Премиерот Киријакос Мицотакис победува на општите избори во Грција, кои се одржаа вчера, но голема е шансата да не го исполни прагот за самостојно формирање влада, што ја зголемува можноста за нови избори за околу еден месец. Во САД денеска продолжуваат преговорите за горната граница на долгот, кои досега исфрлија на површина низа проблеми на големата економија. Еве што треба да знаете на почетокот на овој ден.
Насмевката на Мицотакис
Централнодесничарската партија Нова демократија на Киријакос Мицотакис доби нешто повеќе од 41 процент од гласовите, од пребројани половина од вкупниот број гласачки ливчиња, надминувајќи ги очекувањата.
Поддршката за левичарската партија Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас беше околу 20 проценти од пребројаните гласови. Гласачите покажаа дека се убедени во ветувањето на Мицотакис дека ќе се надоврзе на едно од најбрзите економски закрепнувања во Европската Унија, што ја носи Грција на работ на враќање на инвестициската оцена.
Трите врвни партии ќе имаат околу девет дена да видат дали е можна коалиција, но сите водачи на главните групи ја отфрлија можноста за соработка меѓу себе, а Мицотакис ја посочи својата предност за еднопартиска влада.
Сагата на Бајден
Продолжуваат преговорите за горната граница на долгот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, денеска во Вашингтон, додека драматично се крати времето за договор, јави „Блумберг“. Републиканскиот лидер вчера рече дека тој и претседателот имале „продуктивен“ разговор, по кој се согласиле дека има оптимизам за договор, иако преговорите претходно постојано осцилираа од напредок до неуспех.
Преговарачите на двете страни планираат да ги продолжат разговорите во 18 часот, соопшти Белата куќа.
Министерката за финансии Џенет Јелен потсети дека без договор до 1 јуни државата нема да биде во можност да ги изврши своите обврски.
Борбата на ЕЦБ продолжува
Борбата на Европската централна банка (ЕЦБ) за скротување на инфлацијата не е завршена и сè уште е потребна акција, категорична е претседателката Кристин Лагард, пренесува „Блумберг“.
Таа изјави дека завршиле доста голем дел од работата и патот кон припитомување на инфлацијата и враќање кон целната инфлација. Лагард даде изјава во интервју за ТВ-шоуто „Буитенхоф“, емитувано во неделата.
„Сè уште не сме готови, врз основа на информациите што ги имам денеска, ние нема да паузираме“, рече таа, додавајќи дека „перспективата за инфлација е превисока и предолга“.
„Толку многу работи можат да тргнат наопаку што сега не можам да тврдам ништо“.
Неколку функционери на ЕЦБ предупредија дека зголемувањето на каматните стапки можеби ќе треба да опстојува и по летото. Економистите предвидуваат уште два потега на зголемување до јули.
И Народната банка ќе продолжи со затегнувањето
Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ не очекуваат значителни зголемувања на основната стапка на Народната банка на Македонија, но прогнозираат дека таа ќе достигне ниво од шест проценти до средината на 2023 година. Моментално основната камата е на ниво од 5,75 проценти. Основна причина за дополнително затегнување е стапката на инфлација, која сè уште е покачена и на двоцифрено ниво. Се разбира, трендот е опаѓачки од октомври 2022 година, што го ослободува притисокот централната банка да дејствува поагресивно и понатаму.
Дополнително, според нашите аналитичари, Народната банка смета на „помош“ од каматните стапки на Европската централна банка, бидејќи дел од заемите е врзан за стапките на ЕУРИБОР.
А трендот на континуирано намалување на стапките на инфлација во земјите од регионот Адрија, кој започна во четвртиот квартал од 2022 година (во Србија врвот беше забележан уште во март), продолжува и годинава, укажуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
Следиме
Индексот за довербата на потрошувачите во еврозоната ќе биде објавен денеска, а Државниот завод за статистика на Македонија ќе ги објави податоците за просечната исплатена месечна нето и бруто-плата по вработен за март.
Денеска Роберт Холцман, членот на Управниот совет на Европската централна банка, говори на конференцијата на австриската централна банка во Виена. Неговиот колега Борис Вујчиќ, член на Управниот совет на ЕЦБ, ќе зборува на панел во Загреб за заштита на финансиската стабилност на еврото.
Кинескиот министер за трговија Ванг Вентао ќе ги посети САД, а ќе се одржи и состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ), на кој меѓу другото ќе се разговара и за Западен Балкан. Од Македонија ќе присуствува министерот за надворешни работи Бујар Османи.