Ветувањата на некои од најголемите светски корпорации за намалување на емисиите на нула се сведоа на тоа дека ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови само за 36 отсто, се вели во нов извештај, што пак е многу помалку од напредокот потребен за да се спречи катастрофалниот пораст на глобалните температури.
Под влијание на притисокот од инвеститорите и фактот дека потрошувачите сè повеќе се свесни за екстремните временски услови, компаниите речиси секој ден даваат нови ветувања за ограничување на своето влијание врз климата и природниот свет. Сепак, прописите што ја регулираат одржливоста сè уште се недоволно развиени и многу варираат од место до место, што го отежнува утврдувањето на вистинскиот напредок од помпезноста на пиар-соопштенијата.
„Карбон маркет воч“ (Carbon Market Watch) и „Њу клајмет институт“ (NewClimate Institute) истражувале 24 од најголемите светски компании што ветија дека ќе постигнат јаглеродна неутралност и се позиционираа како лидери по прашањето за климата. Работејќи во осум индустриски и потрошувачки сектори, компаниите што се појавија во второто издание на „Корпорејт клајмет респонсибилити монитор“ (Corporate Climate Responsibility Monitor) објавија вкупен приход од повеќе од три билиони долари во 2021 година.
Авторите на извештајот открија дека повеќето од идните цели на овие компании за нето-нула емисии и тековните климатски ветувања се „преголеми, лажни и погрешни“. На климатските стратегии им недостигаат краткорочни амбиции и, наместо тоа, се потпираат на долгорочни цели, без целосно да ги објаснат или точно да прецизираат како ќе се постигнат, се заклучува во извештајот.
Иако повеќето од анализираните компании се обврзаа на краен рок до 2030 година, нивните ветувања се често ограничени и недоволни за да помогнат во исполнувањето на целта на Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степен во споредба со прединдустриското време.
Генерално, авторите веруваат дека климатските стратегии на 15 од 24 компании имаат низок или многу низок интегритет. Само пет компании, имено групацијата „Ејч енд ем“ (H&M), „Холцим“ (Holcim), „Стелантис“ (Stellantis), „Маерск“ (Maersk) и „Тисенкруп“ (Thyssenkrupp), се обврзаа да ги намалат емисиите на јаглерод за најмалку 90 проценти до годината за која навеле дека сакаат да достигнат нулта емисии.
Десет од 24 компании исто така беа анализирани во извештајот за 2022 година, но авторите заклучија дека и покрај некои подобрувања во насоките поврзани со климатските цели, има ограничен напредок во однос на претходната година за транспарентноста или интегритетот на нивните стратегии за климата.
„Речиси сите компании го ветуваат тоа. Тие го прават тоа како одговор на притисокот од потрошувачите и инвеститорите“, вели Томас Деј, аналитичар во „Њу клајмет“. „Но, со донесувањето на овие доброволни цели, исто така им сигнализираат на регулаторите дека тие не треба да бидат регулирани“.
Меѓу анализираните компании се најдоа и глобални технолошки корпорации како „Епл“ (Apple) и „Мајкрософт“ (Microsoft), како и големи производители како „Пепси“ (PepsiCo) и „Нестле“ (Nestle SA). Од климатските планови анализирани во извештајот, само интегритетот на бродската компанија „Маерск“ е оценет како „висок“. „Керфур“ (Carrefour SA), мултинационалниот продавач на храна, и „ЏБС фудс“ (JBS Foods), производителот на месо, се некои од компаниите со најниски резултати за интегритет.
Авторите конкретно го критикуваа фактот дека речиси сите анкетирани компании премногу се потпираат на програми што би ги надоместиле нивните емисии со проекти од областа на шумарството или други проекти за користење на земјиштето. Заедно, ваквите планови за компензација далеку го надминуваат техничкиот потенцијал на природните ресурси во светот и се засноваат на фундаментално недоразбирање за тоа како функционира впивањето на јаглеродот, напишаа тие.
Извештајот бара забрана на лажни климатски ветувања, подобро спроведување на постојните прописи и подобар надзор за да се спречи „зелено перење“ (анг. greenwashing) во компаниите.
„Навистина е глупаво да се очекува потрошувачите да ги разберат тие ветувања, иако многу од тие комуникации се насочени директно кон потрошувачите“, вели Жил Дуфрасне, директор за политики во „Карбон маркет воч“, непрофитна организација што ги следи пазарите на јаглерод.