Секојдневното користење марихуана го зголемува ризикот од развој на срцеви заболувања, открија американски истражувачи, со што сликата за влијанието на оваа дрога врз здравјето на луѓето стана уште покомплексна.
Неодамна објавени резултати покажаа дека лицата што користат канабис на дневна основа имаат 34 отсто поголема веројатност да добијат коронарна артериска болест, најчеста форма на срцева болест, во споредба со оние што никогаш не користеле. Наодите ќе бидат претставени на кардиолошка конференција во март.
Претходни студии сугерираа дека пушачите на канабис, особено помладите луѓе, може да имаат зголемен ризик од мозочни удари или други заболувања. Од друга страна, употребата на оваа дрога е во пораст во многу делови од светот поради нејзината способност да ја ублажува хроничната болка и да помага при состојби како гадење предизвикано од хемотерапија.
„Во однос на пораката за јавното здравје, ова покажува дека веројатно постојат одредени штети од употребата на канабис што претходно не биле препознаени и луѓето треба да го имаат предвид тоа“, вели водечкиот автор Ишан Парањпе, лекар од универзитетот „Стенфорд“.
Повеќе земји ги олеснија правилата околу оваа дрога во последниве години, иако сè уште останува нелегална во поголемиот дел од светот. Рекреативната употреба се зголеми во САД, бидејќи марихуаната е легализирана во многу држави, иако и понатаму е забранета на федерално ниво.
Истражувачите анализирале податоци за тоа колку често 175.000 луѓе користеле канабис и стапката на срцеви заболувања. Студијата открила причинско-последична врска помеѓу секојдневната употреба и зголемениот ризик од срцеви заболувања во текот на неколку години, според соопштението на Американскиот колеџ за кардиологија.
Истражувачите зеле предвид и други потенцијални причини за срцеви компликации, како што се употребата на тутун и алкохол, но утврдиле разлика помеѓу различните начини на користење на лекот.
„Користењето на месечно ниво наместо секојдневно не води до значително зголемување на ризикот“, велат тие.