Во 1938 година, на богато земјоделско земјиште на околу 225 километри западно од Берлин бил основан мал град за да бидат сместени работници што би произведувале достапни „автомобили за народот“.
Но само неколку примероци од она што нацистите го нарекувале „возило за сила преку радост“ беа произведени пред фабриката целосно да се префрли на производство на воени возила.
По падот на нацизмот во 1945 година, сојузниците го нарекоа градот Волфсбург по блискиот замок, а во следните неколку децении тој прерасна во еден од најголемите фабрички центри во светот, на површина со големина на Монако, произведувајќи милиони возила на „Фолксваген“, уште од култната „буба“.
Денес Волфсбург има речиси 130.000 жители, но тој останува фабрички град. „Фолксваген“ вработува 22.000 луѓе во фабриката и уште 38.000 во околните административни згради.
Секое лето фабричките линии се стопираат по три недели за работниците да заминат на одмор и за да се изврши редовно чистење и одржување на погоните, односно да се постави нова опрема. Со оглед на тоа дека речиси сите во градот имаат некаква врска со „Фолксваген“, кога фабриката ќе застане, застанува и Волфсбург.
Како што е традиција, со музичка придружба на труби, тромбони и тапани, работниците се испраќаат во последниот петок пред летниот одмор. Годинава тоа беше од 17 јули до крајот на минатата недела. На излезот, многумина земаат пакет од познатите колбаси каривурст, кои се произведуваат во самата фабрика на „Фолксваген“, а на кој е залепена шеговита етикета „Оригинален дел за фолксваген“.
Сепак, градот не замира целосно, односно не се претвора во град на духови како пред неколку децении, бидејќи „Фолксваген“ веќе не ги принудува вработените во неговите административни згради да одат на одмор во истиот период како работниците од фабриката. Волфсбург организира уметнички изложби и концерти за време на тринеделното затворање на погоните, а оние што сакаат „шопинг-терапија“ можат да го посетат големиот трговски центар во близината.
Во 2000 година, „Фолксваген“ го отвори таканаречениот автоштад (Autostadt) или град на автомобилите, односно музеј и тематски парк покрај каналот што го дели центарот на градот од фабриката. Во текот на летото, автоштадот организира музички фестивал, кој вклучува разновидна понуда од хевиметал до хипхоп или џез, привлекувајќи ги и локалните жители и туристите.
Но, тешко е да се најде оброк кога фабриката ќе застане, бидејќи многу ресторани едноставно поставуваат информации дека се на одмор или го намалуваат бројот на работни часови, па дел од персоналот заминува на одмор. Исклучок е пицеријата „Ла фонтана“ во центарот на градот.
Келнерките Симона Шварц и Анке Биезк велат дека работат цела година и дека секогаш има работа.
Пабот „Брунос тунел Шалке“ (Brunos Tunnel Schänke), отворен во 1996 година, има историски статус во градот стар само 85 години. Тоа е популарно место за дружба за работниците на „Фолксваген“, а сопственикот Бруно Кориљано вели дека ја држи атмосферата олабавена кога работниците се на одмор. И неговата сопруга отишла на одмор, во Италија, а тој останал за да го води штандот за брза храна надвор од пабот. За време на тринеделното затворање на фабриката, Кориљано ја отвора пивницата само два-три часа дневно за неколку редовни гости и за да не се чувствува осамено.
Поради отсуството на десетици илјади жители, градскиот сообраќај во Волфсбург се намалува за 80 отсто. Во тој период градската канцеларија за одржување на патиштата префрла голема опрема и ги поправа штетите на улиците. Летово се работи на првиот дел од двегодишниот проект за проширување на главниот автопат што води кон градот.
Како што вели главниот надзорник Оливер Ајверсен, ризикот е да не започнуваат премногу работи во исто време, па да не станат пречка за себе со отворање премногу градежни пунктови, но тој верува дека сè ќе биде во ред бидејќи има навистина малку сообраќај.
Возачот на автобус Норман Хајнрихс, сепак, не е среќен поради годишните работи на патиштата, бидејќи неговата фрустрација започнува уште пред да почне со работа. Имено, за да стигне на работа, треба да направи заобиколување од шест километри.
„Мора подобро да ја распределат работата, затоа што не работат сите во 'Фолксваген', и ние исто така мора да работиме“, вели Хајнрихс.
Мартин Форстер, кој работи на обележување на велосипедски патеки, посочува дека тој и неговите колеги не ја планираат претерано својата работа за време на застојот во фабриката на „Фолксваген“, па затоа се среќни што можат да работат во период со многу помалку сообраќај.
За пензионерите како Буркхард Приц, паузата на „Фолксваген“ е благослов и олеснување. Поранешниот државен службеник сака да се дружи со пријателите за да игра шах на голема шаховска табла нацртана на земја во центарот на градот.
„Кога фабриката работи, тука е преполно навечер“, објаснува Приц.
Фризерите Марко Лодо и Шалав Атаа велат дека летниот одмор не е баш среќен период за нив на професионален и личен план.
„Имаме многу помалку клиенти“, се жали Лодо, а Атаа додава дека Волфсбург и така е мртов град, а уште полошо е кога фабриката не работи.
Сепак, трговскиот центар преку каналот од фабриката му вдахна нов живот на градот откако беше отворен пред 15 години.
„Пред 20 години, за време на прекинот на фабриката, ништо не се случуваше. Меѓутоа, благодарение на овој центар, тоа се промени“, објаснува Кристијане Рајнхолдс, која работи во една од тамошните продавници.
Но менаџерот на центарот Мајкл Ернст додава дека иако продажбата не се намалува премногу за време на летното затворање на фабриката, многу вработени сакаат одмор токму во тоа време, бидејќи поголемиот дел од градот на некој начин е поврзан со „Фолксваген“.
За оние што не сакаат или не можат да одат на југот на Европа, езерото Алерзе е во близина. Водата е свежа, дрвјата даваат сенка, тревата е зелена, има песок за деца и има многу помал метеж отколку на италијанските, грчките или шпанските плажи.