Ворен Бафет, легендарниот инвеститор кој ја трансформира компанијата „Беркшир Хатавеј“ (Berkshire Hathaway) во конгломерат вреден 1,16 трилиони долари, викендов најави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на крајот од годината, ставајќи крај на шестдецениско лидерство што го обликуваше американскиот бизнис и инвестирање.
На негово место ќе дојде Грег Ајбел (62), моментално потпретседател за нефинансиски операции, по одобрување од управниот одбор. Изненадувачката најава беше дадена на годишниот состанок на акционерите во Омаха.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Формулата на Бафет покажува дека е време за купување на акции
Клучен показател за вреднување фаворизиран од легендарниот инвеститор Ворен Бафет сигнализира дека акциите се релативно евтини, зајакнувајќи го аргументот дека жешкото закрепнување на американските акции има простор да продолжи.
„Индикаторот на Бафет“ ја мери стапката на вкупната вредност на американскиот пазар на акции преку Wilshire 5000 индексот поделена со вредноста на американскиот бруто домашен производ (БДП). Тој се наоѓа на најниско ниво од почетокот на септември – дури и по растот кој во последните неколку недели ги лансира акциите нагоре со голема брзина.
Маркетарите на големо користат вештачка интелигенција
Сите знаеме дека генеративната вештачка интелигенција веќе има огромно влијание и го менува поширокиот свет. Таа допрва драматично ќе расте бидејќи многу бизниси уште изненадувачки бавно ја приспособуваат и усвојуваат во своето работење. Но, секторски гледано, се чини дека меѓу поуспешните интегратори на вештачката интелигенција (ВИ) е маркетингот, барем засега.
Од повеќе извештаи за влијанието на ВИ во маркетингот може да се заклучи дека мнозинството маркетари ентузијастички ја користат ВИ, и тоа секојдневно.
Одредени истражувања покажуваат дека во просек околу две третини од маркетарите користат ВИ барем за вообичаени маркетинг-апликации. На глобално ниво, најчесто ВИ во овој сектор се користи за поддршка на пишување текстови за е-маркетинг, органско пребарување и социјални медиуми.
Зошто е тешко да се измери влијанието на вештачката интелигенција врз продуктивноста?
Степенот до кој технологијата може да го подобри животниот стандард зависи од тоа колку е во состојба да го подобри она што економистите го нарекуваат вкупна продуктивност на факторот, односно да придонесе за поголема ефикасност и искористување на ресурсите што се користат во производството на стоки или услуги. Продуктивноста стана клучна грижа и за деловните лидери и за креаторите на политики бидејќи нејзиниот раст значително забави во последните децении, иако технолошките промени се чини дека напредуваат со неверојатно брзо темпо.
Иако речиси секоја недела се објавува нов модел со вештачка интелигенција со неверојатни способности, со очекување дека ќе им помогне на компаниите да ги подобрат работните процеси или услуги, економската статистика сè уште не потврдува дека се случило најавеното подобрување на ефикасноста.
ОПЕК+ ќе ги зголеми испораките на нафта и во јуни
ОПЕК+ се договори за ново зголемување на производството во јуни, забрзувајќи го враќањето на понудата втор месец по ред, додека лидерите на групата се обидуваат да ги казнат членките кои произведуваат над дозволеното, како дел од промената на стратегијата која веќе доведе до нагло паѓање на цената на суровата нафта.
Делегатите од ОПЕК+ наведуваат дека до промената на стратегијата дошло бидејќи Саудијците го изгубиле трпението поради претераното производство од членки како Казахстан и Ирак, па одлучиле да ги „истоштат“ финансиски преку пад на цените.
„ОПЕК+ штотуку фрли бомба на нафтениот пазар“, изјави Хорхе Леон, аналитичар во РЕ (Rystad Energy A/S) и поранешен вработен во секретаријатот на ОПЕК. „Со овој потег Саудиска Арабија се обидува да го казни непочитувањето на договорите, особено од страна на Казахстан, но и да му се додвори на претседателот Трамп, кој бара пониски цени на нафтата“.
Челници од ЕЦБ повикуваат да се намали надзорот врз банките
Неколку високи функционери на Европската централна банка (ЕЦБ) сакаат да ги намалат овластувањата на моќниот оддел за надзор на банките со цел да се намали бирократијата за заемодавците во Европската унија (ЕУ), велат извори запознаени со ситуацијата.
Функционерите ја повикуваат новоформираната работна група на ЕЦБ да размисли за промени во критериумите според кои се утврдува дали некоја банка е „значајна“ и дали ѝ е потребен надзор од Франкфурт или е доволен надзор од националните институции, велат извори кои сакаа да останат анонимни.
Значително намалување на бројот на банки под директен надзор на ЕЦБ би претставувало најголемо кратење на надзорниот оддел на институцијата откако е формиран пред повеќе од 10 години. Овие дискусии започнаа поради сè поголемите грижи дека Европа заостанува и дека бројните правила и регулативи се пречка за растот.