Ковид-19 повеќе не претставува глобална здравствена опасност, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), намалувајќи го нивото на тревога три години откако новиот коронавирус почна да убива милиони луѓе низ светот.
Од СЗО денеска рекоа дека е време да се премине на долгорочно управување со пандемијата. Потегот во голема мера е симболичен, имајќи предвид дека повеќето земји се вратија на нормалното социјално однесување, олабавувајќи ги заклучувањата, карантините и другите превентивни мерки додека повторно ги отвораат границите за патување. Сепак, тригодишните итни заштитни мерки зад себе оставаат свет што би бил непрепознатлив за набљудувачите пред пандемијата на многу начини, а повиците преку „Зум“ (Zoom) и работата оддома стануваат рутина.
„Ковид резултира со најмалку 20 милиони смртни случаи низ светот“, изјави денеска генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, додавајќи дека вирусот сè уште убива, а минатата недела на секои три минути имало по едно починато лице како последица од ковид.
Оваа болест убила приближно еден од 400 луѓе. СЗО на крајот од јануари во 2020 година го прогласи ковид-19 за вонредна состојба за јавното здравје од меѓународна важност, бидејќи инфекцијата почна неконтролирано да се шири од првичниот епицентар Вухан во Кина. Во тоа време сè уште постоеше значителна несигурност за смртниот исход од болеста и за тоа како се пренесува инфекцијата.
Сè уште пандемија
СЗО сè уште го користи зборот „пандемија“ за да ја опише болеста, а Тедрос го истакна ризикот ковид-19 повторно да стане поопасен преку мутации.
„Овој вирус е тука за да остане. Најлошото нешто што може да го направи која било земја сега е да ги искористи овие вести како причина да попушти, да ги растури системите што ги изгради или да испрати порака до својот народ дека ковид-19 не е причина за грижа“, рече тој.
Мајк Рајан, раководител на програмите за итни случаи на СЗО, рече дека светот треба подобро да се подготви за пандемии и да ги намали нееднаквостите во здравствената покриеност.
„Во оваа пандемија видовме луѓе што буквално си ги разменуваа канистрите со кислород на улиците на големите градови. Ова е 21 век. Дали сакаме да го видиме тоа во следната пандемија? Видовме членови на семејства како физички се караат за да ги стават своите најблиски во болнички кревет. Видовме луѓе како умираат дури пред и да стигнат до собите за итни случаи, бидејќи беа заглавени на паркинзите чекајќи ред. Тоа е реалноста на нашите здравствени системи и нашата подготвеност“, рече Рајан на брифингот со новинарите.
Тедрос рече дека нема да се двоуми доколку е потребно повторно да го свика Комитетот за итни случаи ако ковид-19 одново стане голема глобална опасност. САД се подготвуваат да ја завршат својата вонредна состојба во јавното здравје на 11 мај, бидејќи инфекциите со ковид се враќаат на нивоата забележани пред прогласувањето на пандемија на почетокот од 2020 година.