Добиено е известување од пријателска Турција, дека креаторот, главниот коoрдинатор и директниот извршител е фатен од тамошните служби, соопшти на прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во однос на случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Освен тоа, еве што друго треба да знаете на почетокот на денот.
Македонските пензиски фондови се офајдија од БМВ, „Епл“, „Амазон“...
Македонските работници што се дел од капитално финансираното пензиско осигурување односно што се членови на трите задолжителни пензиски фонда можат да бидат задоволни од годинашните текови на пазарот на капитал.
Откако високата инфлација ги принуди централните банки низ светот да ги зголемат референтните каматни стапки, се зголемија приносите на државните обврзници во кои е пласиран најголем дел од средствата на домашните задолжителни пензиски фондови. Дополнително, годинава се исплатеа нивните вложувања во странски инвестициски фондови и во акции од гигантски компании како БМВ, „Епл“, „Алфабет“, „Мета“ и други, кои забележаа значителен пораст на вредноста на акциите.
Kомпаниите не се плашат од ЕСГ, државата што поскоро да ги донесе законите
Ова прашање е новото нормално кога станува збор за бизнис-секторот, но сепак клучна причина за бавното имплементирање и приспособување е тоа што во земјава нема регулатива со која јасно ќе бидат дефинирани обврските и одговорностите на сите заинтересирани страни.
Ова се некои од клучните поенти на говорниците на тркалезната маса „Not so small talk“, која ја организираше македонската редакција на „Блумберг Адрија“.
Говорниците се исклучителни познавачи на темата, а за нефинансиското известување во рамките на ЕСГ разговаравме со Драган Давитков, партнер во ПвЦ (PwC North Macedonia), Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на „Макстил“, една од малкуте компании во земјава што имплементираа ЕСГ-стандарди, и Стефан Ристовски од Институтот за европска политика, кој минатата година го подготви извештајот за напредокот во оваа област.
Кочо Анѓушев ставен на црната листа на САД
Соединетите Американски Држави го ставија бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев на нивната црна листа. Тој се смета како генерално неподобен за влез во Америка, поради неговата вмешаност во значителна корупција, објавија од Стејт Департментот преку официјално соопштение.
Тој по објавата испрати допис до медиумите во кој посочува дека нема основа да биде на црната листа на САД и најави дека ќе ја обжали одлуката односно дека ќе ги искористи сите правни лекови со цел за повлекување на истата.
Од друга страна, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, посочи дека назначувањето на поранешниот вицепремиер за економски прашања и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.
Со фотоволтаици до енергетска независност на компаниите
Високите цени го скратија времето на поврат на средствата од инвестициите во фотоволтаици. Затоа компаниите не треба да чекаат за вложување во енергија од обновливи извори, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Зоран Митрески, сопственик на „Ефикс електрикал“.
„Пред да се случи оваа криза, повратот на инвестицијата за правните лица беше од осум до десет години. Денес берзанската цена на електрична енергија е од 90 до 120 евра за мегават-час, што значи дека е повеќе од половина поскапа. Значи, со денешните цени, тој поврат би бил од четири до пет години. Апсурд е ако некој направи добра бизнис-стратегија со која би му се вратила инвестицијата за четири-пет години, тоа да не го направи денес, сега, во овој момент. Овие системи се фантастични за компаниите, им даваат можност неколкукратно да ги намалат своите трошоци, а веќе има и доста компании што почнаа да заработуваат на овој начин“, вели тој.
„Енвидија“ ќе гради лабораторија за вештачка интелигенција во Јапонија
„Енвидија“ планира да помогне во изградбата на екосистем поврзан со вештачката интелигенција во Јапонија за да ја задоволи побарувачката во земјата, која сака да добие предност во однос на оваа технологија.
„Компанијата со седиште во Санта Клара, Калифорнија, ќе се обиде да соработува со јапонски истражувачки организации, компании и стартапи за изградба на фабрики за вештачка интелигенција“, рече главниот извршен директор Џенсен Хуанг за време на отворањето на состанокот со јапонскиот министер за економија Јасутоши Нишимура.
„’Енвидија’ ќе основа истражувачка лабораторија за вештачка интелигенција, ќе инвестира во локални стартапи и ќе ја едуцира јавноста за употребата на оваа технологија“, рече Хуанг.