето време кога не се заглавени во преполните возови или во сообраќајните гужви. Главниот заклучок е дека вработените поминуваат помалку часови работејќи, а значајно повеќе трошат на спиење и слободни активности.
Иако многу компании ги наговараат своите вработени да се вратат во канцелариите, околу 15 проценти од нив и натаму работат од далечина, а 30 отсто имаат хибриден распоред, покажува истражувањето на Ник Блум, професор на Универзитетот Стенфорд. Иако времето кое го трошеле за патување вработените може да го користат за работа, сепак истражувачите открија дека вкупното време поминато на работни обврски опаднало бидејќи луѓето работата ја заменуваат со други активности во текот на денот, како перење алишта или вежбање.
„Резултатите им даваат веродостојност на различните извештаи за приоритетите на вработените со флексибилните работни ангажмани, со оглед на тоа дека намаленото патување до работа им овозможува на луѓето да го пренаменат своето време на други активности како што се грижа за децата или повеќе слободно време за себе“, напишаа авторите на извештајот. Тие додаваат дека оваа дополнителна предност на работата од дома, за тие кои го сакаат тој начин на работа, ќе биде особено значајно за иднината на флексибилните работни ангажмани.
Младите работници често вложуваат во своето слободно време, вклучувајќи одење во барови и ресторани или вежбање, додека повозрасните работници се насочуваат да завршат задачи како готвење, чистење и грижа за децата. Сите групи имаат подолг сон, отприлика околу 1 час дневно дополнително време за спиење. Самото тоа претставува придобивка за американските работници, бидејќи хроничниот недостиг од сон е причина за многу сериозни здравствени проблеми.
Алекса Кембон, раководител на истражувањето за праксата на човечките ресурси во фирмата „Gartner“ рече дека иако работат помалку часови, тоа воопшто не значи дека вработените се помалку продуктивни.