Неодамнешно научно откритие може да доведе до генерирање електрична енергија директно од атмосферата без потреба да се користи ништо друго, освен можеби водород.
Процесот вклучува ензим произведен од бактерии што им помага да растат и да преживеат во екстремни услови, како што се вулкански кратери, или на Антарктикот. Откриено е дека ензимот наречен хуц (Huc) може да произведе мало количество електрична енергија земајќи водород од воздухот како извор на енергија, се вели во написот објавен во научното списание „Нејчр“ (Nature).
„Овој ензим всушност функционира како природна батерија“, велат научниците од универзитетот „Монаш“ во Мелбурн.
Секако, производството на електрична енергија од воздух само по себе не е новитет, бидејќи веќе знаеме за ветерот што ги придвижува турбините и за создавањето статички електрицитет со триење на балон од облеката. Работата е во тоа што хуц функционира поинаку, во смисла дека може да користи минимални количества водород.
„Веќе некое време знаеме дека оваа бактерија може да користи траги од водород во воздухот како извор на енергија. Сепак, досега не знаевме како функционира“, вели Крис Грининг, кој е еден од авторите на статијата.
Иако сè уште не е целосно јасно како би можел да се примени хуц како технологија за производство на електрична енергија, научниците велат дека ензимот може да напојува помали уреди.
Тие велат дека додавањето водород како гориво на микроскопскиот ензим може да го направи способен за производство на значително поголеми количества електрична енергија.
Ова откритие исто така ја отвора вратата за нови сознанија за функционирањето на климата, бидејќи помеѓу 60 и 80 проценти од бактериите во почвата имаат слични ензими, кои заедно апсорбираат околу 70 милиони тони водород секоја година за да го обликуваат составот на атмосферата, истакнува Рис Гринтер, еден од авторите.
„Разбирањето на биохемијата зад овој процес може да ни го отвори патот да го користиме за стабилизирање на климата во иднина“, додава Гринтер.