Падот на активноста на приватниот сектор во еврозоната забрза во август. Услугите престанаа да бидат светла точка и се приклучија на индустрискиот сектор, кој исто така забележа пад. Флеш проценката на ПМИ (PMI) падна на 47, уште повеќе под прагот од 50 поени што ја означува границата помеѓу растечката и опаѓачката активност. Ваков негативен резултат не очекуваше ниту еден економист анкетиран од „Блумберг“.
Добро утро, ова се петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Заврши времето на евтиното овошје
Цената на овошјето во јули годинава била за близу 25 отсто повисока споредено со крајот на минатата година. Статистичките податоци за минатиот месец покажуваат дека цените на сите прехранбени производи или стагнираат или се намалуваат. Исклучок се само цените на овошјето и зеленчукот.
Зошто трендот на намалување на цените од пролетта наваму не се одрази на цените на овошјето? Дано Јошев, лозар од Тиквешкиот Регион и претседател на Здружението „Тиквешки лозароовоштари“, во изјава за „Блумберг Адрија“ вели дека причините се многубројни, а главно е тоа што овошје има сè помалку.
Цените на авионските билети високи до небо
Цените на авионските билети стигнаа до облаците. По две години пандемија, се‘ што сакаа луѓето е да ги реализираат своите долго одложувани патувања. Во овој период речиси е и невозможно да се најдат авионски билети со прифатливи цени. Анализираме кои се причините за големото поскапување на воздухопловниот патнички транспорт.
Патувањето во Европа и Азија чини најмногу. Според податоците на глобалната агенција за патување „Хоппер“ (Hopper) авионските билети на овие континенти достигнаа и над 1.100 евра за лет во еден правец.
Индија стана првата земја што слета на јужниот пол на Месечината
Индија стана првата земја што слета со вселенско летало во близината на јужниот пол на Месечината, откако рускиот обид за слетување во истата област неодамна заврши неуспешно, по дефектот на моторот.
„Чандрајан-3“ (Chandrayaan-3), индиското вселенско летало што беше лансирано минатиот месец, оствари меко слетување во 18.04 часот по локално време во средата, откако руската „Луна-25“ се урна на Месечината во неделата. Роверот наречен „Прагјан“ (Pragyan), или мудрост, сега ќе треба да го анализира хемискиот состав на површината на Месечината и ќе бара вода во текот на еден лунарен ден, што е еквивалентно на 14 дена на Земјата.
ВИ е бран голем колку и појавата на интернетот, вели шефот на „Мајкрософт“
Во 1995 година, коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, испрати меморандум во кој го нарече интернетот „плимин бран“ што ќе биде клучен за секој дел од бизнисот на компанијата. Речиси две децении подоцна, сегашниот лидер на оваа технолошка компанија Сатја Надела рече дека верува оти влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) ќе биде исто толку значајно.
„Дописот на Бил од 1995 година ме потсетува на ова“, рече Надела во овонеделната епизода на „Колото со Емили Чанг“ (The Circuit With Emily Chang). „Мислам дека (вештачката интелигенција) е исто толку голема работа“.
Албанската „Амадеус груп“ поведе арбитража против Македонија
Албанската „Амадеус груп“ (Amadeus group) поведе правна постапка против Македонија пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) поради прекинатиот проект за изградба на деловен центар и хотел во центарот Скопје.
Во постапката е вклучена е и подружницата на компанијата во Македонија, „Амадеус Дивелопмент“. Според неофицијалните информации станува збор за побарување на штета од 110 милиони долари. „Амадеус груп“ купила парцела во центарот на Скопје во ноември 2011 година, но проектот не почнал со реализација бидејќи според локалната самоуправа компанијата неколку години по откупот на земјиштето не побарала градежна дозвола.