Во повеќегодишната потрага по одржлива пчела-матица, многу американски пчелари ги обновуваат своите залихи секоја есен. Но, задоволувањето на таа побарувачка е сè потешко: популацијата на пчелите е во опаѓање, делумно поради климатските промени. Здравјето на колониите во голема мера зависи од кралиците-матици, а повеќето американски производители на матици се лоцирани во Калифорнија, каде што растечките температури и шумските пожари стануваат нова реалност.
Новата рецензирана студија во списанието „Журнал оф Апикултурал рисрч“ (Journal of Apicultural Research) претставува едно можно решение со разладни „банки со кралици“, што во суштина значи чување на вишокот пчели матици во летни куќарки со контролирана температура.
Научниците од Државниот универзитет во Вашингтон ги споредија стапките за преживување на пчелите во 18 „банки за матици“, од кои приближно половина беа складирани во контејнери со температура од 15 степени Целзиусови, а другата половина се чуваат на отворено во северна Калифорнија, каде што летните максимални температури може да достигнат до 42 степени.
Истражувачите откриле дека околу 78 проценти од матичните пчели преживеале шест недели сместени во т.н. „фрижидер-контејнери“, што е повеќе во споредба со приближно 62 отсто од тие кои се чуваат на отворено.
Исто така, пчелите во услови на контролирана температура бараа и помалку човечка грижа, а студијата не идентификуваше значителни разлики во квалитетот со преостанатите пчели во двете групи.
„Ова е уреден пристап кон банкарство на кралици. Лошите матици се еден од најголемите проблеми во пчеларството денес, така што новите тактики како оваа може многу да помогнат во подобрувањето на пчеларската индустрија во земјата“, вели Скот Макарт, асистент професор на Универзитетот Корнел, кој не е вклучен во студијата.
Пчелните решенија, како овие, се важни и за луѓето. Експертите велат дека традиционалното банкарство на кралици на отворено би можело да стане предизвик штом температурите, на пример, ќе достигнат 37,8 степени Целзиусови, а приближно две третини од светските култури бараат услуга од пчели и други опрашувачи.
Научниците се обидуваат да ги неутрализираат влијанијата од губењето на живеалиштата, токсичните пестициди и променливите климатски услови врз различните видови диви пчели, вклучително и бумбарите. Засегнати се дури и пчелите кои се под грижа на комерцијалните пчелари. Само во САД пчеларите изгубија околу 39 проценти од нивните пчелни колонии во текот на 12-те месеци заклучно со април 2022 година, покажува годишното истражување.
„Големи загуби на медоносни пчели претставуваат проблем и за квалитетот на кралиците. Ако имаме метод кој ќе го зголемува бројот на достапни матици или ќе ја одржува стабилноста на матиците и ќе го поттикнува растот на нивниот број од од година во година, тогаш тоа помага и за бројот на колонии кои ја преживуваат зимата во здрава состојба“, рече Брендон Хопкинс, ко-автор на студијата и асистент професор на Државниот универзитет во Вашингтон, во денешното соопштение за печатот.