Хамбургерот одамна не е само симбол на брзата храна, туку признат гастрономски производ со меѓународно влијание. Тоа го потврдува новата листа „World’s 25 Best Burgers“ на лондонската агенција „Аперкат концептс“ (Upper Cut Concepts), која секоја година ги избира најдобрите хамбургери во светот.
Во конкуренција од над 1.200 ресторани и бургер-барови од 60 земји, меѓународното жири ги оценуваше не само вкусот и квалитетот на месото, туку и техниката на приготвување, конзистентноста, односот цена-вредност и одржливоста.
Овој избор уште еднаш ја потврдува глобалната еволуција на „бургер индустријата“ – од улична закуска до врвна гастрономија.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Нема зима за македонските блучипови: 237 милиони евра профит за девет месеци
Седум од десет компании во индексот МБИ10 бележат раст на добивката до третиот квартал од 2025 година, додека кај преостанатите три – сите банки – намалувањето е минимално.
Вкупниот профит на македонските блучипови достигна над 237 милиони евра, при што најголем удел има банкарскиот сектор.
„Комерцијална банка“ останува апсолутен лидер со 69,1 милион евра добивка, иако бележи мало намалување од 3,9% во споредба со 2024 година. Според коментарите од банката, планираната бруто-добивка е реализирана со дури 110% остварување – јасен показател за стабилност и отпорност на домашниот финансиски пазар.
ОПЕК+ ќе паузира: дали следува поевтинување на нафтата?
Цените на нафтата пораснаа минатата недела и продолжија да се стабилизираат на ново ниво откако ОПЕК+ објави дека го замрзнува планираното зголемување на производството до првиот квартал на 2026 година.
Брент-нафтата се стабилизираше над 65 долари за барел, што е најдолг раст од септември наваму.
Иако дел од аналитичарите очекуваат краткорочна стабилизација, останува прашањето како оваа одлука ќе влијае врз буџетите на земјите-членки на картелот, особено на Блискиот Исток, Казахстан и Русија, каде што цената на нафтата е клучна за јавните финансии.
„Амазон“ и „Опен еј-ај“ во партнерство вредно 38 милијарди долари
Технолошкиот гигант „Амазон“ (Amazon.com Inc.), преку својата облак-платформа АВС (AWS), потпиша седумгодишен договор со „Опен еј-ај“ (OpenAI) вреден 38 милијарди долари за обезбедување на компјутерска моќ преку графички процесори на „Енвидија“ (Nvidia).
Овој договор ја зацврстува позицијата на „Амазон“ во ерата на вештачката интелигенција и потврдува дека „Опен еј-ај“ се трансформира во водечки глобален играч.
Извршниот директор на АВС, Мет Гармен, изјави: „Додека ‘Опен еј-ај’ ги поместува границите на можностите, нашата инфраструктура ќе биде темел за нивните ВИ-амбиции.“
Бикови против мечки: што очекува Волстрит од ноември?
Историски, ноември е најдобриот месец за акциите – и оваа година не е исклучок. По скокот на технолошките акции, поттикнат од новиот договор меѓу „Амазон“ и „Опен еј-ај“ вреден 38 милијарди долари, S&P 500 забележа позитивен старт.
Според податоците на БИГ (Bespoke Investment Group), кога индексот расте над 10% до октомври, ноември обично носи дополнителен пораст од околу 2,6%.
Иако „мечките“ предупредуваат на можни корекции поради високите процени, историските трендови и расположението на инвеститорите им даваат предност на „биковите“.
Преземањето на „Лукоил“: целосно одвојување од руското влијание
Трговската компанија „Гунвор“ (Gunvor Group), предводена од Торбјорн Торнквист, потврди дека договорот за преземање на меѓународното портфолио на „Лукоил“ претставува „целосно одвојување“ од руската контрола.
„Лукоил“ ќе ги продаде сите свои странски средства – од рафинерии до бензински станици – на „Гунвор“, без да ги открие финансиските детали.
Торнквист истакна дека договорот е во согласност со сите регулаторни стандарди и дека нема ризик средствата повторно да се вратат под руско влијание, дури ни по евентуално укинување на санкциите.