Додека Владата и синдикатите преговараат за тоа колку би требало да се зголемат платите на вработените во јавниот сектор, а цените на комерцијалните недвижности во Германија паднаа за 50 проценти, Македонија ги престигна Луксембург, Франција, Данска и останатите земји од Европа кои важат за побогати. Всушност, го освоивме првото место во Европа, но за жал не во натпреварот за повисок животен стандард.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонија - европски рекордер по растот на цените на становите
Забавува растот на цените на недвижностите, но земјава и натаму е рекордер во Европа кога станува збор за поскапувањето на квадратите. Според вчерашните податоци на Народната банка, во вториот квартал од оваа година, забавувањето продолжило, па цените на недвижностите се за 12,9 отсто повисоки на годишно и 1,6 отсто на квартално ниво. Во претходното тромесечие, цените на недвижностите во земјава бележеа раст од 18,8 отсто на годишно ниво.
Ако податоците за првиот квартал се споредат со тие кои европската статистичка служба Еуростат ги објави вчера, земјава станува рекордер по годишниот раст на цените на недвижностите. На ниво еврозоната, цените на недвижностите пораснале за 0,4 отсто на годишно ниво, а на ниво на Европската унија зголемувањето изнесува 0,8 отсто. На квартална основа, цените бележат пад од 0,9 отсто во еврозоната и 0,7 отсто во Унијата.
Локалните берзи ги заспаа бикот и мечката. Може ли регионална берза да ги разбуди?
Тешко е да се најде инвеститор, аналитичар или берзански експерт кој би бил задоволен од моменталната состојба на националните берзи во регионот Адрија. Ликвидноста е мала, новите котации се ретки, нема преголем интерес од инвеститорите. Затоа не треба да ве чуди што некои гледаат решение во консолидација на неколку берзи во една регионална. Дали е тоа воопшто можно?
Минатата година берзите во регионот Адрија остварија вкупен промет од 1,8 милијарди евра, што е мал процент од БДП на сите земји во регионот. Многу берзански брокери нагласуваат дека проблем е ликвидноста. И покрај ниската ликвидност, на пример, словенечката, а повремено и хрватската берза се меѓу најпрофитабилните берзи во светот.
Владата ќе го протне данокот на солидарност со европско знаме?
Јасна е намерата на Владата да го протне законот за данокот на солидарност со европско знаме, а тоа ќе донесе поголема штета отколку ќар, предупредува Стопанската комора на Македонија (СКМ). Оттаму бараат Владата да го повлече предлог-законот за данок на солидарност и со тоа да покаже сериозен однос кон укажувањето на најголемата и најмногубројна бизнис асоцијација во државата.
„Носењето вакво законско решение за изминатата фискална година создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека правната сигурност е еден од врвните приоритети за кои се залагаме како застапувачи на интересите на бизнис-заедницата во земјата“, велат од комората.
Крипто: Индексот на страв и алчност по долго време во зелено
Играчите на пазарот на криптовалути се многу емотивни. Можеби е до човечката природа но повеќето инвеститори стануваат алчни кога пазарот е во пораст, што доведува до страв од пропуштање добри прилики за вложување-ФОМО (од англиски: fear of missing out- FOMO). Спротивно на тоа, повеќето луѓе се обидуваат ирационално да продаваат криптовалути кога пазарот е во пад и е полн со песимизам, следејќи ја логиката дека ќе избегнат уште поголеми загуби.
Токму поради овие работи го користиме индексот на страв и алчност кога ги анализираме тековните цени на криптовалутите ( на англиски: Fear and Greed Index). На индексот на страв и алчност најмногу влијае нестабилноста на цената на криптовалутите, обемот на тргување, вестите и коментарите од социјалните мрежи, трендовите, но и доминацијата на одредена валута. Ако на пазарот владее алчно расположение, тогаш поизвесно е да се очекува корекција на цената.
Адвокатските фирми регрутираат се‘ повеќе експерти за ВИ
Четботови, научници за податоци, софтверски инженери. Поради тоа што клиентите бараат „повеќе за помалку“, адвокатските канцеларии вработуваат сè поголем број вработени кои ја проучувале технологијата, а не правото за да се обидат да се издвојат од нивните ривали. Револуцијата во генеративната вештачка интелигенција ја забрза потрагата во правната индустрија за поефикасна технологија.
„Адвокатските фирми се рекламираат како експерти за вештачка интелигенција повеќе од кога било досега“, вели Крис Тарт-Робертс, раководител на одделот за технолошко право во „Мекферленс“ (Macfarlanes), опишувајќи го трендот за кој вели дека започнал пред околу шест месеци. „Конкуренцијата за таленти за технолошко право е жестока и постои веќе некое време“, додаде тој.