Градовите се празнат, во училиштата има сè помалку деца. Веста на денот вчера дојде од Прилеп, каде што годинава во прво одделение се запишале 100 деца помалку од тоа што било планирано во согласност со годината на раѓање. Во првата половина од минатата учебна година 300 деца биле отпишани од училиште затоа што семејствата се иселиле. Од друга страна, и германските фабрики го селат производството во странство.
Добро утро, ова се петте најважни вести за почеток на овој ден.
Нема потреба од ребаланс - ќе се прекројува само расходната страна на буџетот
До крајот на оваа недела Министерството за финансии ќе заврши со постапката за прекројување на буџетот. Очекувањата се дека предлогот ќе се најде на владина седница наредниот вторник, а веднаш потоа ќе влезе и во собраниска процедура.
Овој пат државата не се одлучи за класичен ребаланс туку за прераспределба на средства на расходната страна. За овој процес собраниската постапка трае пократко.
„Ребаланс на буџет се прави кога имате проблем на приходната страна. Ние таму имаме зголемени приходи од близу 12 отсто. Затоа ќе одиме со прераспределба на средствата на расходната страна“, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ заменик-министерот за финансии Филип Николовски.
Емиграцијата стана егзодус: Децата ни се раѓаат во странство
Вкупниот број македонски државјани што денес престојуваат во странство може да се процени на најмалку 700.000 лица, покажува новата публикација за миграциите во Македонија што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Во неа се додава дека според стапката на емиграција во 2019 година (која е проценета на околу 25 проценти), Македонија е во групата на првите дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство.
„Во овој временски интервал надвор од земјата биле родени 48.658 деца, што претставува двегодишен наталитет на земјата и 19,5 проценти од вкупно родените (250.061 дете) во Македонија“, пишува во публикацијата.
Германското производство се сели во странство
Германските бизниси сè повеќе ги ограничуваат инвестициите и гледаат на производството во странство поради високите цени на енергијата дома. Над половина од анкетираните компании велат дека енергетската транзиција има негативни или многу негативни ефекти врз нивната конкурентност, се наведува во извештајот на Германската трговска и индустриска комора.
Меѓу производителите речиси една третина размислуваат или веќе извршуваат производствена смена во странство, двојно повеќе отколку за време на минатогодишната енергетска криза. „Довербата на германската економија во енергетската политика падна на ниско ниво“, рече претседателот на групата Ахим Деркс. „Загриженоста за конкурентноста никогаш не била поголема“. Германската економија бележи продолжен период на слабост во производството, што покажува неколку знаци на намалување во услови на намалена деловна доверба, и таа е единствената голема европска земја чие производство се прогнозира да се намали оваа година.
Ќе има ли повторно „гасна“ криза во Европа?
По застојот во август, европскиот пазар на природен гас се врати во живот. Ризикот од штрајкови во Австралија, најголемиот светски производител на течен природен гас, беше доволен да ги зголеми цените во еден момент за 50 отсто. Овој раст доаѓа неколку недели пред први октомври, кога е и почетокот на грејната сезона, и затоа растот на цените е секако загрижувачки.
Во моментов европските цени на природниот гас се движат околу 35 евра (38 долари) за мегават-час, во споредба со просекот од 2010 до 2020 година од нешто повеќе од 20 евра. Цените на електричната енергија на големо се движат над 140 евра за мегават-час, што е повеќе од тројно од просекот од 38,5 евра за 2010-2020 година.
„Тојота“ го прекинува производството на автомобили во 14 фабрики
„Тојота“ (Toyota Motor Corp) вчера го прекина производството во текот на ноќта во сите 14 домашни фабрики поради проблеми со производствениот систем. Најголемиот светски производител на автомобили се соочува со редок проблем и брза да го рестартира својот познат систем.
„Проблемите со системот спречија да се нарачаат делови“, изјави портпаролот на „Тојота“, што влијаеше на околу 28 производствени линии што се дел од целото производство, од најпродаваните „корола“ (Corolla) и „камри“ (Camry) до хибридот „приус“ (Prius). „Иако сè уште не е јасно кога ќе бидат рестартирани операциите, компанијата не се сомнева дека е жртва на сајбер-напад“, рече портпаролот.