ССМ: Сите работници да добијат покачување од 78 отсто, не само функционерите
Зголемувањето од речиси 80 отсто на платите на политичарите и функционерите и предвидените 60 часа неделно за изградба на коридорите 8 и 10Д беа во фокусот на синдикалните обраќања на годинашниот првомајски протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој побара достоинствена плата и фер услови за сите.
На пратениците и на извршната власт им порачаа дека „не е исто покачување од 2.000 денари на година и 2.000 денари на ден“ и оти „Работниците се државата“ - како што гласеше и нивниот слоган на годинашниот протест за Денот на трудот.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, пред Владата рече дека функционерите „си ги покачија платите за 78 проценти, а нас нѐ убедуваат дека 2.000 денари е доволно за да преживее македонскиот работник“.
„Интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува“, истакна Димовски.
Зелената транзиција е финансиски проблем за повеќе членки на ЕУ
Ревизијата на правилата за долгот предложена од Европската Унија значи дека повеќето земји-членки нема да имаат доволно финансии за климатска транзиција, покажува нов извештај. Само Шведска, Ирска, Данска и Летонија ќе имаат доволно фискален простор за да ги исполнат климатските обврски потребни за одржување на глобалното затоплување под 1,5 степен според предлозите презентирани од Европската комисија оваа недела, покажува студијата на фондацијата „Њу економикс“ (New Economics).
Дури 13 земји, вклучувајќи ги Франција, Италија, Шпанија, Полска и Холандија, нема да можат да инвестираат доволно за да ги исполнат зелените цели на ЕУ, се вели во извештајот. Податоците доаѓаат додека блокот се обидува да се натпреварува со САД и Кина во сферата на чисти технологии.
На берзите...
Берзанските индекси утрово се доста стабилни и речиси без поголеми промени во тргувањето. Единствена промена на вредноста, значителна за споменување, е таа на технолошкиот индекс Nasdaq 100, кој падна за 0,1 отсто.
Нафтата бележи загуба бидејќи доминира загриженоста за економските изгледи на Кина и претпазливоста на финансиските пазари поттикнати од банкарската криза. Откако вчера падна за 1,5 отсто, утрово ВТИ се тргува за 0,1 отсто повисоко, односно по цена од 75,76 долари за барел. И нафтата брент се зголеми за 0,1 отсто, на 79,39 долари.
Минимална е промената и во курсот евро/американски долар, така што се тргуваат по 1,0981 долар за евро. На криптопазарот има малку поголемо размрдување. Најголемиот токен, биткоинот, порасна за еден отсто, на 27.969,15 долари, а етерот ја зголеми својата вредност за 1,1 отсто, искачувајќи се на 1.827,25 долари.
Денеска читајте...
За возила на струја ни треба квантен скок во приходите. Доколку не се случи чудо во растот на просечните приходи на македонското население или додека на пазарот на излезат електрични автомобили со многу пониски цени отколку сегашните, Македонија уште долго ќе чека зелена транзиција на возниот парк, во кој денес убедливо доминираат возила на фосилни горива. Тоа го сигнализира истражувањето на Европската асоцијација на автопроизводители (АЦЕА), кое покажува дека во земјите каде што населението има поголеми просечни годишни нето-приходи многу е поголем пазарниот удел на електрични автомобили.
На патиштата во Македонија денеска се возат помалку од 200 електрични возила, што е занемарлива бројка во однос на вкупниот број регистрирани возила. Ако се земе предвид дека просечниот годишен нето-приход по вработен во Македонија се движи околу 6.200 евра, станува јасно дека сè уше е многу мал бројот на македонски граѓани што можат да си дозволат купување електрично возило.
Повеќе би сакале да имате куче или мачка отколку дете? Нов тренд
Домашните миленици се како членови на семејството. Сè поприсутна е тенденцијата за хуманизација на домашните миленици. Сопствениците трошат повеќе од 100 евра месечно на своите миленици, а тоа го знаат и продавачите. Цените на производите и услугите за домашни миленици нагло растат во последните години, а се зголемува и разновидноста на понудите.
Според податоците на Евростат, во Централна, Источна и Југоисточна Европа најголем удел во приходите посветени на домашни миленици има Унгарија - 7,5 отсто во 2023 година. Од регионот Адрија најголем дел од приходите на домашни миленици трошат Словенците, 4,9 отсто од нив, следуваат Хрватите со 2,8 отсто, па Србите со 1,8 отсто и Македонците, кои трошат најмалку, само 1,2 отсто. Евростат не објавува податоци за Босна и Херцеговина.