Заврши ерата на евтините летови
Шефот на „Луфтханза“, Карстен Спор, на аналитичарите храбро им го кажа тоа што сите други тивко го зборуваат. Тој рече дека и покрај растот на побарувачката, најголемата германска авиокомпанија не планира да ја зголеми својата патничка флота бидејќи „многу им се забавни“ сегашните високи приноси, што е термин на авиоиндустријата за просечни цени на билетите.
Имено, побарувачката за летови се врати на нивоата пред пандемијата, а американските и европските авиокомпании или не сакаат или не можат доволно да го зголемат капацитетот поради недостиг од персонал и опрема. Се чини дека овие (за нив) многу поволни пазарни услови ќе траат со години.
Во минатото, авиокомпаниите тежнееја брзо да додаваат нови летови секогаш кога се зголемуваше побарувачката, предизвикувајќи пад на капацитетите и цените, особено на поконкурентниот европски пазар.
Моментално нивната ценовна моќ го поттикна индексот на „Блумберг EMEA ерлајнс“ да се зголеми за 78 отсто од октомври минатата година.
САД бараат начин за обезбедување на депозитите по пропаѓањето на СВБ
Федералната агенција за осигурување депозити и Федералните резерви размислуваат да создадат фонд што ќе им овозможи на регулаторите да осигурат повеќе депозити во проблематичните банки по колапсот на банката во Силициумската Долина (СВБ).
Се надеваме дека поставувањето такво тело ќе ги смири штедачите и ќе помогне да се спречи секаква паника, велат познавачите. Фондот е дел од планот за вонредни ситуации на агенцијата, бидејќи расте загриженоста за здравјето на помалите банки фокусирани на ризичен капитал и на стартап-компаниите.
На берзите...
Мешана е сликата на светските берзи на почетокот од овонеделното тргување, по минатонеделното, кое беше нестабилно и со доста лоши резултати, главно поради строгиот став што претседателот на ФЕД, Џером Пауел, го изрази во рамките на своите излагања пред претставниците на Сенатот и Конгресот, во кои најави повеќе зголемувања и повисоки камати од планираното доколку инфлацијата и натаму остане тврдоглаво висока.
Американските индекси и натаму се во црвената зона, додека европските и дел од азиските покажуваат знаци на живот и оптимизам.
Нафтата утрово има незначителен, но сепак позитивен резултат. Овонеделното тргување ВТИ и нафтата брент го започнаа со раст од 0,3 проценти, со што ВТИ сега се тргува по цена од 76,91 долари, додека барел нафта брент чини точно 83 долари.
Златото порасна за 0,9 проценти и сега унца чини 1.884,27 долари.
На криптопазарот атмосферата е позитивна, со тоа што биткоинот порасна за четири проценти и се врати над границата од 22.000 долари, поточно сега чини 22.340,31 долари. Етерот, пак, ја зголеми вредноста за 2,5 проценти и чини 1.596,18 долари.
Денеска читајте...
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа за макрокварталната перспектива (квартал 2/2023 година) ги зголеми прогнозите за инфлацијата и очекувањата за поголемо затегнување на монетарните политики отколку што се претпоставуваше претходно.
Од нашиот аналитички тим сметаат дека високата инфлација во Македонија ќе ја принуди Народната банка на зголемување на основната каматна стапка до шест проценти во првата половина од 2023 година.
Германија има нови правила за увоз, кои погодуваат и фирми од земјава
Германските компании во земјава први ќе ги имплементираат строгите ЕСГ-стандарди (од англиски ESG - enviromental, social and governance), кои сe однесуваат на почитување на добрите корпоративни практики, човековите права и заштитата на животната средина.
Од Нова година во Германија, која е најголем трговски партнер на земјава, веќе е во сила Законот за корпоративна должна одговорност на компаниите во рамките на нивниот синџир на доставувачи. Затоа, анализираме како ќе нè погоди оваа регулатива.