Одлуката на милијардерот Илон Маск да го ребрендира Твитер во Х го обележи почетокот на изминатава недела. Ремонтот на брендот на Маск се совпаѓа со притисокот од новиот конкурент Тредс (Threads) од „Мета“ (Meta Platforms Inc). Маск очигледно има причини за загриженост, со оглед на тоа што новата мрежа на Марк Закерберг собра 100 милиони корисници за помалку од пет дена по лансирањето на почетокот на овој месец. Од светот на технологијата дојде и веста дека „Епл“ (Apple Inc.) планира да ги зголеми цените на моделите „про“ и дека очекува зголемени приходи од овој потег, што секако може да им користи и на македонските граѓани што се љубители на популарниот „ајфон“.
Централните банки во светот продолжија со борбата против инфлацијата односно со затегнување на монетарната политика. Банката на Федерални резерви (ФЕД) не отстапи од планот и ги зголеми каматните стапки за 25 базични поени. По последната одлука на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC), цените на позајмувањето се подигнати на највисоко ниво во последните 22 години. Слично зголемување на каматите има и во Европа, а тоа веќе го чувствуваат компаниите од повеќе сектори и целата економија, која е доведена на работ на рецесија. Имено, најголемите економии во Европа, Германија и Франција, го започнаа третиот квартал со контракции во приватниот сектор, при што се забележува дека континуираната слабост во производството сè повеќе се прелева кај услугите.
Македонија не е исклучок од ваквите трендови. Високата стапка на инфлација во изминатиов период ја принуди Народната банка да ја затегне монетарната политика преку континуирано покачување на основната каматна стапка и преку други инструменти. Тоа доведе до раст на каматите на кредитите односно зголемување на трошоците за задолжување на македонските компании.
Нашата анализа покажа дека изложеноста на банкарскиот систем на ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности е на прифатливо ниво и со крајот на првиот квартал на 2023 година изнесува 10,5 проценти од сопствените средства на системот. Ова е речиси двојно пониско ниво во споредба со регулаторниот лимит од 20 проценти.
Од друга страна, постојаниот раст на каматните стапки ја става на тест издржливоста на домашните компании. Значителниот раст на финансиските расходи значеше забавување на инвестициите и развојот на домашните компании. За дел од компаниите растот на каматите е причина за намалена ликвидност, додека за дел значи застој во планот за инвестирање. Стопанствениците сметаат дека ако каматите се зголемат дополнително, тоа може да значи и пад на целокупната економија во земјава.
Универзитетскиот професор Синиша Наумоски во интервју за „Блумберг Адрија“ изрази очекување дека Народната банка уште ќе ја затегнува монетарната политика. Според него, Македонија ќе ја заврши годината со инфлација некаде на границата меѓу едноцифрена и двоцифрена или од 8 до 10 проценти. Тој е оптимист дека ќе имаме едноцифрена инфлација.
Рекордната инфлација што ја зафати Македонија дополнително ги оптовари и онака кревките семејни буџетот во земјава. Објавивме дека иако дневниот трошок за здрава исхрана во Македонија е меѓу најниските во регионот Адрија, нашата земја е прва на листата од пет земји рангирани по тоа колкав дел од населението не може да си дозволи здрави оброци во еден ден, покажуваат податоците од истражувањето на Светската банка. Имено, во 2021 година дури 15,5 проценти од вкупната популација во Македонија не можеле да си дозволат здрава исхрана. На второто место на листата е Србија, каде што 10,9 проценти од населението се обесправени кога станува збор за здравата исхрана, а потоа следуваат Босна и Херцеговина (три проценти), Хрватска (1,8 проценти) и Словенија (нула проценти).
Затоа, имаме причина повеќе да им посакаме здравје на нашите иселеници што редовно испраќаат пари дома. Точно 14,6 милијарди долари (околу 13,1 милијарди евра) испратиле иселениците во петте земји од регионот Адрија (Македонија, Србија, БиХ, Хрватска и Словенија) во минатата година, покажуваат податоците на Светската банка за таканаречените приватни или лични трансфери.
Станува збор за пари што директно се влеваат во економските текови во овие земји, главно преку потрошувачката, а дел од нив завршува и како депозит во банкарскиот систем. Според Светската банка, рекордер по приватни трансфери лани била Србија, со 5,6 милијарди долари, по неа е Хрватска со 5,3 милијарди долари, а на третото место е БиХ со 2,4 милијарди долари. Потоа следуваат Словенија (688 милиони долари) и Македонија, на последното место, со 456 милиони долари.