Цените на најбараните модели на користени часовници од врвните швајцарски брендови „Ролекс“ (Rolex), „Патек Филип“ (Patek Philippe) и „Одемар Пиге“ (Audemars Piguet) повторно паднаа во 2024 година, достигнувајќи нови тригодишни најниски вредности.
Прогнозата за цените на пазарот за половни часовници во 2025 година сугерира мешано сценарио, бидејќи пазарот останува поделен, при што некои сегменти продолжуваат да се соочуваат со притисок.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Половина од топ 10 акции во регионот Адрија се македонски
Дури пет акции на македонски котирани компании се наоѓаат меѓу 10-те со најголем раст во 2024 година во регионот Адрија, односно пазарите на Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија.
Пишувавме веќе дека македонскиот берзански индекс МБИ10 имаше убедливо најголем раст меѓу сите регионални индекси, од 65 проценти, па од акциите што го сочинуваат, „Стопанска банка – Скопје“ имаше најголем скок за една година, од 123,7 проценти и се наоѓа на четвртото место на регионалната листа на топ акции.
Лидер на листата е акцијата на хрватската компанија „Кончар Електроиндустрија“, која во 2024 пораснала за 137,4 проценти.
Како „Кончар“ стана ѕверска акција
Растот на цените на акциите е кристално јасен, а во однос на обемот на тргување, зголемена активност се забележува околу објавувањето на кварталните резултати. Најголемата реакција на пазарот беше забележана во јули 2024 година, кога беше објавена веста за потпишување заедничко вложување со „Сименс Енерџи“, за формирање на новата компанија „Кончар трансформер котли (КТК)“. Дополнително, „Кончар“ е мнозински сопственик на оваа компанија со 60 отсто од акциите, додека Сименс има 40 отсто.
Во рамките на „Кончар Групацијата“, „Кончар Д&СТ“ е ѕвезда на растот (субјект специјализиран за производство на трансформатори), цената на неговата акција се зголеми за 153 проценти во горенаведениот период.
Зошто растат приносите на обврзниците и што значи тоа за регионот?
Глобалната геополитичка неизвесност, најавата на царини и изразената фискална недисциплина на САД, Франција и Велика Британија го свртеа трендот на пад на приносите на обврзниците во друга насока. Во текот на изминатиот месец, 10-годишната американска обврзница порасна за 45 базични поени на 4,65 отсто, додека подолгиот рок (30-години) е блиску до пробивање на 5 отсто.
Во моментов, глобалните приноси на обврзниците продолжуваат да растат и поради претпазливоста од повисоки стапки на инфлација во 2025 година одошто тоа се очекуваше претходниот период.
Во регионот Адрија, со оглед на неликвидноста на тргувањето со обврзници во однос на развиените земји, бележиме нешто послабо поместување на подолгиот крај на приносите. Овој регион може да се заблагодари и на својата солидна макроекономска позиција и фискална дисциплина за малото поместување на приносите.
Ќе се задолжува ли Македонија поскапо?
Сепак, зголемувањето на глобалните приноси на пазарот на обврзници носи одреден ризик и за македонската економија и за економиите од регионот, кои често се ранливи на глобалните финансиски промени поради нивната зависност од надворешно финансирање.
„Зголемувањето на глобалните приноси значи дека трошоците за ново задолжување може да бидат повисоки, што директно би го оптоварувал буџетот на државите“, смета Андријана Поповска, извршна директорка на „ВФП Фонд Менаџмент“.
„Кога приносите на обврзниците на држави со инвестициски кредитен рејтинг, како што се на пример САД и Велика Британија, се зголемуваат, тоа има директен ефект врз приносите на обврзниците на земјите со шпекулативен или неинвестициски кредитен рејтинг. Логично, овој ефект се должи на фактот што инвеститорите бараат повисока компензација за перципираниот ризик кај економии со пониски кредитни рејтинзи“, објаснува таа.
Бизнис вреден 30.000 долари - давање препораки за вработување на странци
Вработени во големите американски компании најдоа нов начин како да заработат од својата позиција - препорачуваат лица кои воопшто не ги познаваат за пополнување на слободните работни места.
Додека препораките обично се резервирани за познати лица — поранешни колеги, или барем некој со заеднички познаник кој може да гарантира за нив — постои растечки „андерграунд“ пазар кој ги поврзува барателите на работа со анонимни лица од компаниите кои се подготвени да им помогнат да добијат подобра шанса за вработување.
Некои од најактивните препорачувачи на сајтот „Рефермаркет“ доаѓаат од најдобрите компании во САД. „Мета“, „Блекрок“, „Голдман Сакс“, „Амазон“, „Гугл“, ИБМ и „Сејлсфорс“ сите имаат најмалку еден вработен — а во некои случаи два или три — кои нудат препораки на платформата.