Постојат повеќе од 170 илјади милијарди, или два милиони тони мали пластични честички што лебдат на површината на океаните, а многу од нив се најдоа таму по 2004 година, покажува трудот објавен денеска во списанието „Плос уан“ (PLOS One). Претходно, уште во 2014 година имаше обид да се процени количеството на пластика на океанските струи.
Ажурираното истражување сега се потпира на податоци од значително проширен сет на примероци, речиси 12.000 од океаните низ целиот свет. За оваа студија примероците беа собрани со влечење со исклучително нежна мрежа неколку километри преку површината на океанот за да се утврди просечното количество на честички на километар вода. Потоа, компјутерски се анализира како пластиката се концентрира во близината на реки, крајбрежја и бродски маршрути. Од ова, истражувачите дојдоа до процена на предметите во океаните на глобално ниво. Тие потоа го тестираа својот модел на концентрациите во реалниот свет.
Снимени меѓу 1979 и 2019 година, примероците откриваат брзо и невидено зголемување на пластиката во океаните од 2005 година. Ериксен вели дека тоа било предизвикано од неколку фактори: драматично зголемување на целокупното производство на пластика, повеќе микропластика (резултат на распаѓање на постарите пластични предмети со текот на времето) и недостиг од меѓународни закони што се занимаваат со морско загадување.
Прочитај повеќе
ОН: Загадувањето од медицински отпад може да создаде супербактирии
Загадувањето од лековите може да придонесе бактериите да станат отпорни на соодветните лекови.
09.02.2023
„Системот е презаситен од сето ова загадување. Ни требаат превентивни стратегии, а не само да се фокусираме на расчистување и рециклирање. Треба да најдеме замена за единечна употреба на пластиката, затоа што рециклирањето едноставно не функционира, односно не е доволно“, рече тој.
Океаните обезбедуваат половина од кислородот на планетата, апсорбираат повеќе од една третина од емисиите на јаглерод диоксид од горење на фосилни горива и хранат милијарди луѓе. Но тие се во неволја од преголем риболов, фрлање пластичен отпад и закиселување.
Извештајот доаѓа само неколку дена откако преговарачите се согласија за формулацијата на значајниот договор на Обединетите нации (ОН), чија цел е зачувување на 30 проценти од океаните. Тој договор ќе обезбеди зачувување, при што ќе биде забранет риболовот и ќе бидат ограничени активностите како рударството. Сепак, тоа не би го запрело загадувањето на водните површини од пластиката. Нациите се согласија да дојдат до рамка за глобален договор за пластиката, но тој уште не е постигнат. Вториот круг од преговорите на ОН за пластичниот отпад ќе се одржи оваа пролет.
Во меѓувреме, повеќето земји заостануваат дури и во градењето инфраструктура што би спречила излевање на пластичниот отпад во околината. Минатата недела Европската инвестициска банка објави студија што пронајде јаз од 6,7 милијарди евра (7,6 милијарди американски долари) во финансирањето на сортирањето и рециклирањето на отпадот според видот, инфраструктура со која Европа треба да ја исполни својата цел за значително зголемување на рециклираната содржина во пластичните производи до 2025 година.