Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер, проследен со уште еден силен потрес, погоди широк појас од Турција и Сирија рано во понеделникот, при што загинаа илјадници луѓе.
Ги издвојуваме клучните работи што треба да ги знаете:
ШТО СЕ СЛУЧИ?
Според Геолошкиот институт на САД (USGS), земјотресот се случил на длабочина од 18 километри, а епицентарот бил во јужна Турција, во близината на северната граница на Сирија.
Многу последователни потреси ги погодија двете земји по првичниот силен земјотрес. „Во првите 11 часа, регионот почувствувал 13 значајни последователни потреси со магнитуда од најмалку 5 степени“, вели Алекс Хатем, геолог за истражување на USGS.
Друг моќен земјотрес - со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала - ја погоди Турција девет часа по главниот потрес. Иако научниците проучуваат дали тоа е последователен потрес (афтершок), тие се согласни дека двата земјотреса се поврзани.
„Секако дека се очекуваат повеќе последователни потреси, со оглед на магнитудата на главниот удар“, објасни Хатем. „Очекуваме последователните потреси да продолжат во наредните денови, недели и месеци...“.
КАКОВ ВИД ЗЕМЈОТРЕС БЕШЕ ОВОЈ?
Истражувачите велат дека земјотресот бил од лизгачки тип (анг. strike-slip), каде што две тектонски плочи се лизгаат една покрај друга хоризонтално.
Земјата е поделена на различни делови, „како сложувалка“, вели Ерик Сандвол, сеизмолог од Универзитетот во Мисури.
Тие делови се среќаваат на одредени точки, каде што плочите обично полека се абат една со друга. Но штом ќе се создаде доволно напнатост, тие можат брзо да избијат една покрај друга, ослободувајќи големо количество енергија.
„Во овој случај едната плоча се движела кон запад, додека другата кон исток - избивајќи се меѓусебно, што всушност доведе до земјотресот“, посочува Хатем.
„Со текот на времето, последователните потреси ќе почнат да стивнуваат и да стануваат поретки“, додава Сандвол.
ДАЛИ СЕ ЧЕСТИ ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО ОВА ПОДРАЧЈЕ?
Земјотресот се случи во сеизмички активна област, каде што и во минатото имало силни земјотреси.
„Речиси цела Турција е навистина сеизмички активна“, вели Сандвол. „Ова не е нешто ново за земјата“.
Турција беше погодена од уште еден силен земјотрес во јануари 2020 година - со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала, што предизвика значителна штета во источниот дел на земјата. Во 1999 година, земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала се случи во близината на Истанбул, при што загинаа околу 18.000 луѓе.
ЗОШТО ОВОЈ ЗЕМЈОТРЕС БЕШЕ ТОЛКУ РАЗОРУВАЧКИ?
Земјотресот беше силен - особено за потрес што се случи на копно. „Вообичаено, многу силни земјотреси се случуваат под вода“, вели Маргарита Сегу, сеизмолог од Британскиот геолошки институт.
Покрај тоа, земјотресот се случи во близина на густо населени области. Епицентарот бил во близината на Газијантеп, голем и главен град во таа област.
„Во погодените региони исто така имало многу ранливи објекти“, додава Кишор Џајсвал, градежен инженер во USGS.
„Додека новите згради во градовите како Истанбул се дизајнирани според современите стандарди за земјотреси, оваа област на јужна Турција има многу постари високи згради“, објаснува Џајсвал. Брзата изградба во Сирија - плус годините на војна - можеби ги остави структурите ранливи, велат истражувачите.
Официјални лица објавија дека илјадници згради се урнале како последица на земјотресот. „Имало уривања и од типот ’палачинка’, каде што горните катови на зградата паѓаат директно на долните катови - знак дека конструкцијата не може да го апсорбира потресот“, вели Џајсвал.
Спасувачките напори се отежнати поради ниските температури и сообраќајниот метеж од жителите што се обидуваат да ги напуштат областите погодени од земјотресот.
„Ова е ужасно ниво на пустош и уништување“ што го гледаме кога силен земјотрес ќе погоди регион со згради што не се осигурени, рече Илан Келман, експерт за катастрофи на Колеџот во Лондон.
Во меѓувреме, спасувачки тимови од странство почнаа да се распоредуваат во Турција во вторникот, а бројот на загинати во земјата и во соседна Сирија надмина 4.000 лица.