Во тивок, конференциски простор сместен во хотелот „Венишан“ (Venetian) во Лас Вегас, директорите на банката „Силикон валеј“ (СВБ) - заемодавец кој тесно соработуваше со технолошки компании и пропадна откако се соочи со одлив на депозити - се собраа да испратат порака: банката се враќа.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
ЕЦБ на пауза, каматите незапирливо нагоре
Заврши најагресивниот циклус на монетарно затегнување во еврозоната. Вчера Европската централна банка реши да паузира за да провери какви ќе бидат резултатите од досега направеното.
Од почетокот на кампањата за затегнување на монетарната политика, ЕЦБ десет пати ја зголемуваше основната камата, а депозитната стапка стигна до четири отсто. Во истиот период Еуриборот, каматата по која банките меѓу себе си позајмуваат пари, од -0,5 отсто на почетокот на минатата година се зголеми до над четири отсто во последниов месец.
Погреб во Македонија: Како достоинството стана престиж и луксуз
Огласи за продавање гробни места може да се најдат речиси во секој огласник во Македонија. Цените се движат од 1.000 до 5.000 евра. Локацијата се чини е пресудна за тоа колку ќе чини гробното место. „На самиот почеток, кај борците“ или „оддалечено само 150 метри од главната капија“ се дел од описите што ги нудат продавачите на гробници.
Она што се забележува низ огласите е дека продавачите на гробници во голема мера ја креираат цената и во зависност од тоа во каква состојба е гробното место и колку е опремено. Во описот на едно гробно место што се продава по цена од 3.700 евра е наведено: „Продавам гробно место комплет, со гранитен надгробен споменик, мермерен тротоар и вазни, на премиум-локација – прв ред, веднаш спроти капелата“.
Растат добивките на македонските банки
Над 70 милиони евра се вкупните приходи од работењето на НЛБ банка во деветте месеци годинава. Банката вчера ги објави финансиските показатели за овој период. Според нив, вкупните приходи пораснале за 16,7 отсто во однос на истиот период лани. Во тоа време НЛБ Банка успеала да го зголеми профитот за 19,1 проценти до 39,6 милиони евра.
Комерцијална банка, пак, во периодот јануари-септември годинава остварила добивка во износ од 49,5 милиони евра, што е зголемување за 64,7 проценти во однос на истиот период во 2022.
Големата технолошка седумка изгуби 200 милијарди долари
Дел од таканаречените „седум величенствени“ технолошки компании што го поттикнаа годинешниот раст на американските акции објавија разочарувачки заработувачки, бришејќи 200 милијарди долари од нивната пазарна вредност. Ваквите резултати се закануваат да го турнат надолу индексот S&P 500.
Вредноста на акциите на „Алфабет“, компанија која е сопственик „Гугл“, на „Тесла“ и на „Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“ падна по објавувањето на финансиските резултати, а единствената светла точка е „Мајкрософт“. Остануваат уште „Амазон“, како и „Епл“ и „Енвидија“, два технолошки гиганта кои треба да ги објават извештаите следниот месец.
Американската економија минатиот квартал порасна најбрзо од 2021-та
Американската економија минатиот квартал порасна со најбрзо темпо во речиси две години, поттикната од порастот на потрошувачката.
Бруто-домашниот производ се забрза до годишна стапка од 4,9 отсто, што е повеќе од двојно од темпото во вториот квартал, според прелиминарната процена на владата објавена во четвртокот. Главниот мотор за раст на економијата - личната потрошувачка - скокна за 4 отсто, исто така најмногу од 2021 година.
Внимателно следената мерка за базичната инфлација во меѓувреме се олади до најбавното темпо од 2020 година.