САД и Кина привремено ќе извршат реципрочно намалување на царините, во обид да се намалат трговските тензии и да се дадат уште три месеци на двете најголеми економии во светот за да ги разрешат разликите.
Комбинираните американски царини од 145 отсто на поголемиот дел од кинескиот увоз ќе бидат намалени на 30 отсто, додека кинеските царини од 125 отсто на американските производи ќе се намалат на 10 отсто, според изјавата и официјалните лица на брифингот во понеделникот во Женева.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Владата воведува новини во плаќањето патарини
Се менуваат начините на плаќање патарини по електронски пат. Владата неодамна донесе одлука што, како што тврдат оттаму, ќе го забрза протокот во сообраќајот и ќе го зголеми бројот на корисници што ќе ги плаќаат патарините електронски.
Целта е, како што велат од Владата за „Блумберг Адрија“, да се скрати времето на чекање, да се зголеми ефикасноста на наплатните станици, да се зголеми безбедноста во сообраќајот, но и да се намалат злоупотребите преку „намалување на влијанието на човечкиот фактор и зголемување на задоволството на корисниците, односно граѓаните“.
Со новата владина одлука се менуваат износите за дополнување на бесконтактните смарт-картички и електронските уреди за наплата (МТАГ).
Какви се уписните политики на факултетите во регионот?
Начинот на упис на факултет во земјите од регионот Адрија е различен. Во Македонија се полага државна матура и резултатот од неа, заедно со успехот од средното училиште, најчесто е пресуден за упис, приемни испити нема. Примени испити нема ниту во двете земји членки на Европската Унија, Хрватска и Словенија, каде што исто така се полага државна матура, а процесот на пријавување за високо образование почнува во февруари.
Во Босна и Херцеговина не се полага државна матура, пресудни за упис се оценките од средно училиште, примени испити има само на факултетите на кои има поголем интерес од бројот на слободни места. Државна матура нема ни во Србија, а матурантите полагаат примени испити. Различен е и квалитетот на универзитетите во регионот, а македонските универзитети ги нема на листите на најдобрите високообразовни институции.
Биткоин или злато: Волстрит нуди нови можности за „обложување“
Судирот на културите меѓу биткоин ентузијастите и љубителите на злато наскоро ќе се одигра преку нови берзански фондови, ЕТФ (ETFs).
„Тајдл Фајненшл Груп“ (Tidal Financial Group) поднесе барање за лансирање пар долгорочни-краткорочни фондови — ставајќи ја најголемата светска криптовалута наспроти блескавиот метал, и обратно — нудејќи им на инвеститорите можност за силен и одлучен облог околу тоа кој е подобар хеџ против економски неизвесности.
Пакувани под брендот „Бетлшерс“ (Battleshares), овие нови фондови имаат цел да профитираат од долгогодишната дебата за тоа кој е вистинскиот „чувар на вредноста“ во време на трговски војни, геополитички тензии и лабава фискална и монетарна политика. Идеолошкиот јаз меѓу индивидуалните и институционалните инвеститори постои уште од појавата на биткоинот по финансиската криза од 2008 година — токму кога и двете средства доживуваат голем раст во последнава година, но од различни причини.
Генеративната вештачка интелигенција во 2025
Во својот извештај за прогнози во секторот технологии, медиуми и телекомуникации за 2025 година, „Дилојт“ (Deloitte) ја става генеративната вештачка интелигенција (GenAI) во центарот на технолошката трансформација.
Но ова не е само приказна за напредок – „Дилојт“ ја нарекува годинава „година на јаз“, бидејќи, и покрај експлозивниот раст, се појавуваат клучни стратегиски, инфраструктурни и општествени празнини што би можеле да ја забават долгорочната вредност на технологиите за вештачка интелигенција (ВИ).
Генеративната ВИ несомнено е двигател на промени, но нејзиниот развој не е линеарен: „Прогнозата на ’Дилојт’ дека 2025-та ќе биде ‘година на јаз’ за генеративната вештачка интелигенција ја истакнува оваа важна пресвртница“, пишува претседателката на „Дилојт САД“, Лара Абраш.
Швајцарскиот франк ја тестира лојалноста на евровизиските обожаватели
Дури половина милион обожаватели што пристигнуваат во Базел деновиве за европскиот музички натпревар, Евровизија, наскоро ќе сфатат дека швајцарските цени, зголемени поради зајакнувањето на франкот, не се баш музика за нивните уши.
Со оглед на тоа што валутата во април достигна десетгодишен максимум во однос на доларот и е блиску до најсилното ниво во однос на еврото, посетителите наскоро ќе откријат дека страста кон поп-музиката годинава доаѓа со висока цена. Ноќевањето во хотел, кое сега чини 200 франци (околу 206 евра), би било најмалку 12 евра поевтино доколку настанот се одржеше на истиот датум во 2024 година.