Работниците што никогаш не мора да се вратат во канцеларија ги напуштаат скапите градови, како Њујорк и Сан Франциско, поради топлото време и ниските даноци во сончевиот појас.
„Јелп“ (Yelp), познати по своите рецензии за бизниси, ги анализираше тригодишните внатрешни податоци за сопствената работна сила, која е целосно оддалечена. Анализата откри дека уделот на работниците што живеат во близина на своите канцелариски локации паднал во периодот меѓу 2019 и 2022 година, при што неговото седиште во Сан Франциско забележало најдраматичен пад од дури 70 отсто, по што следуваат Њујорк, Вашингтон и Чикаго (секој од градовите е со пад од 67 отсто).
Во истиот период, бројот на работниците на „Јелп“ што живеат во Флорида и Тексас скокна за четири пати.
„Многу од вработените со кои разговаравме се преселија од поранешните канцелариски локации во области со пониски трошоци за живот, при што некои поединци го купија својот прв дом или уживаат во помирно место за живот“, рече Кармен Витни Ор, раководителка на компанијата.
Коосновачот на „Јелп“, Џереми Стопелман, минатиот јуни изјави дека компанијата ќе прифати работа од далечина, затворајќи ги своите канцеларии, кои постојано се недоволно искористени, особено тие во Њујорк, Чикаго и Вашингтон, кои беа полни во просек со помалку од два процента од вработените секоја недела.
Компанијата на крајот на 2021 година имаше 4.400 работници. Вработените во „Јелп“ не се единствените што бегаат од тесните урбани станови и скапиот градски живот. Американските работници со години се оддалечуваат од скапите крајбрежни градови. Но тој тренд на миграција беше дополнет за време на пандемијата и продолжи во 2023 година, бидејќи инфлацијата ги зголемува трошоците за живот.
Во 2022 година работниците на „Јелп“ живееле во повеќе од 1.300 различни градови, што е за 50 проценти повеќе од 2019 година.