Кога сме онлајн, речиси е невозможно да се избегне сеопфатното око на компаниите како „Гугл“ (Google) и „Мета“ (Meta Platforms Inc.). Сега тие компании имаат можност да ги надгледуваат нашите животи преку уредите за носење, што би можело да направи денешните режими на онлајн надзор да изгледаат како да се од каменото доба.
Експанзијата на моќните системи за вештачка интелигенција (ВИ) кои можат да „слушаат“ и „гледаат“ доведе до создавање уреди кои ефикасно ги претставуваат очите и ушите на оваа технологија. Наместо да останат во нашите џебови, новите додатоци со ВИ може да се носат на очите или околу вратот.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Во свет на електрични возила, кај нас заменета една батерија
Скриеното богатство на 21 век го чуваат батериите на електричните автомобили. Високата побарувачка на електрични автомобили го преплави светот со искористени батерии од автомобилите што веќе не се користат. Овие батерии содржат метали како литиум, кобалт и никел, кои може повторно да се користат по нивното рециклирање. Но во реалноста, наместо нивно рециклирање, тие со години стојат во отпадоците, дворовите или паркинзите.
Батериите што ги има на македонскиот пазар се со гаранција од осум години, а во текот на тие години, ако се појави каков било проблем, истите тие се заменуваат од компанијата што ги произведува.
„Досега од нашето искуство имаме заменето батерија од електричен автомобил од марката ’опел’ со нова, која беше под гаранција, а старата батерија ја побараа од компанијата. Можеби и тоа е првата батерија што засега е заменета во земјава, затоа не можеме да зборуваме за некакво искуство во рециклирање батерии“, вели Дејан Ристовски од „Олимпија моторс“.
Се очекува златото да блеска силно и во 2024 година
Рекордната инфлација и геополитичките тензии поттикнаа раст на цената на златото во 2023 година поради зголемената побарувачка од централните банки и воопшто од инвеститорите, кои во овој благороден метал гледаат алатка за заштита на вредноста на капиталот во услови на општо зголемување на цените на производите и на услугите.
Со оглед на тоа што инфлацијата во изминативе неколку месеци значително спласна, анализираме какви се очекувањата за движењето на цената на златото во 2024 година.
„Проекциите за следниот период се дека позитивниот тренд ќе продолжи понатаму, додека целта за 2024 година во просек е поставен на околу 2.500 американски долари за унца злато“, вели Андреј Пулејков, извршен директор во „КБ Публикум инвест“ АД Скопје.
Пауза на растот на американските акции пред следната бура
Американските акции најверојатно ќе здивнат од нивните брзи добивки пред да пристигне потенцијалниот нов катализатор за раст што е всушност синоним на новата сезона, тврдат од „Опенхајмер асет менаџмент“ (Oppenheimer Asset Management).
Инвеститорите кои едвај чекаат да го видат дополнителниот раст на S&P 500 кој треба да се надоврзе на добивката од 11 отсто остварена во последните три месеци од минатата година, можеби нема долго да чекаат, а американските компании треба да започнат со известување за резултатите на крајот на следната недела.
Доаѓа ладен бран во Европа, енергетските системи на тест
Екстремно студено време ќе го зафати поголемиот дел од Европа кон крајот на неделава, што ќе биде вистински тест за енергетските системи во европскиот регион по благата зима која владееше досега.
Минималните температури ќе паднат под нулата во Берлин и Париз во текот на викендот, покажуваат податоците од „Максар технолоџис“ (Maxar Technologies Inc.).
Се прогнозира дека студениот бран ќе трае и до следната недела, бидејќи ослабениот стратосферски поларен вител влијае на временските шеми над Европа. Синоптичарите велат дека е прерано да се каже колку долго ќе трае таа појава, која генерално носи пониски температури.
Зошто речиси 150 земјотреси ја погодија Јапонија за помалку од еден ден?
Силен земјотрес го погоди северозападниот брег на Јапонија на Нова година. Уби десетици луѓе и повторно ги разгоре стравувањата од цунами што го опустоши северниот регион на земјата во 2011 година. Тоа беше еден од околу 150 земјотреси што го погодија регионот во текот на денот. Јапонија се наоѓа во една од сеизмички најактивните области во светот, а целата земја е изложена на ризик да биде погодена од силни потреси.
Според информациите од претходните земјотреси, постои ризик од 20 отсто да се случи уште еден земјотрес со иста јачина, соопштија од Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА) на прес-конференција...