Неколку десетици луѓе загинаа кога автобус со туристи падна од мост во близината на Венеција доцна во вторникот, јавија локалните власти и тамошните медиуми. Во продолжение преостанатите вести на денот.
Трка по батерии за електрични возила
Фабриките за батерии почнаа да никнуваат брзо, насекаде во светот, а атрактивен е и регионов. Нашата земја лесно може да привлече многу повеќе инвестиции во тој сектор бидејќи Европа и САД решително сакаат да ја намалат зависноста од Кина, која во моментов е глобален лидер во производството и снабдувањето со батерии. Кинеските компании веќе почнаа да го шират своето производство во регионот, во Европа и во САД за да ја продолжат доминацијата во светот.
Словачкиот производител на батерии „Инобат“ (InoBat) неодамна соопшти дека ќе вложи 2,3 милијарди евра во гигафабрика за батерии во Ќуприја, Србија, каде што ќе произведува и рециклира батерии за електрични возила.
Побарувачката за зелените обврзници трипати поголема од понудата
Голем интерес беше пројавен на вчерашната аукција за најновиот финансиски инструмент на пазарот - зелената обврзница. На аукцијата за првата емисија имаше побарувачка за речиси трипати повеќе, односно беше доставена понуда во износ од 1,635 милијарда денари. На аукцијата беа запишани зелени обврзници во износ од 10 милиони евра.
Средствата обезбедени од издавањето на оваа прва емисија на зелена обврзница ќе бидат насочени во Фондот за енергетска ефикасност во рамките на Развојната банка, од каде што компаниите ќе може да добијат средства по поволни услови за своите зелени инвестиции.
Конкуренција на банките
Граѓанските и зелените обврзници се финансиски инструменти што носи нов квалитет на финансискиот пазар, затоа што се креира дополнителна можност, опортунитет за безризичните инвеститори да имаат солидна каматна стапка. Професорот Зоран Ивановски вели дека на овој начин се создава и конкуренција на деловните банки во однос на пасивните каматни стапки, каматите на депозитите. Тој смета дека треба во следниот период да се очекува нагорно придвижување на пасивните каматни стапки.
Инвестирањето во зелени и граѓански обврзници, според него, е и шанса за граѓаните да ги заштитат своите пари од инфлацијата.
Фед, берзите и приносите
Американските и европските акции потонаа во вторникот, откако податоците за работните места во САД за август покажаа поголем број нови работни места. Тие податоци ги наведоа инвеститорите да заборават на можниот крај на зголемувањето на каматните стапки од страна на Федералните резерви (Фед) до крајот на годината и почнаа да се обложуваат дека стапките ќе се зголемат во декември за 25 или за 50 базични поени.
Приносот на 30-годишните американски обврзници се искачи на највисоко ниво од 2007 година поради очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки на високо ниво.
„Иднината на луксузот“
Промо: Способноста на производителите на луксузни стоки да остварат двоцифрен раст на продажбата и заработката не се изгуби ни во 2023 година, со голема побарувачка за висококвалитетни производи, покажува истражувањето на „Блумберг интелиџенс“.
Брендовите мора да бидат подготвени да се приспособуваат на промените и да се потпираат на стручни совети за да останат релевантни во динамичното опкружување.
Токму тоа ќе биде тема на конференцијата „Иднината на луксузот“ („The Future of Luxury“) на „Блумберг Адрија“, која се одржува денеска и утре во Регент Порто Монтенегро, во Црна Гора, каде што преку три панели учесниците ќе имаат можност да слушнат нешто повеќе за актуелните трендови и иднината на луксузот.