Oва е време од годината за празнични бонуси, но еден кинески производител на хартија одлучи да ги укине годишните исплати за нешто поздраво - месечна парична награда врз основа на тоа колку вежбаат неговите вработени. „Гуангдонг Донгпо пејпер“ (Guangdong Dongpo Paper), со седиште во јужниот индустриски центар на провинцијата Гуангдонг, ќе испорача бонуси според месечната табела за тоа колку џогира секој вработен. Во голем број македонски компании празничните бонуси се само сон за работниците.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Прогноза: Еврото ќе зајакне во однос на доларот во 2024 година
Американскиот долар е историски преценет и можно е слабеење на валутата на среден рок. Истовремено, помалку песимистичките економски перспективи за еврозоната во текот на 2024 година, како и релативно порестриктивната реторика на Европската централна банка (ЕЦБ) во однос на Федералните резерви (Фед), ќе придонесат за јакнење на еврото, сметаат аналитичарите.
„Прогнозите на повеќето деловни банки за крајот на 2024 година се дека евро/долар (EUR/USD) ќе достигне паритет 1,11-1,15. Во однос на темпирањето на динамиката на движење, се очекува EUR/USD позначително да зајакне од вториот квартал (раст на еврото во однос на американскиот долар)“, вели Ана Николоски, директорка на Дирекцијата за тргување со финансиски инструменти при Комерцијална банка АД Скопје.
Најмногу поплаки за работењето на големите банки во Македонија
Пораст на бројот на поплаките во банките забележува Народната банка во текот на 2022 година, при што и натаму преовладува придонесот на големите банки. Вкупниот број на поплаки доставени до банките и штедилниците во 2022 година изнесува 5.142 наспроти 2021 година, кога изнесувал 4.091 поплака. Во 2022 година од вкупниот број поплаки, 3.751 поплака (или 73 проценти) отпаѓаат само на две банки.
„Бројот на поплаки кај групата големи банки има најголемо учество во вкупниот број поплаки од 90,76 проценти во 2022 година. Групата на средни банки бележи значително намалување на поплаките во 2021 и 2022 година. Групата на мали банки наспроти растот на поплаките (за 21,2 проценти) во 2021 година бележи значително намалување на поплаките во 2022 година (за 44,4 проценти).“, информираат од Народната банка.
„Оилко“ ќе се задолжи кај „Комерцијална“ и „Халк банка“ за преземањето на „Макпетрол“
„Оилко“ КДА Скопје вчера преку Македонската берза соопшти дека има намера да дадe понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од „Макпетрол“ АД Скопје, со што се официјализира постапката за преземање на најголемата компанија на пазарот на нафтени деривати во Македонија.
„Оилко“ се обврзува да ги откупи сите обични акции со право на глас по цена од 67.001 денар за една акција. За таа постапка согласност треба да дадат акционерите на „Оилко“ на собранието закажано за 20 јануари следната година, на кое исто така ќе се решава и за предлогот за задолжување на компанијата кај две големи банки за да се обезбедат пари за финансирање на преземањето.
Цената на струјата во првиот блок се намалува, во третиот и четвртиот блок се зголемува
Регулаторната комисија за енергетика ги објави цените за електричната енергија за домаќинства што ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2024 година. Во првиот блок цената ќе се намали за 5,16 отсто, во вториот блок и за евтината тарифа останува иста, во третиот блок се зголемува за 2,88отсто, а во четвртиот блок за 1,86 отсто.
Според регулаторната комисија, доколку не се имплементирал новиот надоместок за пристап до мрежа, цената во првиот блок ќе се зголемела за 3,1 отсто, за 8,62 отсто во вториот, за 9,46 отсто во третиот и за 4,92 отсто во четвртиот блок, додека евтината тарифа ќе се зголемела за 15,42 отсто.
Златото ги зголемува очекувањата за намалување на стапките в година
Златото поскапе како што започна последната недела од годината, a трговците очекуваат намалување на каматните стапки од Федералните резерви во 2024 година и понатамошно слабеење на американската валута. Со златните плочки се тргува блиску до рекордно високо ниво, насочувајќи се кон првото годишно зголемување во последните три години.
Во меѓувреме податоците покажуваат намалување на ценовниот притисок во САД, што ги зајакнува очекувањата за повеќекратно намалување на стапките во 2024 година. Извештајот минатата недела покажа дека претпочитаниот мерач на основната инфлација на Банката на федерални резерви (Фед) едвај се зголемил минатиот месец и дури и ја следел целта на креаторот на политиката од стапка од 2 процента.