Американскиот претседател Џо Бајден размислува дали да го посети Израел, додека Белата куќа се обидува да ја балансира поддршката за земјата со стравувања дека регионалната криза може да ескалира. Очите на светската јавност сега се фокусирани на Блискиот Исток и конфликтот меѓу Израел и Палестина иако до вчера фокусот беше на војната во Украина. Главна причина за тоа е загриженоста дека проширувањето на кризата во арапскиот свет лесно може да доведе до негативни последици по светската економија.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Кои се економските ризици од судирот меѓу Хамас и Израел?
Најголемите шокови на цените на нафтата во изминатите педесетина години се резултат на конфликти на Блискиот Исток. Еден таков е во тек во моментов. Додека Израел се подготвува за копнена офанзива во Појасот Газа, вниманието е насочено кон цените на нафтата.
Верувале или не, на почетокот на 1970 година барел нафта чинел 1,80 долари. Првиот ценовен шок се случил во 1973 година, кога египетските сили преку Суецкиот Канал навлегоа во Израел за да ја заземат Голанската Висорамнина. САД му помогнаа на Израел. Арапските земји воведоа ембарго на извоз на нафта. Цената скокна.
САД во обид да спречат криза во Газа, нафтата „на чекање“
Цената на нафтата бележи благ пораст, додека се чека Израел да ја започне својата најавена копнена офанзива на Појасот Газа, а САД ги зајакнаа напорите да спречат кризата да стане вистински, регионален пожар. Брент се тргуваше близу 91 долар за барел, откако поскапе за речиси шест отсто во петокот за да ја ограничи големата неделна добивка.
Во текот на викендот, американските официјални лица побрзаа да разговараат со земјите од Блискиот Исток - вклучително и разговори зад сцената со Иран - за да го ограничат конфликтот. Државниот секретар Антони Блинкен се враќа во Израел во понеделник, а претседателот Џо Бајден исто така размислува за патување таму во наредните денови.
Германија кивна, дали регионот ќе настине: Македонија со слаб имунитет
Кога ја предвидуваат економската иднина, економистите ѝ порачуваат на Источна Европа: колку подалеку од Германија, толку подобро. Извозот во Германија, германските инвестиции во регионот и странските дознаки што ги испраќа дијаспората се клучните фактори што ќе одредат колку германската рецесија ќе го чини регионот Адриjа.
Германската економија изгледаше поотпорно отколку што многумина очекуваа минатата година, имајќи предвид дека се соочи со тектонски потреси, од префрлањето од евтин руски гас на многу поскап американски и катарски течен гас, преку рекордната инфлација и недостигот од работна сила, до трговската војна на САД.
Гориво: Србите го шверцуваат, Словенците имаат дизајнерско гориво
Шверц на гориво. Тоа е реалноста во Србија. Следуваат Македонија и Босна и Херцеговина со значително помал обем. Во Хрватска оваа незаконска активност е практично занемарлива, додека во Словенија воопшто ја нема. Таму се соочуваат со сосема поинаков начин на злоупотреба на горивото и избегнување на акцизата за него.
Иако контролите се постојани, а горивото подлежи на задолжително обележување, црните и сивите канали што носат нафтени продукти до купувачите сепак се повеќе од активни. Со избувнувањето на војната во Украина и изборната криза во Либија, ситуацијата со енергетските извори низ светот почна да се комплицира, па влијанието на конфликтот се почувствува и во доменот на шверцот на нафта и нејзини деривати.
Прогноза на економистите: ЕЦБ ќе ги задржи каматните стапки до септември 2024
Европската централна банка (ЕЦБ) нема да ги намали каматните стапки до септември 2024 година, покажа новата анкета на економистите, што сугерира дека се разбираат пораките на креаторите на политиката дека кратењата нема да се случат наскоро. Резултатите од последното истражување на „Блумберг“ се разликуваат од претходниот круг, кога испитаниците очекуваа намалување на каматните стапки во март. Второ намалување се очекува во октомври.
Истражувањето се совпаѓа со коментарите на претставници на ЕЦБ што последните денови зборуваа на маргините на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд во Маракеш. Членот на Советот на гувернери Мартинс Казакс рече дека актуелните економски проекции не се усогласени со намалувањето на каматните стапки во првата половина на 2024 година, а за втората половина од годината рече дека ќе види.