Додека во фокусот на македонската јавност е прашањето дали одлуката на САД да го стави Рамиз Мерко, градоначалник на Струга од редовите на ДУИ на црната листа поради наоди за корупција ќе резултира со разврска пред македонските правосудни органи, лоши вести стигнаа од Британија. Инфлацијата на островот е повисока од очекуваната четврти месец по ред, зголемувајќи го притисокот врз Банката на Англија (БОЕ) за натамошно покачување на каматните стапки, што е само сигнал дека борбата против растот на цените е далеку од завршена.
Добро утро, подолу вестите што ги издвоивме за почеток на денот.
Веќе нема добри локации за градење станови, затоа цените нема да паѓаат
Во април годинава бројот на издадени одобренија за градба се намалил за нешто над два отсто, но бројот на планирани станови за извештајниот период е близу двојно помал од лани. Или годинава во април статистика соопшти дека е предвидена изградба на 393 стана, а лани во април овој број бил 752.
Анализираме дали овие статистички податоци значат дека пазарот се заситил и дека е можна посилна надолна корекција на цената на недвижностите во наредниот период. Вклучените во пазарот со недвижности за „Блумберг Адрија“ велат дека интерес за станбени кредити и натаму има затоа што каматните стапки на банките не ги следат во целост потезите на централната банка.
НБМ: Станбените кредити забавуваат, должниците редовни
Двоцифрениот раст на цените на становите во Скопје што започна кон крајот на 2021 година продолжува и во текот на 2023 година. Иако во изминативе неколку месеци покажува знаци на забавување, зголемувањето на цените на недвижностите сè уште е високо.
Високата инфлација ја принуди Народната банка да ја заостри монетарната политика, што резултира со зголемување на каматите на кредитите за корпоративниот сектор и за населението. Ја прашавме Народната банка дали континуираниот раст на цените на недвижностите во новонастанатите услови носи ризици по македонската економија, односно по финансиската стабилност.
Народната банка ја зголеми основната камата на шест проценти
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчерашната седница одлучи да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени до нивото од 6 проценти.
На седницата е донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90 и 3,95 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Биткоинот на шестнеделен максимум, титани се пробиваат во криптосферата
Биткоинот се искачи на највисоко ниво од почетокот на мај, поттикнат од криптоиницијативи во кои се вклучени главните играчи од традиционалниот финансиски сектор. Највредното дигитално средство порасна за цели три проценти и се тргуваше за 28.720 долари во средата, во 11.10 часот, во Сингапур, зголемувајќи го годишното закрепнување на токенот до 74 проценти. Помалите токени, како што се етер, кардано и солана, исто така забележаа добивки.
Криптоинвеститорите забележаа пораст од лансирањето на новата берза на дигитални средства ЕДХ (EDX Markets), поддржана од компании како „Ситадел“ (Citadel Securities), „Фиделити“ (Fidelity Digital Assets) и „Чарлс Шваб“ (Charles Schwab Corp).
План за кражба на втората најдобро чувана тајна во „Кока-Кола“
Многупати сте држеле лименка „кока-кола“ в рака, но веројатно не сте знаеле дека секоја лименка содржи ултратенок слој пластика. Да не е таа пластична обвивка, чија дебелина е само два микрона, пијалакот на крајот ќе го скрши металниот слој на конзервата и ќе истече (да, истата „кока-кола“ што ја пиеме). Хемиската формула за тој пластичен полимер е една од најстрого чуваните индустриски тајни.
Шенон Јо, хемиска инженерка и работничка во „Кока-Кола“, била една од само двајцата луѓе во компанијата со пристап до податоците за формулата за пластичната обвивка. Кога беше отпуштена во август 2017 година, таа го напушти седиштето на компанијата со деловни тајни во вредност од 120 милиони долари во џебот.