Прв пат од пристапувањето на земјава во НАТО, во Скопје пристигна генералниот секретар на Алијансата, Јанс Столтенберг. Вчера, пред пратениците во Собранието се потсети на детството што го поминал во поранешна Југославија каде што прв пат пробал полнети пиперки и играл „ринге, ринге јаја“. Денеска, ќе присуствува на неформален НАТО состанок во Скопје каде ќе бидат присутни и хрватскиот претседател и премиерите на Албанија и на Црна Гора и претставник на Словенија. На прес конференцијата кажа дека земјава е важна за НАТО.
Добро утро, еве ги другите пет вести важни за денеска.
Лагард: ЕЦБ мора да знае какви ќе бидат фискалните политики
Европската централна банка има потреба од јасност за тоа каде се движи фискалната политика за да ја постави монетарната политика, вели претседателката Кристин Лагард.
„Ако не знаеме каде ќе одат министрите за финансии од фискална гледна точка, тоа е проблем – треба да разберам како работат и во која европска рамка работат“, рече таа вчера во Берлин.
Кои се рекордерите на Македонската берза?
Добропознати компании и понекое изненадување има годинава на Македонската берза, покажува нашата анализа, во која како главни параметри се земени бројот на трансакции, нивната вкупна вредност и истргуваните количества акции на поединечните акционерски друштва што котираат на берзата
Над илјада трансакции биле остварени само со акциите на „Комерцијална банка“ (3.861 трансакција) и на „Алкалоид“ (1.856 трансакции). Тоа ги стави овие две компании на врвот на топ пет листата на акции со најголем број трансакции. Друштво на листата им прават „НЛБ банка“, „Макпетрол“ и „Стопанска банка Скопје“.
Како македонски патики завршија кај Роналдо и Шекил О’Нил?
Сатја Грабулоски осум години црта патики за познати личности. Кристијано Роналдо, Дуа Липа и Мајли Сајрус се дел од големите светски ѕвезди за кои досега има направено обувки. Клиенти на неговата компанија „Свитхадот студиос“ (Swithadot Studios) биле и пејачот на „Уан рипаблик“, фудбалерот Серхио Рамос, како и продуцентот и диџеј Стив Аоки, со кого најави и деловна соработка.
Грабулоски требало да црта патики и за Коби Брајант, но дента кога имал закажано состанок со тимот на Лос Анџелес лејкерс се случила хеликоптерската несреќа во која кошаркарот загина. Обувките за кои имал подготвено и скица никогаш не ги направил.
Волкот од Волстрит за „Блумберг Адрија“: Би ги сменил постапките со кои им наштетив на други
Речиси сè во филмот е вистина, изјави за „Блумберг Адрија“ вистинскиот волк од Волстрит, контроверзниот поранешен брокер Џордан Белфорт, кого Леонардо ди Каприо го портретираше во холивудскиот хит што изобилуваше со пари, дрога и инциденти.
Белфорт своевремено заврши во затвор поради измама на инвеститори од 200 милиони долари, а денес како успешен претприемач и автор се залага за легални инвестиции во светот. Каква стратегија им предлага на инвеститорите, дали заработува подобро од пишувањето книги или од пазарот на капитал, што мисли за криптовалутите и како гледа на хрватската економија? Со Вук разговаравме во Загреб, на маргините на конференцијата „Продажен начин на размислување: Волкот повторно удира“, каде што тој беше главен говорник.
Синдикатот на „Еуроникел“ најавува протест во четврток и петок
Синдикатот на „Еуроникел индустри“ испрати барање за исплата на ДДВ за давање на плата, спас на работните места и егзистенцијата на околу 800 вработени, до Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Влада задолжен за економски прашања, координација и економски ресори и инвестиции, со копија од барањето до премиерот Димитар Ковачевски, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и Хари Костов, директор на Комерцијална банка АД Скопје.
„Ви се обраќаме со длабоко разочарување после минатонеделната комуникација и ветување дека ќе се преземат сите активности за да ни се излезе во пресрет на нашите барања за исплата на плата преку поврат на ДДВ. Денес е 21 ноември, повратот на ДДВ за месец август 2023 година сè уште не е реализиран. Работниците немаат земено плата за месец октомври 2023 и сите наши вработени и нашите семејства останавме и без најчувствителното, без здравствена заштита“, пишува во барањето.