Кои компании ги добија тендерите на ЈП за државни патишта во 2023-та?
Околу 67 милиони евра вредат тендерите за изградба, поправка, одржување, надзор и други зафати на македонските патишта за кои од почетокот на годинава досега склучило договори Јавното претпријатие за државни патишта со неколку компании.
Убедливо највреден е договорот за обезбедување надзор и правен трансакциски советник за изградба на коридорот 8 и на коридорот 10Д склучен со „ИРД инженеринг“, во износ од 26,3 милиони евра, а на второто место е договорот со „Гранит“ за докомплетирање на изградбата на автопатот Блаце - Скопје, вреден 11,4 милиони евра. На третото место е договорот склучен со „Ескаватори-МК“ за обнова на државните патишта, во износ од девет милиони евра. Оваа компанија е победник на уште еден тендер на ЈП за државни патишта во 2023 година за поправка и обнова на државните патишта, во вредност од половина милион евра.
Лошите прогнози за извозните партнери нови лоши вести за нас
Надворешната трговија во регионот Адрија ќе оди по надолна патека во 2023 година, пишува во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Најсилен фактор за негативниот тренд е високата споредбена основа, а потоа и забавувањето на вкупната економија кај главните трговски партнери, како и послабата домашна побарувачка во споредба со лани.
„И извозот и увозот ќе се развиваат со некои ’номинални’ проблеми - високата основа наследена од 2022 година и натамошно зголемување на цените, дополнето со инфлаторно опкружување што се очекува во 2023 година. И додека високата основа ќе влијае и извозот и увозот да тргнат по надолна патека, растечките цени ќе имаат спротивно влијание и номинално ќе ги зголемуваат тековите“, велат нашите аналитичари.
Обидот да се преструктурира извозот сè уште е неуспешен. Дефицитот во трговската размена на Македонија се продлабочува под влијание на енергетската криза, високата инфлација и војната во Украина. Иако во изминативе години имаше преструктурирање на извозот со отворањето на фабриките од автомобилската индустрија во слободните економски зони, се чини дека тоа не е доволно за да се решат проблемите на македонскиот извоз, кој со децении никако не може да го надмине увозот. Податоците покажуваат дека компаниите од слободните зони го зголемуваат извозот, но и увозот.
Дефицитот во размената на стоки со странство во четвртото тримесечје од 2022 година се зголеми за 13,7 проценти на годишна основа, во услови на повисок раст на увозот на стоки од растот на извозот на стоки. Вкупната надворешнотрговска размена е повисока за 18,2 проценти во однос на истиот период од претходната година, под влијание на растот на двете компоненти. Извозот на стоки во четвртиот квартал од 2022 година оствари раст од 19,3 проценти на годишна основа. Според Народната банка, најголем придонес за ваквите остварувања има извозот на компаниите во странска сопственост поврзани со автомобилската индустрија.
На берзите...
Утрово завладеа мал позитивен тон за преземање ризик, кога станува збор за фјучерсите на европските акции и азиските пазари на капитал, бидејќи избледе моменталната загриженост околу силата на глобалниот финансиски систем. Во денешното тргување фјучерсите за Euro Stoxx 50 се зголемија за 0,6 проценти.
Фјучерсите за S&P 500 денеска се само малку повисоки по вчерашниот скок од 0,9 проценти. Технолошкиот индекс Nasdaq 100 порасна за 0,3 проценти, додека азиските индекси се во позитивната зона со раст меѓу 0,4 и 0,9 проценти.
На нафтениот пазар, ВТИ за испорака во април загуби еден отсто од вредноста и сега барел чини точно 67 долари. Договорите за испорака во мај, пак, кои се поатрактивни во моментов, загубија 0,7 проценти и се тргуваат по цена од 67,33 долари за барел. Нафтата брент за испорака исто така во мај потона за 0,8 отсто, со што барел се тргува по цена од 73,22 долари.
Еврото малку ја зголеми својата вредност во однос на доларот и овие валути се тргуваат по курс од 1,0713 долари за евро. Златото, пак, вчера во еден момент од тргувањето за првпат по една година го надмина прагот од 2.000 долари за унца, а потоа до крајот на тргувањето повторно се спушти под таа психолошка граница. Утрово златните прачки се тргуваат со 0,1 отсто повисока цена од вчерашното затворање, односно унца чини 1.981,54 долари.
На криптопазарот сликата е негативна. Биткоинот го започна денов со пад од 0,6 проценти, на 27.900,75 долари, а етерот загуби 0,9 отсто од својата вредност и се тргува за 1.745,88 долари.
Денеска читајте: Третина од Македонците зеле кредит за сметки и за храна
Секоја трета сметка за струја во земјава е со истечен рок за плаќање, а еден отсто од домаќинствата се пред присилна наплата. Ова го покажуваат последните податоци на „ЕВН Македонија“. Последното истражување на „ЕОС матрикс“, пак, покажува дека третина од граѓаните зеле кредит во последните шест месеци за да се справат со високите цени. Овие податоци се доказ дека домаќинствата во земјава ја губат битката со инфлацијата.
Што ќе донесе енергетската реформа – помали ценовни шокови или повисоки цени?
За да се заштити од енергетски и ценовни потреси, Европа почна да работи на реформа на внатрешниот пазар со електрична енергија. Оваа реформа во фокусот ги има обновливите извори на енергија и заштита на потрошувачите од ценовни шокови.
Имено, граѓаните сега ќе станат многу поактивни играчи, ќе може да имаат по повеќе договори со снабдувачи, што ќе ги заштити од ценовни шокови. Од друга страна, предложената реформа има цел да го забрза производството од обновливи извори на енергија.