Инфлацијата во Германија забави помалку од очекуваното, а во Шпанија забрза, давајќи им на функционерите на Европската централна банка делумна слика за ценовните притисоци во регионот додека размислуваат дали повторно да ги зголемат каматните стапки. Бројките објавени вчера укажуваат на можноста за силен исход утре кога ќе биде објавен извештајот за еврозоната за кој креаторите на политиката на ЕЦБ наведоа дека ќе биде клучен во пресрет на состанокот на 14 септември.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Никој не продава граѓански обврзници, се чекаат каматите
Повеќе од еден месец откако на Македонската берза котираат граѓанските обврзници ниту еден имател не дал налог да продаде дел од вложениот капитал. Во овој месец не се случила ниту една трансакција со тие обврзници, што значи дека ниту еден од вкупно 1.283 граѓани што купија од граѓанските обврзници не сакал да продаде.
Познавачите со кои се консултиравме велат дека интересот за продажба најверојатно ќе остане слаб и во следниот период, најмногу затоа што каматата за обврзниците е висока, се разбира ако се анализира сегашната поставеност на пазарот. Инаку, на берзата најголем интерес за тргување има со обврзниците за денационализација, додека државните хартии од вредност што ги издава Министерството за финансии и кои најмногу ги купуваат институционални инвеститори речиси не се тргуваат.
Владата го почнува септември со нови задолжувања, ќе плаќа камата до 6,15 проценти
Владата следната недела планира да се задолжи на домашниот пазар преку издавање државни хартии од вредност во вкупен износ од 3,6 милијарди денари или околу 58,4 милиони евра. Каматните стапки за новите задолжувања се движат од 4,25 за 12-месечните државни записи до 6,15 проценти за 15-годишните државни обврзници.
Според проспектите што ги објави Министерството за финансии, на 5 септември е закажана аукција на 12-месечни државни записи без девизна клаузула во вредност од 2,4 милијарди денари (39 милиони евра) во ограничен тендер со износи и камата од 4,25 проценти. Истиот ден државата ќе понуди на аукција 15-годишни државни обврзници во вредност од 200 милиони денари (3,2 милиони евра) со евро клаузула и купонска каматна стапка од 5,9 проценти, како и 15-годишни државни обврзници во вредност од милијарда денари (16,2 милиони евра) без девизна клаузула со купонска каматна стапка од 6,15 проценти.
ЧетГПТ ќе ги зголеми приходите на „Опен еј-ај“ на милијарда долари годишно
Приходите од продажбата на „Опен еј-ај“ (OpenAI) наскоро ќе достигнат една милијарда долари, бидејќи сè повеќе компании ја прифаќаат технологијата што се користи за развој на ЧетГПТ (ChatGPT), ботот базиран на вештачка интелигенција, кој предизвика бран инвестиции во вештачката интелигенција.
Стартапот поддржан од „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) заработува околу 80 милиони долари месечно, изјави за „Блумберг“ информиран извор, кој сакаше да остане анонимен поради доверливоста на информациите. Медиумот „Д информејшен“ (The Information) беше првиот што пишуваше за приходите на „Опен еј-ај“, наведувајќи дека компанијата изгубила околу 540 милиони долари во 2022 година развивајќи ги ГПТ-4 (GPT-4) и ЧетГПТ (ChatGPT).
Продажбата на автомобили во Европа скокна за 17 отсто во јули
Продажбата на автомобили во Европа се зголеми во јули бидејќи зголемената побарувачка за електрични возила и подобрената достапност на делови помогнаа да се поттикне 12-ти последователен месец на раст. Регистрациите на нови автомобили се зголемија за 17 отсто, на 1,02 милион возила, објави во средата Европската асоцијација на производители на автомобили.
Продажбата на електрични автомобили со батерии се зголеми за 62 отсто, додека испораките на дизел-модели се намалија за 9 отсто. Пазарите, вклучувајќи ги Германија, Франција и Шпанија, забележаа двоцифрен раст на продажбата. Производителите на автомобили работеа за нарачките што се натрупаа за време на подолгиот период на проблеми со снабдувањето. Сега, кога недостигот од полупроводници и други критични компоненти се намали, изгледите на индустријата се заматени од изгледите за повисоки животни и трошоци за задолжување.
Климатските промени влијаат на инвестициските одлуки
„EarthCare.ai“ е платформа која има цел на едно место да обезбеди пристап до климатски податоци за секој дел од земјината топка. Платформата ќе содржи информации за 50 различни климатски состојби вели еден од нејзините креатори Горјан Јовановски, кој зборуваше за „Блумберг Адрија“.
„Податоците за климатските состојби, може да бидат од корист за бизнисите во насока на носење многу подобри одлуки кога станува збор за отпорноста кон климатската криза во која што се наоѓаме, вели Јовановски. Тој посочува дека нивната претходна апликација „АirCare“, се фокусираше само на мерење на аерозагадувањето, што е буквално еден тип на податок, за разлика од новата која нуди информации за 50 климатски состојби.